Прејди на содржината

Моето учество во револуционерните борби на Македонија/Поглавје XLIII

Од Wikisource
Поглавје XLII Во Приштина — Димитар Влахов како управител во Приштина — Албанофилство — Евакуација на бугарската администрација — Размислувања мои, на Ѓорчета Петров, Петар Ацев, Павел Христов и др. во град Феризово (Урошевац) — Бунтови во бугарската војска — Тодор Александров и генерал Протогеров во заштита на виновниците за војната — „Назад кон автономијата“

од Алексо Мартулков
Поглавје XLIV
Јас одамна бев во затегнати односи со владеачките кругови во Велес. Ова го знаеше Киро Камилев и на едно среќавање во Скопје со Димитар Влахов[1] и Арсени Јовков, тогаш кмет во Приштина, им ја расправил мојата положба и оти сум си дал оставка на должноста. Лапов настојувал пред Јовкова да ме земе овој на работа при него во општината. И еден ден во с. Оморани добив назначително писмо од Приштинското општинско управление оти сум назначен во него како комесар. Пишав во Велес да ми пратат заменик, за да можам да заминам за Приштина. Дојде мојот заменик и го напуштив веќе с. Оморани.

По два дена престој во Велес, заминав за Приштина. На пат за таму се одбив во Скопје, каде што имав состанок во едно кафеане со Лапов и Христо Матов. Матов беше началник за особени порачки при губернаторството, а Лапок работеше кај него како помошник. Имавме долги расправии за создадената положба во Азот, Поречето и прилепските села. Јас смело им кажав дека со масовното интернирање на голем дел од населението во тие краишта се прави голема пакост, зашто од тоа страда нашето македонско население. За да стане жртва на српската пропаганда не е виновно само оно, туку за тоа придонеле ред објективни причини обусловени од развитокот на животот кај нас. Освен тоа, подвлеков дека и ние сме виновни, зашто со нашата грешка во минатото, през турско време, особено по востанието, со своите меѓусебни вооружени борби, ние уште повеќе го засиливме и затврдивме влијанието и позициите на Србите во Македонија, а сега со своите дејствија уште повеќе во тој однос ќе им спомогнеме ним.

Но можеше ли да им правам приговори на пијани луѓе во кафеана? Сѐ беше пијано. Требаше човек да ги чека настаните да ги удрат па да поумнат. Но по војната Матов — тој папа на неоврховизмот кај нас — „поумне“, полудувајќи. Лудоста му ја убрза смртта.

Кога пристигнав во Приштина, беше се стемнило. Се пкатив накај општината, но ми кажаа дека се сите на вечеринка во читалиштето, коешто беше под зградата на општинското управление. Го извикав Риза Ризов надвор, зашто не ми се сакаше да влезам внатре при толку луѓе. Со Ризова отидовме во неговиот стан каде што преноќевав. Долго време прикажувавме за актуелните прашања и се запознав со положбата во Приштина.

Другиот ден ја примив должноста. За вечерта ме настанија во едно српско семејство. Кога ме одведе таму полицискиот агент, домакинот ме пречека многу студено. Затоа се чувствував многу неудобно. Но по малку заврзав разговор со него и успеав да го предрасположам. Од него научив дека снабдувањето на Србите во градов со животни продукти и др. било многу лошо, бидејќи магазионерите во кварталните магазини биле Албанци, а и повеќето од кметовите биле од нив. Овие правеле разни малверзации при раздавањето на прехранбените продукти фаворизирајќи го албанскиот елемент. Уште многу други непријатни работи ми расправи.

Навистина, во општинската управа повеќето чиновници беа Албанци, а во тричлената општинска комисија, како помошници на кметот беа видни водачи на Албанците во Приштина: Џемал беј, син на прочуениот Сулејман паша и „Турчинот" Суди ефенди. Српскиот елемент беше елиминиран како неблагонадежен. Имаше само неколку второстепени чиновници Срби.

Јас се зафатив да поставам подобар ред при распределбата на најнужните прехранбени продукти, особено лебот. Со постојана и ефикасна контрола ги натерав магазионерите и маалските кметови да не прават произволи; некои магазионери дури и ги сменив. Во тој однос бев поткрепен од кметот Јовков. Тој имаше полна доверба во мене и ми беше дал „карт бланш“ за да ги уредам тие работи. Во општината му станав десна рака.

Тогаш во Приштина окружен управител беше мојот стар пријател и другар Димитар Влахов. Во Приштина имаше собрани и настанети во општинското управление доста прогресивни луѓе, на пример Ризо Ризов, Ѓорѓи Богданов, еден од атентаторите во Солун, Таке Кушев и др. — повеќе од Велес. Ние бевме покровителствувани од другарот Влахов, а и ние му бевме добри помошници. Но тој беше одзван од Приштина и како главен претставник на СЕОП испратен во Цариград, а после во Одеса. (Но тоа стана на околу една година од моето доаѓање во Приштина.) За окружен управител беше назначен Брадестилов од Пазарџик, дотогашен градоначалник во Приштина, инаку радославист по партиска припадност. Градоначалник стана синот на генерал Бојаџиев. Тој беше пијаница, правеше големи произволи и просто не се трпеше.

Но наскоро по заминувањето на другарот Влахов беше отпуштен Ризо Ризов, кого го мразеа патриотарите. За мене беше тешко понатамошното престојување во Приштина, зашто бев лишен од старите пријатели. Но немаше што да правам, требаше да се трпи.

Една вечер на еден банкет во окружното управление ќе дојдеше до скандал меѓу мене и градоначалникот Бојаџиев. Тој се нафрли против мене со обвинението дека сум бил опасен елемент и дека би требало да бидам ставен в затвор, зашто местото ми било таму. Сум си го распашал појасот како социјалист и сум добивал голема пратка од 20 примероци на „Работнически весник", којшто се растураше сред тукашните граѓани и војници „во денешно време и тоа во Приштина, тоа е опасен акт, престапление од државен карактер“ итн. Но тој наскоро ќе преземел потребни мерки против мене.

Му одговорив: „Вистина е дека јас сум социјалист и тоа многу одамна, уште од турско време. Та затоа не откривате некоја голема тајна! Исто така не одрекувам дека ја добивам пратката на Работнически весник" на мое име и тоа по мое сакање. Но весникот се продава отворено во книжарницата, а не потајно. Законите на царство Бугарија не ми забрануваат да сум социјалист, а и весникот се издава јавно и не е забранет. Ете затоа не ме плашат вашите закани и ве молам да престанете со нив, зашто вие сте слаби да можете да ми направите нешто!“ Тој се исцрви како рак и се затраја. Поголем скандал беше избегнат.

По едно време ми дојде назначително писмо за член на цензурната комисија во Скопје. Но јас не отидов, туку си останав во Приштина.

При наближувањето на крајот на војната беше сменета владата на Радославов и дојдоа на власт демократите.

Приближно во тоа време почнаа да доаѓаат од партизаните, чиј што штаб беше во Тетово. Командир им беше капетан Лефтеров, бивш врховистички војвода, инаку многу чесен и храбар човек. Во партизанските одреди се наоѓаа мнозина мои познајници од минатите борби во турско време. Меѓу нив имаше и мнозина централисти.

Штом ќе пристигнеше некој од нив, веднаш ќе дојдеше кај мене. Јас по таков начин станав главниот центар од кој тие сакаа содејство било за да им најдам стан, било да им набавам превозни средства за нивното движење во Приштинскиот округ. Се разбира, веднаш можев да ја узнам целта на нивното раздвижување.

Имаше веќе несогласици меѓу австриските и бугарските окупаторски кругови за владеењето на Космет. Бугарите ги подозираа Австријците дека сакаат да ја рашират нивната окупациона зона скоро во целиот Космет и по тој начин да ги истиснат Бугарите зад Шар, во Македонија. Бугарите подозираа дека Австријците ќе го сторат тоа преку Албанците — мнозинството од населението во Космет.

Партизаните се стремеа да започнат еден курс на „албанофилство“, за да можат да ги спечалат Албанците на своја страна. Заради ова и Лефтеров на двапати дојде во Приштина и влезе во врска со мнозина видни Албанци од градот. За истата цел дојде во Приштина и губернаторот на Скопје генерал Тошев. Нему му беше приреден голем свечен пречек. И тој покани мнозина од албанските првенци на аудиенција, правејќи се љубезен со нив и ветувајќи им дека ќе бидат преземени потребни мерки за да се подобри животот на албанското население.

Мнозина нелегални Албанци: разбојници или убијци забегнати в шума — преку нивни блиски со кои се влезе во врска — беа „амнестирани“ и се легализираа. Имаше веќе хуриет! И тој хуриет се рашири во Приштина и други градови и легализираните албански разбојници и убијци се движеа без да бидат обезоружани. Со нив се движеа извесни партизански групи. Некои од партизаните одеа во Митровица за да узнаат нешто повеќе за намерите на Австријците. Некои грагани на Митровица, Македонци што живееја таму, им беа на услуга. Но податоците што ги добиваа беа многу противречни. Отиде таму и полковник Крстев, началпик на скопскиот гарнизон, но и тој не можеше да узнае нешто повеќе.

Капетан Лефтеров ме помоли да отидам јас во намерите на Митровица и да научам поподробно за кога веќе беше Австријците. Но се ова стануваше јасно за сите дека наближува крајот на војната и дека крајот е катастрофален за централните сили!

Јас се согласив да отидам во Митровица. Таму имав многу познати. Преку нив можев да се сретнам со некои кругови блиски на австриските власти. Тие ми кажаа дека Австријците сега се вонредно многу загрижени за постоењето на нивната држава. Затоа многу е глупаво да се смета оти тие ќе мислат сега за некакво раширување на својата окупација во Космет, дури до Шар. Напротив, тие се готват да бегаат дури и од Митровица. Гласовите за намерите на Австријците да ја прошират окупационата зона се пуштаат од кругови на кои им е во интерес заплетувањето на ситуацијата во тој правец.

Сѐ ова му го соопштив на Лефтерова преку негови луѓе. Но до крајот на војната многу од партизанските групи останаа да се движат низ Приштинскиот округ. Од две одделенија имаше и во Приштина.

Но наскоро по идењето на демократите на власт доаѓа во Приштина и министерот за внатрешни работи Михаил Такев. Беше пречекан многу свечено. Имаше доста средби со видни приштински граѓани. При испраќањето — пак почести и свечености. Наскоро по тоа окружниот управител и градоначалникот беа отпуштени, а кметот Арсени Јовков беше преместен во Призрен. Јас бев поставен за кмет на град Феризово, сега Урошевац. Но нити јас отидов во Феризово, нити Јовков отиде во Призрен.

Се гледаше веќе крајот на војната. Положбата на фронтот почна да се расклатува. Стана пробивот на Добро Поле во резултат на сојузничката офанзива. Отпор беше невозможен, зашто уште пред пробивот зачестија бунтови во бугарската армија и насекаде се зборуваше за сепаратен мир. Меѓутоа, новата влада на Демократите не зеде поука од тоа, ами со сите сили настојуваше да ја продолжи војната.

Но, по пробивот, дојде до панично отстапување на војските, особено во центарот, и после до безусловната капитулација. Пред да биде склучено примирјето, дојде наредба за евакуирање на установите и архивите. На брза рака го приготвивме багажот за да го испратиме заедно со архивите и со чиновничките семејства за Бугарија. Но истиот ден дојде друга телеграма во која се наредуваше да не се евакуираме, зашто отстпувањето[2] на војските од западниот фронт ќе стане низ Космет и понатаму, та веројатно и воените операции ќе бидат преместени наваму кон Космет. Се вратија и архивите и чиновниците и некои семејства до втора наредба.

Нова наредба за евакуирање дојде, но тоа се изврши веќе преку Подуево, Куршумлија, Прокупље, Ниш, Пирот. Архивите и чиновниците со семејствата ги испративме натоварени на воловски и биволски коли, реквизирани од Приштина и блиските села. Исто така беа евакуирани и затворениците. Меѓутоа, Албанците и отпорано „легализираните“ качаци во Подуевска околија ја напаѓаат воената охрана при префрлањето на границата на Стара Србија со цел да ги ослободат затворениците и да ги ограбат луѓето што отстапуваа. Благодарејќи на помошта од партизанските одреди и од војската, Албанците не ја постигнаа својата цел а дадоа големи жртви. Последни отстапивме: јас, кметот, администрацијата и полицијата.

Во тоа време јас заминав за град Феризово, за да го приберам задолжението од еден тамошен Албанец, прекупувач на интизапот во Приштина. Уште по патот за Приштинската станица дојде веста за склученото примирје во Солун меѓу Бугарите и силите на Антантата. Во Феризово најдов бегалци што отстапуваа накај Гилани, а од таму за Бугарија. Меѓу нив беа Ѓорче Петров, Петре Ацев, Павел Христов и други македонски величија.

Се собравме во една кафеана, каде што тие се одмараа, се разбира, при чашка ракија и заврзавме разговор по прашањето што најмногу нѐ мачеше: каде бевме и каде одиме? Бесцелно беше да ги гледаме нашите грешки, зашто тие беа очевидни и никој немаше храброст да ги одрекнува. Интересно беше искажувањето на Павел Христов: „Нашите грешки се веќе престапление и тоа со големи историски последици. Но сега можеме да земеме поука од станатото, за во иднина да гледаме да не се повторуваат веќе. Треба да ги оставиме веќе различните расправии и разлики меѓу нас и да изградиме единствено национал-револуционерно движење, за да можеме да го поправиме стореното зло. Зашто со овој крај не свршува историјата!“.

Јас реков: „Примерот е даден од Русите. Само ако земеме поука од нив и ако тргнеме по нивниот пат, ќе можеме да го поправиме злото и да се ослободиме. За во иднина тие ќе ни бидат учителите и само учејќи се од нив ќе можеме да го постигнеме она што веќе се налага од настанатите животни услови на нашиот народ. Да гледаме веќе на Исток, зашто сонцето на слободата оттаму изгрева и животот оттаму иде. Запад ни носи нам само темнина и ропство.“

Ѓорче Петров се сврти накај мене и ми рече: „За тебе е лесно, Бизмарк, како социјалист да дојдеш до тој извод, но ние — несоцијалистите — тешко ќе може ме да ја симпатизираме и смелеме твојата идеја“.

Му одговорив: „Во иднина мнозина ќе станат социјалисти и несоцијалистите ќе станат нивни придружници, ако сакаат да направат нешто полезно и да придонесат за разрешувањето на македонското прашање. Вооружени со принципите на научниот социјализам, нашите национал-револуционери ќе можат правилно да се ориентираат. И нема веќе македонското национал-револуционерно движење да стигне до ова дереџе. Ако не станете социјалисти, сепак ќе треба да се учите од социјалистите за да не грешите веќе. Ете тогаш ќе се создаде и она единство за кое зборуваше и Павел Христов.“

Времето поминуваше во разговор и пиење во кафеаната. Во такви моменти немаше време за занесување и требаше да се брза. Се разделивме со пожелувања да се видиме пак здрави и живи. Тие си заминаа за Гилани, а јас пак назад за Приштина.

Утредента почнавме веќе трескаво да се готвиме за бегање. Се упативме накај Подуево и натаму преку Ниш за Бугарија.

Еден ден можевме во Софија да се собереме сите распрснати од различни краишта. Кога се среќававме секогаш радост чувствувавме дека пак здрави и живи се видовме во Софија. На мнозина при тие средби, придружени со извици и зачудувања, јас им расправав една турска прикаска. Имено, еден ден волкот и лисицата и при разделбата волкот ја запрашал лисицата: „Каде ќе се сретнеме пак?“ Лисицата му одговорила: „Во кацата на ќурчијата.“ Нема што да се чудиме: ќурчиската каца за нас е Софија!

Се судривме со страшната стварност. Перспективите беа нерадосни. Каде и да се зберевме познати Македонци, првото прашање ни беше: „Како стана оваа работа со ваков крај?!“

Во Бугарија — уште пред крајот на војната — назреваше бурата што се разрази над виновниците за војната. Демократите што беа на власт ги имаа веќе во своја услуга и нашите неоврховисти — царските преторијанци — тодоралександровци и генералпротогеровци за да ја спасат ситуацијата, и виновниците од бугарско и македонско потекло, и династијата. По пробивот кај Добро Поле бугарската армија отстапуваше панично. Голем дел од разбунтуваните војски настапу- ваа кон Софија за да се справат со виновниците.

Владеачките кругови во Бугарија прибегнаа до помошта на уапсените водачи на Земјоделскиот сојуз, фрлени во затвор поради нивната борба против учеството на Бугарија во војната на страна на централните сили. Беа ослободени Стамболијски, Рајко Даскалов и др. Овие отидоа во Радомир каде што ги сретнаа разбунтуваните војски. Место да ги смират, тие се ставија на нивно чело. Земјоделските водачи се обрнаа и кон тесните социјалисти да го поткрепат бунтот. Меѓутоа овие, лишени од марксистичко-ленинистички погледи и од револуционерни традиции откажаа да интервенират во бунтот. И така, место да се стремат стихијно-бунтарскиот карактер на движењето да прерасне во организирано револуционерно движење, за да се постигнат возможно најдобри резултати, тие го испуштија многу благопријатниот историски момент. Грешка што донесе тешки последици и причини вонредно многу скапи жртви.

Во задушување на бунтот зедоа учество и неоврховистите, на чело со генерал Протогеров, член на ЦК на ВМРО. Тој ја зеде главната команда на војските испратени против бунтовниците што настапуваа кон Софија. Тој, со помош на германците и нивната артилерија, успеа да ги разбие бунтовниците при Књажево, по цена на изобилно пролеана крв на бугарските синови. Имаше многу убиени и ранети.

Ете така нашите неоврховисти, царски преторијанци, ја изиграа својата „улога“, ги спасија главите на буржоазните креатури, одговорни за катастрофата на бугарскиот народ, а ја спасија и династијата. Царските демократи, што владееја тогаш во Бугарија, беа принудени, со болка на срцето, да го експедираат за Германија нивниот драг цар Фердинанд и на упразнетиот царски трон го качија син му Бориса — достоен син на татка си, којшто исто како него му нанесе огромни несреќи на бугарскиот народ, а и нам, на Македонците.

Непосредно по војната, нашите преторијанци на чело со Тодор Александров, генерал Протогеров, Каранцулов, Георги Кулишев, Никола Милев и др., образуваа временен Врховен комитет на македонските братства и друштва што веќе не постоеја. Првата работа на тој комитет беше — се разбира, по порака од неговите патрони — да упати една петиција од „името на македонскиот народ“ до мировната конференција во Версај. Во петицијата се пледираше за присоединувањето на Македонија кон „мајката татковина“ Бугарија. За да има што поголема вредност петицијата луѓето во Врховниот комитет испратија низ целата држава емисари, за да собираат потписи од македонските емигранти. Иако акцијата наполно не успеа, беа собрани доста потписи.

Во оваа своја „народополезна“ акција — за да ја намалат одговорноста за војна, претставувајќи ја како „ослободителна“ а не империјалистичка, — по оваа своја „великопатриотска“ акција за „татковината“, тие се зафатија да ги обноват македонските братства и друштва.

Исто така се раздвижи и македонската прогресивна емиграција. Видниот деец на ВМОРО Димо Хаџи-Димов излезе со една поголема брошура: „Назад кон автономијата“, во која докажуваше дека потем пропаѓањето на каузата за создавањето на Велика Бугарија, чии што најревносни носители беа нашите врховисти, — време е македонските револуционери да ги обноват старите идеали и „традиции на нашето минато“ решително и смело да го издигнат лозунгот за а в т о н о м и ј а т а.[3]

Исто така и серчани излегоа со отворено писмо до македонскиот народ за восприемање на старите принципи и начини за борба и постигање на старите цели на нашата ВМОРО, и главно за смело издигање на стариот лозунг: автономијата.

Наводи

  1. Грешка од авторот, морало да стои Лјапов
  2. Правописна грешка во самото издание.
  3. Разделено се напишани буквите во самата книга.