1
Ој ти тебе, боже, мили боже,
што ми правиш чуда и нишани,
да си чуди сета рисјанштија,
да се слави твоето свето име,
да се слуша од века до века! . . .
Сполај богу за чудо големо,
дека ќе се чудо нагледаме.
2
Шетба шета Марко Прилепчанец,
шетба шета земја по крајина . . .
Ми пријавнал коња шаренога,
шаренаго коња, дебелаго,
дебалаго коња, кршигоро;
ми наложил самура калпака,
на калпакот до три огледала,
а на ними перја паунови;
ми засукал мрка мустаќина,
еден мустак до три руна црни;
ми намуртил очи соколови
и над ними веѓи пијавици
како црни крилја ластовички;
ми опасал сабја дипленица,
што се дипли дванаесет пати,
што се носи коњу под гривата,
и ми сечи дрвја и камење.
А на седло, богме, ми приврзал,
што приврзал тешка боздогана,
што е тешка шестотини ока;
в рака држи она војно копје,
ко јасика тонка извишено;
се наметнал с гуна кабаница,
ми црнее како темен облак.
Кај да стапи Шарец добра коња,
било спилје, ил стеновит камен,
ми потонва коња до колена.
Од што ми е сила у јунака,
и притема мајке црна-земја,
од тежина грда носеејќи,
та ми јачи кутра црна земја,
ем ми јачи ко лиот се тресе.
3
Чудо гледа ѕвезда Вечерница,
чудо гледа, чудо невидено,
кај ми шета Марко Кралевиќе,
дур ми спотнал од велика сила,
а не знае со неа што да стори;
зашто нема јунак спроти себе,
нити јунак, нити лошотија,
нити ламја, нити аждер лути,
нити вила, нити самовила,
нити некоја горска димна јуда.
Шета Марко земја по крајина,
ја земја е тажна пустелија,
та си нема с кого да се срети,
да се срети, дума да си дума,.
Ми погледа горе на небеси,
ми ја виде ѕвезда Вечерница,
кај ми грее и јасно се смее,
и и збори Марко Кралевиќе:
— А еј гиди, ѕвездо Вечернице,
ќе те прашам, право да ми кажиш
ево шетам земја и краина,
сум ишетал сите кралевини,
нигде јунак нема спроти мене,
нити јунак, нито лошотија,
нити ламја, нити димна јуда.
нити аждер, нити самовила.
Ти си грееш горе од високо,
и се пулиш редом надалеко —
дали има јунак спроти мене? —
И му вели ѕвезда Вечерница:
— Ој ти тебе, Марко Кралевиќе,
нел ме питаш, право ќе ти кажам:
јас си грејам горе од високо
и си гледам земја надалеко —
како тебе јунак не си видов,
не е било, нити пак ќе биде. —
Бог да бие Марко Прилепчанец,
што ми рече дума неразумна,
што си стори пуста будалштина,
та погуби своја јунаштина;
тога рече Марко Кралевиќе:
— Ој ти тебе, ѕвездо Вечернице,
уште мене јунак не познаваш.
Слушај мене, ѕвездо Вечернице!
Да ми слезе господ од небеси
и со него на мегдан излегвам.
Крај да има мајка црна земја,
с една рака неа ќе поткренам! —
Слуша него ѕвезда Вечерница,
ништо Марку ѕвезда не отвреви,
саде и се лице затемнило,
затемнило, мошне замаглило,
побрзала, под облак се скрила,
та од што и жалба припаднало,
проронила солзи низ облака
и ми паѓат солзи од висина
како роса долу на земјата.
4
Шетал Марко, мало што прошетал,
мачна му е Марку шетачката,
си умори Шарца добра коња,
од тонење в камен и кремење.
та го бие Марко Кралевиќе
с топузина меѓу црни очи.
Се разиграл коња пеливана:
се затресла кутра црна земја,
јачи, татни кутра црна земја,
завејале силнине ветрови,
прибучали реки и езера,
заиграло она Црно море,
и со него убаво Бело море,.
Силно море бучи и клокочи,
планињето трештат, се прекршват:
се уплашија луѓе по градишта
и зверои в глобоки пештери,
сите тишки мали по земјата,
ми писнаа сите во гласови,
кај ми викаат, до бога се слушат.
Сполај богу, лепо што послуша,
та погледа долу на земјата,
кога гледа кутра црна земја
кај ми јачи, ко лиот се треси.
На господа вишни се смилило,
оти видел земја не ќе може
таква сила грда да понесе.
Тога слезе горе од небеси,
се престори н’ еден стари дедо,
та си зеде торба малечкава
и со земја торба ја наполни;
благослови еднаш и двапати
и се стори торба по тежина
колко сета мајка црна земја,
пак си седна господ на крстопат,
кај ќе мине Марко Кралевиќе.
Ете ти го Марко се зададе,
од планина скока на планина,
а пред него магли и правои,
а зад него дождој и камење,
што и фрлат коњот со копита.
Кога дише Шарец добра коња,
од ноздри му пламен излегува,
а од уста таа бела пена,
бела пена со крв размешана.
Кога гледа Марко Кралевиќе
во полето, по бели друмови
кај ми иди еден стари дедо,
на грб носи торба малечкава,
како стигна на пат на крстопат,
седна дедо малу да почине.
Го пристигна Марко Кралевиќе
и му вика уште оддалеко:
— Добро вечер, дедо, стари дедо!
Што те тебе нужда дотерало
да ми одиш по ниедна доба,
по пустава земја по краина,
со онаква торба малечкава? —
Му говори оној стари дедо:
— Дај бог добро, страшна алетино
нел ме питаш, право ќе ти кажам:
и јас шетам земја и краина
со оваа торба малечкава,
туку ми е тешка и претешка,
та не можам торба да поткренам,
ти се молам, незнајна делио,
поткрени ми торба малечкава,
да ја дигнам, на грб да ја носам.
Се насмеа Марко Кралевиќе,
кога виде торба малечкава,
пак не може дедо да ја крени
и пресегна свое војно копје
да покрене торба малечкава;
кога крева, торба не се крева,
ми прифати копје со две раце,
кога дигна право наугоре,
се прекрши на две половини.
Чудо гледа Марко Кралевиќе,
на очите свои не верува,
ми натера Шарца добра коња
да приближи близу до торбата,
ми пресегна со рака десница
и ми фати торба малечкава,
ми ја фати со малото прсте,
кога тргна право наугоре,
ми издивна Шарца добра коња
и смал’ душа Марку проговори:
— Ој ти тебе, Марко мој стопане,
ми прекрши сите коњски коски,
ми искина мојте јаки жили,
ми погуби сета моја сила. —
Кога гледа Марко Кралевиќе,
што да види, чудо невидено —
ми потонал коња до колена,
а торбата не е помрднала.
Се налути Марко Кралевиќе,
та ми скокна од коња на земја
и ми клоцна торба малечкава
со сѐ сила со десната нога,
десна нога него го заболе,
а торбата уште не мрднува.
Уште појќе Марко се налути,
та ми фати торба со две раце,
со се сила крева наугоре,
а со нозе тоне во кремење —
крвав пот му капе од лицето,
пусти очи му се испулиле,
ќе м’ испрснат очи од глобови,
од што е заби притиснало,
уста му се крви наполнила,
тога одвај торба помрднало.
Ко се запна Марко уште еднаш,
ми поткрена торба до две педи
на висина горе од земјата.
Исплуштеа коски јунакови,
му се скина нешто од срцето
и се стресе Марко Кралевиќе,
си испушти торба на земјата,
кога гледа, с нозе ми потонал
во каменот дури до колена.
Тога вели оној стари дедо:
— Ој ти тебе Марко Кралевиќе,
дали значеш што тежина креваш? —
Одговори Марко Кралевиќе:
— Ој ти тебе, дедо, стари дедо,
што ќе биде ова велјо чудо?
Што тежина има во торбата? —
И му вели оној стари дедо:
— Ој ти тебе, Марко Кралевиќе,
ти поткрена сета црна земја!
Дали имаш сила јунаштина
да излезиш сега да се бориш
со господа вишни од небеси? —
Одговори Марко Кралевиќе:
— Сполај богу, за чудо големо,
што сум било лудо, неразумно;
кога не можам торба да поткренам,
как ќе можам на мегдан д’ излезам
со господа вишни од небеси!
Тога рече оној стари дедо:
— Ој ти тебе, Марко Кралевиќе,
кога с копје торба поткреваше,
ти изгуби сила половина,
кога с прстот торба поткреваше,
си изгуби уште половина,
кога с раце земја поткреваше,
си изгуби и та половина,
кога торба веќе ја поткрена,
си изгуби сета прежна сила.
И отсега благослов ти давам
пак да бидеш јунак над јунаци,
ама к’ има појунак од тебе,
не ќе можеш само со јунаштво,
да надбиваш незнајни делии,
а повеќе ними ќе надбиваш
со итрини и со измамвање! ... —
Тоа рече, дедо се загуби.
Се зачуди Марко Прилепчанец
и ми тргна по бели друмови,
не ми оди како алетина,
туку оди кротко и полека,
солзи рони по бели образи,
раце крши од бели колена,
солзи рони по бели образи,
раце крши од бели колена,
жалба жали за напрежна сила,
што погуби своја јунаштина.
Та се врати во Прилепа града,
тамо се е младо оженило,
останало кралство да си држи,
да си варди земја по краина.
Оттогаш Марко Кралевиќе
со итрина фати да се бори.
5
Заман било, време поминало,
останало песна да се пее,
да се пее, да се прикажува,
да се слави божје свето име
за да слуша сета рисјанштија.
Дур не било, не би се пеало,
што слушало, сѐ весело било.