Прејди на содржината

Магарињата и самарџијата

Од Wikisource
Магарињата и самарџијата

од македонските народни приказни
Приказна за животни од Прилеп.

Во старо време, кога зборувале и магарињата како луѓето, тики се собирале многупати наедно и
мезлич си праеле. Во едно собрание еднашка беа отвориле збор за самарџијата, што им ги праел самарите.

— Слушајте бре, браќа — рекло едно од магарињата, — што ми текна, за да ви кажам (сите беа навртеле долзите уши кај тоа магаре, за да слушает што ќе кажи): јас велам, оти од нас полоши и потаксиратлии не ќе имат! Ама што ќе речите? Најтешки тоари ние ги носиме и најлошата рана нам ни се дава од стопаните, да ја јадиме. Потребало земја да носи некој од стопаните, брго тоарете го магарето; му потребало на некого песок да си донеси од река, од нас ќе земи некој и ќе не тоари, дур збират кутиите, али сандаците, али кошеите; ама оти песокта била жива вода водена, ич не му пишуат на тој, што те тоарат, тој туку ќе си фрла со лопатата, дури берат сандачињата. Се погодуват некои луѓе за сеир да гледат, коа тоарат некој песок на некое од нас, и му велат на тоарачот:
— Море, доста врга песок, бре чоече, оти е водена, да многу ќе му тежит на магарето и садна ќе му отвориш!
— Море, магаре така се тоара, да садна, мадна, што сака, нека отвора, од тоа, тоа не пцовисуа!

Не саде за тоа така ни праат, бре браќа, ами за се нешто. Вие сами знајте како ве тоарат, што да
ви редам ја едно по едно и да ве забаам.

— Колку за тоа, братко, така си е, као што кажа
— му рекло друго едно магаре, — ич не жалат стопаните, коа да ни тоарат. Проклетите дрвари па, откоа ќе ни тоарат со најтежок тоар в планина, ќе ни клаат и неколку цепаници в седеље и терај го патот. Што да можи, ами ти се виткаш под пустио самар, што ти лежи на плешките и ти отворил садна, тој нејќи да те знаит, само те тепат по заднико со пустото вастагарче и те карат, и те колнит за пците да те јадат и волците. Ете вака, браќа бре! Да сега мислете да се бара некој крај, та и ние да поживејме на овој век малце пораат.

— За да поживееме и ние пораат, браќа — рекло треќо магаре, — треба да молиме бога три дни и три ноќи, за господ да го умрит самарџијата, што ни ги прај самарите, за да нема кој да праи самари, и да куртулисаме од тешките тоари и од пустите садна. А, што велите, браќа? Арно велам, али лошо? Од молење бога, за да умри самарџијата, друго нам не не пери, али молење бога три дни и три ноќи да се молиме, да ако ни послуша господ молитвата, као што ви велам, да ни го умрит господ самарџијата, бездруго ќе се куртулисаме од тешките тоари и од садната.

Откоа го ислушаа тоа магаре друзите магариња, сите беа го пофалиле и „брао“ беа му рекле, оти му фатил умо тоа нешто да кажи. Беа се раскакале, беа се разрипале, току-така пеплишта беа се накревале од рипањето и скакањето. Откоа беа се уталожили малку, беа клекнали на коленици и почнале да викат и бога да молат, за да му го умри самарџијата.

Во тоа време едно старо магаре беше ее истаило баеги скраја од сите магариња и беше си легнало во едно пепелиште и почнало да се прпелат; и прпелајќи се, од зор, што му иделО, коа се превртувало, тики се отрвало, со опроштение. Коа го чуле друзите магариња, се опулиле кај него и коа го виделе, на чудо беше станале и дале вик по него:
— А бре, старо недугао и неразбрано, а бре сега најде да се прпелаш, таман коа сме во молитва, пту бре, бесрамнику! А бре, што не дојдиш вамо и да се молиш на бога, та господ да го умри самарџијата и да куртулисаме од садната, ами се прпелаш тамо и ни баре откај си. Зер само ние да се молиме и ти наготоо да се куртулисаш од садната? — му рекле.

Коа и чуло тие зборои старото, магаре од друзите магариња, рипнало на нозе и му рекло:
— Тешко и горко на умот, што, го носите, море магариња! Ама оти, ќе речите? Ами ако се молитебога, за да умри тој самарџија, ами лели друг ќе има, бре будали, а па другио самарџија, што ќе ни и праит самарите и ќе ни затегнуа садната, тој не ќе знаит, како што знаит овој, што го имаме досега. Разбравте сега што ви кажав, али не разбравте? Наместо да се молите на бога, да ни умри самарџијата, што ни затегнуа садната, молете се да ни е жив бре, за да ни праи самарите и да ни оптегнуа садната, да ако си имаме по две-три садна на плеќите. Оти со друг самарџија по тринаесе ќе имаме и па малце ќе ни бидат, знаите али не знаите?

Кога чуја тие зборои магарињата од старото магаре, сите се увериа, оти е така, и се наведиа да се молат, за да им е жив тој самарџија, што им праел самарите дотогај. При сѐ што се сите магариња будали, арно ама и во нив се наоѓа по некое итро, да ги научи да не грешават.

                                                               *
                                                     *Втора верзија*

Еден друг прикажуач ми ја прикажуал оваа приказна малку поинаку. Еве како:

Откоа му се смачило на магарињата од тешките работи, се собрале на некое место за да си плачат алот и да бараат некој крај. Зедоа, дадоа зборои. Еден едно рекол, друг друго, никако не можеле да дојдат во еден збор за да најдат некој крај за раат да живеат. Најпосле едно старо магаре му текнало и му кажало на друзите магариња од ошто му била најголемата мака; најголемата мака му била од самарџијата, му рекол. Коа го чуле тој збор друзите магариња од старото магаре, сите поверуале и мунасип нашле за да го удаат самарџијата во некоја река. На часо отишле до една река за да видат али е длабока за да го удаат. Во истото време дошле стопаните и 'и забрале магарињата, та си 'и отерале дома и на работа.

Ете од тој себеп магарињата, коа да прегазуат некоја река, ќе се мочаат в река за да се наголемит реката, — за да можи да го удаит самарџијата. И магарињата праат како пците, што се душат кај носо и кај газо за да го бараат верманот што ќе го носеа кај царо и му се удаи в река. Да коа ќе го најдат пците вермано, тогај ќе го удаат и магарињата самарџијата.



Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е непознат/народно творештво.