Прејди на содржината

Лисицата и воденичарот

Од Wikisource
Лисицата и воденичарот

од македонските народни приказни
Приказна за животни.

Еден воденичар мошне крадел брашно од тие што мелеле кај него. Арно ама што ти велаат:
„Што ќе сториш ќе си најдеш", да и воденичарот колку брашно дење ќе украдеше, сето ќе му го издеше една лисица ноќе, и не ѝ втасуало, ами и паспало му го јадела дури. Денеска, утре, тој кради, таја јади, аир не можел да види, голема мака му било, в кожа ќе си пукнел дури, одошто инает му идело на лисицата.

Една вечер беше наставил една стапица со нешто стрвност, и лисицата дошла за да јаде брашно. Кога видела на стапицата нешто послатко, беше ѝ се пријало. Арно ама итрата лисица со обете нозе в стапица беше ти се фатила.
— „А сега, кума лисо, али ти беше што ми го јадеше брашното ѝ рекол воденичарот. Почекај сега да ми ти го одерам кожинчето, та да си го продадим и да ми платиш брашното што си ми го изела досега“.
— „Аман, воденичарко, немој да ми го одереш кожинчето, оти јас можам да ти направам големо добро“, му рекла кума лиа.
— „Ја кажи, мори лисо, што добро можеш ти да ми сториш, ѝ рекол воденичарот“.
— „Јас можам, воденичарко, да те сторам царев зет, му рекла лиса. Саде ти али сакаш кажи ми, да во една недела ти ја свршуам“.

Се подумал воденичарот и си рекол со умот:
„Ај ќе ја пуштам, да ако ме направи царев зет, ќе ја удрам дропката; а пак ако ме излаже, уште еднаш ќе ѝ биде страв да иде за да ми го јаде брашното и паспалот. А пак досега што јала, не оти јала од мое, та од светот што сум го крал. Така беше дошло така беше ошло".
Од кога се премислел воденичарот, беше ја пуштил лиса:
„Е ај, мори кума лисо, ќе те пуштам, ама ако не ми ја свршиш оваа работа и да ме излажеш, тешко тебе после, ако те клаам в рака".
— „Море али сакаш, бре воденичарко, та тоа гајле мое е“, му рекла лиса.
— „Оф мори лисо, ѝ рекол воденичарот, ами кој нејќе со владика да руча та и јас да нејќум царева ќерка“.

Отишла кума лиса кај царот стројничица и излегла пред царот.
— „Што има, кума лисо“, ја прашал царот, аир абер.
— „Аирлија ишала ќе биде честити царе, му рекла лисицата, чунки сум ти дошла стројник за ќерката ти да ти ја сакам за Тумбурли бега“.
— „Мошне арно, кума лисо, рече царот, туку за кого ќе ја сакаш е некое момче арно и богато“?

„Колку за момчето, честите царе, од голема работа, му рекла лиса, од отшто е лично, ти иди да го испиеш во чаша, а пак негова богаштина ја нема во веков. Што има една воденица, не знам со колку камење е стоката негова. Тој со рака не ја фаќа, ами со лопата ја збира - ете вака да знаеш, честити царе. Јас ти мислам доброто твое, мене не ќе ми влезе нешто в пазува та за да те лажам. Прави што правиш, одовдека кај што сум дошла јас, раката да не тргаш, да ако ти излезе лошо, мене да ме колнеш".
— „Е, лели толку ми фалиш, мори кума лисо, еве ќе те веруам, ај нека е аирлија, дај нишанот“.
— „Тамам, а, ете така де, нека е аирлија, еве сега ќе одам кај Тумбурли бега за да го донесам нишанот, чунки не знаев оти ќе ја дадеш, та затоа не донесов нишан“.

Отрчала лисицата на бања и нашла еден прстен и едно рало обетки оставени на една бовча со алишта, од една најбогата жена од градот, полека-лека се прибрала и ги украла, та му ги однесе нишан на царот и ја свршила ќерка му за воденичарка.

Дале зеле зборои и си врзаа збор за до неделата свадбата да ја направат. До неделата курдисал царот свадба да прави, и кума лиса го повела воденичарка по себе за по невеста кај царот. Туку се чудел воденичарот како може царот да му ја даде ќерката му на еден воденичар. Тој тоа не го веруал, ама се водел по лиса, да види до кај ќе го однесе.

Штотуку го донесла до едно вириште, батачиште и го натерала да влезе во батакот да се избрбешка сиот во кал, и отрчала лиса кај царот да му каже. Излегла како ѓоа е многу исплашена. Збивајќум му рекла:
„Оф, јас сирота, што ме најде, честити царе?"
— "Што е мори лисо?" ѝ рекол царот.
— „Море како што е, честити царе, кога сите сватои ми се удавија во батакот, само Тумбурли бега сум ти го извадила. Ете кога те милуа, сполај му на Бога, ти го куртулиса, туку те молам прати еден такам алишта да го промениме и една кочија да го донесеме".
Бргу царот заповеда да му однесат алишта и една кочија. Го променила убаво лисицата и влегле в кочија, та му го донесла кај царот зетот. Му бакнал рака и застанал на една страна та фатил да се обгледуа во алиштата, чунки не беше видел пусти воденичар такви алишта во својата живот.

— „Мори лисо, мори, што туку се пули на алиштата зетон“?
— „Ејди честити царе, ами како не ќе се пули, кога имаше триста пати од оние поарни“.
Ем туку му ја вртела главата и туку си подкасуала рилката долна, за да не се пули воденичарот на алишата.
— „Бре, да зер затоа се пули на алиштата зетот“.
— „А бргу, бре измеќари, донесете од најубавите алишта да се промени зетот“.

Донесле алишта и го зела лисицата во една одаја за да го промени и му рекла: „Море воденичарко, море слепенику, море штотуку се пулиш на алиштата бре, море немој бре, оти ако те сетат, пците алот не ќе ти го јадат. Знаеш али не знаеш?"

Сториле свадбата и битисале, му дал царот една кочија и неколцина луѓе за да го однесат Тумбурли бега дома у себе. Испратил царот и тргнале. И јас не знам во чија куќа ќе го носи лиса.

Одејќим по патот, што овци и друго имање ќе видеше лиса, за сите им велеше на царските пратеници:
„Гледате овие булуци овци и говеда, сите се од Тумбурли бега, вака да познаи царот лиса што зет му одбрала".
Слушајќи цареа ќерка тие фалби од лиса, сама во себе се големеела.
— „Блазе си ми мене што богато момче зедов. Вистина било како што велеше лиса: имало многу стока, еве ја видов со очи".
Не знаела пуста душа оти воденичар зеде со еден прст вошки околу вратот. Арно ама пусти ѓаволштини од лиса - ќе земе воденичар.

Кога приближиле до градот од воденичарка, од еден саат скраја отрчала лиса в град и беше запалила едни пусти и ветви сараи, та беше се вратила назад и беше му рекла на царските луѓе да се вратат назад, чунки, му се запалиле конаците од Тумбурли бега.
- „Назад, луѓе, враќајте се кај царот, да појдеме и да му кажам оти ова не е на арно што му се стори на Тумбурли бега. Некни сватоите му се издавија, сега конаците му се запалија“.
Се вратиле назад кај царот и му кажале оти уште не дојдени дома конаците му се запалија.
— „Зошто се вративте, мори лисо“? ја праша царот.
— „Како зошто, честити царе, ами едно приближивме кај градот од Тумбурли бега и му се запалија конаците. Некни му се удавија сватоите, да ова што му се чини на Тумбурли бега не ќе му биде за арно, туку те молам, честити царе, задржи си го овде, како за домазет, за да си ја гледаш и ќерка ти барем со очи, да стоката од Тумбурли бега: овци, крави, волои, биволи и друзи огон нека ги гори, што ќе дојде лошо на луѓето, нека дојде на стоката. Ама не е вака, честити царе, лош ми е зборот“?
— „Така е, кума лисо, да си ми жива и здрава, ѝ рекол царот и му дал еден сарај да седи воденичарот, да биде домазет“.

— „Е бре воденичарко, за оваа добрина што ти сторив сакам и ти една добрина да ми сториш. Кога ќе умрам да ме закопаш во царево азно“.
— „Пеки, кума лисо, без друго таја чес ќе ти ја сторам".

По некој ден пцоисала лиса однаол. Му кажале измеќарите оти старата негова лиса умрела.
„Ако пцоисала, им рекол фрлете ја на буниште". Од кога ја фрлиле на буниште, по малку време станала и отишла кај воденичарка.
„Али вака, бре воденичарко, ќе ми правеше од кога ќе умрам, ами ако кажам кој си".
— „Да ми простиш, кума лисо, оти згрешив", ѝ рекол воденичарот, и ја гледал како на место мајка, и вистина беше ја закопал во царското азно кога беше пцоисала.



Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е непознат/народно творештво.