Прејди на содржината

Лисицата, ежот и кртот

Од Wikisource
Лисицата, ежот и кртот

од македонските народни приказни
Приказна за животни.

Ежот и кртот беа се заортачиле некогаш, за да работат селска работа.
„Е, бре крту, му рекол ежко, сега што да фатиме некоја работа?"
— "Ами што ќе фатиме, бре ежко, му одговорил кртот, сопрво не чека да изораме полето. Еве јас ќе изорам, а пак ти да посееш".
— „Многу арно, му рекол ешко, ти изора, а пак јас ќе го повлачам".
Се запрегнал кртот и изорал едно место, саде за кев беше го изорал. Фатил ежко и беше го посеал местото изорано, после беше го повлачил со трњето што бил опкачен, тркалајќим се по посеаното место. Беше се сторил еден берикет, страшна работа. Го ожнале и го овршиле. Зеле едно кутле за да си делат пченицата. Арно туку уште сопрво беше се закарале, чунки ежко се сакал кутлето да е понагнетено, дека тоа повеќе се мачел кога го влачел. Кртот и тој сакал повеќе да е кутлето нагнетено, чунки тој во орањето беше си искршил ноктите. Така велејќи, не можеле да се погодат; ќе се истепале. Перче за перче беа се фатиле. Што да се чини ал? Нема никој да помине за да ги куртулиса. За пакост, ете ја кума лиса кај си врви и без да ја повикаат, беше се вратила да види што е таа ѓурултија:
„Море, што се карате, бре ежко, и ти кртуле? Што имате да делите, та што толку се карате?", им рекла кума лиса.
Од кога ги праша кума лиса, беше си кажале алот пред неа како пред некој праведен кадија и беа ја помолиле тоа како што е право да им ја дели пченицата, само да не се караат, да таа што ќе стори, сторено ќе биде.
— „Е, ти, ежко мешко, и ти, кртуле мртуле, вие имате девет кила и кутле и сламата за делење. Еве право како се дели: на ти тебе, еже меже, на сламава да си лежиш; на ти тебе, кртуле мртуле, пченица едно кутле - толку доста ти е за цело зимоиште, а за лисица мисица ќе бидат девет кила пченица, за да си ги однесам на воденица. Еве вака бидуа за вас правина права, како јаже во торба за да се прикажуа“, им рекла лиса и ја ограбила од кртулето и ежка печалената стока.



Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е непознат/народно творештво.