Књазот што се научил да плете кошници
| Књазот што се научил да плете кошници од македонските народни приказни |
| Фантастична приказна. |
Еден млад књаз сторил ниет да се жени, арно ама од кајгоде нејќел да земе девојче, ами сакал од некој цар или крал. До неговата земја имало еден цар и тој цар имал убава ќерка. Без да се страми младиот књаз, пратил стројници кај царот да му ја сака ќерка му. Кога чул царот тоа нешто од стројниците од књазот, се насмеал и ја завртел главата, велејќи си сам со себе: „Ама бестрамник књаз, ич не му прилега нему од мене невеста да зема! Ја чекај малце да го испотам, та да му текне кај праќа стројници. Слушајте ваму, вие стројници, им рекол на стројниците, благодарен сум на честа што ми ја направи вашиот књаз, ама сега ќе си одите и здраво-живо од мене ќе му носите, да стори еден замет сам тој да дојде, и сами да чиниме лакардии, и ако е касмет, може да се сториме зет и дедо!" Од кога чуја стројниците од царот збороите, му се поклониле и си ошле кај књазот, та му кажале што беше им рекол царот. Едно беше чул књазот тие зборои од стројниците, и му отишол кај царот и му се поклонил како на цар, и отвориле збор за ќерка му на царот. - "Е, честите књаже, вие ја сакате ќерка ми, му рекол, да ја земете за невеста? - "Е, ја сакаме честити, царе", му одговорил књазот". - „Арно ја сакаш, џанам, му рекол царот, ами имаш некој занаат за да работиш и да можеш да ја раниш ќерка ми?" - "Занаатот мој е, честити царе, му рекол, књажески и од тоа се ранам и ќерка ти ќе ја ранам и ти сам тоа знаеш". - „Тоа го знам јас, књаже, му рекол царот, оти од књазуањето твое ке ја раниш ќерка ми, ами јас сакам ти да знаеш еден занаат и од тој занаат да можеш куќата да си ја раниш. Кога ќе имаш таков занаат, ела при мене да те видам, и веднаш ќерка ми ке ти ја дадам, а инаку и цар да се сториш, пак ќерка ми не ти ја давам. Ете вака да знаеш". Кога ги чул тие зборои књазот од царот, и ја наведил главата и си отишол дома за да се учи занаат. |
| Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е непознат/народно творештво. |