Книга на израелеви судии/ 15 глава
14 глава | Книга на израелевите судии 15 глава од н.п. |
16 глава |
1 По некое време, во жетвата на пченицата, Самсон дојде да ја посети својата жена, донесувајќи и јаре, и рече: „Сакам да влезам кај својата жена во одајата.” Но неговиот тест не му дозволи.
2 ”Мислев - му рече тој - дека си ја замразил, па му ја дадов на твојот другар. Но зар нејзината помлада сестра не е поубава од неа? Земи ја место неа!”
3 Самсон му одговори: „Овој пат нема да им бидам виновен на Филистејците, кога ќе им направам зло.”
4 И Самсон отиде, фати триста лисици, зеде гламни и, свртувајќи ја опашката кон опашката, стави по една гламна меѓу две опашки.
5 Тогаш ги запали гламните, ги пушти лисиците во филистејските ниви и им ги запали сноповите и неожниеното жито, и лозјата, и маслинките.
6 Филистејците запрашаа: „Кој го направи тоа?” Им одговорија: „Самсон, Тамнатевиот зет, затоа што тестот му ја одзеде жената и му ја даде на неговиот другар.” Тогаш Филистејците отидоа и ги изгореа со оган неа и татковиот и дом.
7 ”Штом го направивте тоа - им рече Самсон - не ќе мирувам додека не ви се одмаздам.”
8 И ги натепа сите со силни удари, вдолж и напреку, и ги порази. После тоа отиде во пештерата на Итамската Стена и заседна таму.
9 Тогаш Филистејците тргнаа, се влогорија во Јуда и се раширија до Лехиј.
10 ”Зошто тргнавте против нас?” - ги прашаа Јудејците. А тие им одговорија: „Тргнавме да го врземе Самсона и да му направиме како што тој ни направи нам.”
11 Тогаш три илјади Јудејци отидоа кај пештерата на Итамската Стена и му рекоа на Самсона: „Зар не знаеш дека Филистејците господарат над нас? Тогаш зошто ни го направи тоа?” Тој им одговори: „Како тие мене, така јас ним!”
12 А тие му рекоа: „Дојдовме да те врзиме и да те предадеме во рацете на Филистејците.” „Заколнете ми се - им рече - дека не ќе ме убиете.”
13 ”Не - му одговорија, - ние само ќе те врзиме и ќе те предадеме во нивните раце, но навистина не сакаме да те убиеме.” Тогаш го врзаа со две нови јажиња и го одведоа од пештерата.
14 Кога го доведоа во Лехиј, и кога Филистејците, викајќи од радост, стрчаа кон него, Господовиот Дух го опфати, и јажињата на неговите раце станаа како ленени конци, прегорени со оган, и му паднаа од рацете.
15 Откако забележа уште пресна челуст од осле, ја протегна раката, ја зеде онаа челуст и со неа уби илјада луѓе.
16 Тогаш Самсон рече: „Со челуст на осле претепав купови, со челуст на осле убив илјада.”
17 Откако го дорече тоа, ја фрли челуста од раката. Затоа оттогаш тоа место го викаат Рамат-Лехиј (Фрлена челуст).
18 Бидејќи беше многу ожеднет, извика кон Господа: „Ти ја извојува оваа голема победа со рацете на Твојот слуга, а зар сега треба да умрам од жед и да им паднам во рацете на необрезаните?”
19 Тогаш Господ ја расече вдлабоченоста што е кај Лехиј, и вода потече од неа. Самсон се напи, и му се врати силата, духот му оживе. Затоа на тој извор му го дадоа името Ен-Акоре(Извор на Оној Кој Повикува), а кој е уште и денес во Лехиј.
20 Самсон беше судија во Израел, за време на филистејското владеење, дваесет години.
Поврзано
[уреди]Надворешни врски
[уреди]
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse