Си биле тројца другари. Сите тројца беа биле многу мрзливи. Само со чибуците в рака си одеа и тутун си пиеја; работа никаква не фаќаа. Јадоа што јадоа дури имаа од таткои си сермија и најпосле осиромашеа. Да бидат аргати, не им давало рака, чунки многу ги мрзело; да седат без работа, па сакало да се јаде. Думаа, правеа, најпосле беа се созборуале за да одат во Света Гора во некој манастир и да се сторат калугери, чунки таму не требало работа.
Еден ден беа се задружиле сите тројца, беа си стегнале опинците, беа си зеле по една торба тутун и беа пошле в еден манастир. Се претставиле пред егуменот и го молиле да ги прими, за да ги покалугери. Од која мака, бре чеда Ристосои, сте дошле од мир овде во пустелијава, што сакате да се калугерите? Знаете оти калугерлакот е многу мачен; калугерлакот е мачен: со постењето, прво што не треба многу јадење и многу од сè нешто пиење, со метании чинење, да така можете да се светите“. — Се сме срориле кабул, оче игумане, та после сме дошле за да се посветиме", му рекле тројцата другари. Кога им ги чул тие зборои егуманот, заповедал да им се даде по една келија, за да живеат. Бидејќи сами се нашле во келиите, саноќ седеле и тутун си пиеле. Многу вечери на ред одел егуменот кај тројцава нови калугери да наслушава на врата дали се ќе се молат Бога.
На место да слуша молитва и од темјан миризма од новите калугери што беа дошле да се посветуат, ти слушал воденичарска кашлица да кашлаат и миризба од тутунот што го пиеле. Влегол егуменот кај сите и сите ги нашол со чибучињата в раце. Утрото бидејќи сите калугери в црква, беа и тројцата другари. Ги викнал пред себе егуменот и ги прашал за сите светци што беа в црква зувградисани: „Знаете, бре вие тројца калугери нови, што биле овие светци некогаш?" — „Е, луѓе биле и тие, како нас, оче егумене". — „Вистина, бре чеда, луѓе биле и се посветиле, та затоа сè ги пишале; арно ама ете ни еден немаат чибучиња в раце, да пијат тутун, како што пиете вие со чибучиња тутун, да затоа и да се светите нема да ве пишеме, чунки треба со чибуците в раце да ве пишеме. Еве помислете се сега: ич бидуат вас да ве пишеме светци со чибуците в раце, кога нема ни еден светец со чибук пишан?" им рекол егуменот. Од тие зборои, беа се застрашиле новите калугери и беа се арнисале од пиење тутун.