Уште коа не бил веков напраен, Ристос бил роден. Бидејќим бил малечок, сѐ покрај бога си одел и за пола му се држел. Кај ќе одел господ, сполај му, по него одел и Ристос. Дури мака му било на бога дека се по него одело малечок Ристос:
— Не туку иди по мене, а, чедо — му велел господ. — Седни си наземи, поиграј си нешто.
Коа чу тој збор Ристос од бога, веДнаш беше му се истаил од коленото и си седнал наземи, да си поиграет. Првата играчка му била на Риста да си копа земја со теслата и да си напраит кал, а од калта си напраил едно чудо-чудесиа топчиња, како туталиња, и си ги клал на гирамитчиња да му се сушат.
Одил, шетал господ и наминал, кај што му бил син му Ристос, да го види што праит. Коа го видел извалкан од калта во рацете и во алиштата, се застојал да види што праел, шо се извалкал толку од кал.
— Море, што така си се обацал, бре синко? — му рекол господ бог. — Што е таја кал што си напраил пред тебе.
— Топчиња за играње си праам, тате — му рекол Ристос.
— Арно си напраил топчиња, бре чедо — му рекол господ, — ама чуми ти се толкоа чудо топчиња, што сакаш да ги праиш?
— Ќе си ги фрлам, тате наугоре како топки, за да си играм со нив.
— Е, лели така ќе си играл со нив — му рекол господ, — ај фрли ја онаа топка поголемата наугоре, да видиме дури кај ќе ја фрлиш.
Со радост голема Ристос беше го послушал татка си, та грабнало големата топка и ја метнало наугоре вишно небо. По божи блаосов беше отишла топката многу далеко и застанала на едно место, та се сторило сонце. На часот беше светнало како некое сонце утрено, кога да болсни во чоечките очи и да не можи во него да се опулит. Туку си клало Ристос обете рачиња на очите, да не му се земи здракот од сонцето.
— Еј, синче, видиш големата топка како ти ја напраив да свети како сонце. Ај расфрли ги сите топчиња наугоре, та и тие како неа да се напраат.
— Ќе ги фрлам, тате, сите — му рекол Ристос, — ама те молам да не ми ги напраиш како големата топка, да свети толку многу, та да не можам во неа да се пулам.
— Мошне арно, чедо, ај ти фрли ги топчињата, та јас знам како ќе ти ги напраам — му рекол господ.
Веднаш ги грабнал Ристос сите топчиња со обете раце и изфрлил едни надесно, а други налево, едни угоре, други удолу. Сите се распрснаа по широкото небо и секое топче и топка се застојава на местото, кај што ја блаосоил господ. Од тие топки и топчиња господ блаосоил за едни да бидат месечина, други — големи светли и најмалите — помалите ѕвезди.
Коа виде Ристос, оти сите топчиња му застанаа нависоко, и коа виде, оти немат со што да си играт, грабна од земјата со раце и се расфрла по ѕвездите со земјата на нив, за да ги турнит, арно ама господ и земјата беше му ја блаосоил, тики му се сторила ѕвезди ситни. Од таа земја била Кумовата слама ѓоамити.
Ете така се сотворил веков.