Прејди на содржината

Итар Петар

Од Wikisource
Итар Петар

од македонските народни приказни
Хумористична приказна.

Итар Петар, знајно е, во сето село имал голема чест, како умен и итар човек.

Некои негови селани, тројца на број, му завиделе за честа, па се договориле да му го поцрнат убавото име, излагувајќи го со некоја поголема итрост.

Во некое ближно до неговото село секоја година се правел панаѓур; таму се продавало и едри добици.

Итар Петар си имал една многу добра и ранена крава, па ја зел да ја отера на панаѓур, за да ја продаде. На патот, Итар Петар одејќи си на панаѓур, стретил тројцата наговорени завистници негови; тие нарочно се враќале пред време од панаѓурот, не сите заедно, а еден по еден.

Првиот што го стретил, од како го поздравил како што е адет, го прашал Итар Петра каде одел така со кравата. Итар Петар, не знаејќи ништо од договарањето нивно, му кажал право оти ја терал кравата на панаѓур, за да ја продаде. А зависникот му рекол:
„Кравата е твоја, што е толку убава и претила, ако би немала уште опашка, би се продала за висока цена; оти на панаѓурот се бараат многу без опашки крави и многу скапо се продаваат“.

Итар Петар излаган, ја пресекол опашката на кравата и си тргнал по патот.

Потаму го стретил вториот му зависник, па и тој направил со Итар Петар како што и првиот и го научил да ги скрши рогоите на кравата си. Најпосле уште понатаму го стертил и третиот, а па тој го научил да ги пресече ушите на кравата. Итар Петар ја отерал на панаѓур угоената, а окастрена своја крава. Се набрале околу неа мнозина купувачи, оти многу им се свидела, па сакале да ја купат за дамазлок, ама им пречело окаструвањето. Најпосле Итар Петар немал што да прави, никој не му ја купувал за дамазлок, па ја продал на касапите за колење.

А ќе преголтнел ли излагуењето си? Не, никога! Тој фатил веќе да се мисли како да си отплати за него.



Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е непознат/народно творештво.