Прејди на содржината

Зборник на Миладиновци/ 272 песна

Од Wikisource
271 песна 272 песна

од Браќа Миладиновци
273 песна
на современ македонски правопис


Перет моми на Пелиор,
Орат старо во градина,
Со два вола со плужница.
Се распули пусто старо,
И догледа до две моми,
К'де перет на Пелиор.
Трчат старо скокаештем.
Скокаештем, играештем,
Ми отиде при момите;
Тога зборвит кутро старо:
„Земајте ме, мили моми!”
Пак му зборвет до две моми:
„Море старо гурељоо!
Ај појди си дури дома,
Изгори си плужницата,
Запали си кукицата,
Дојди вамо, да те зејме.”
Трчат старо играештем,
Играештем, скокаештем,
Си отиде дур дома си,
Си изгоре плужницата,
Си запали кукицата.
Трчат старо играештем,
Скокаештем, летаештем,
Си отиде при момитe:
„Земајте ме, мили моми!
Си изгориф плужницата,
Си запалиф кукицата.”
Пак му зборвет до две моми:
„Море старо гурељоо!
Пак дома ти да си појдиш,
Заколи си до два вола,
Дојди назот да те зејме.”
Трчат старо играештем
Играештем, скокаештем,
Си заколи до два вола.
Трчат старо при момите;
Пак им велит кутро старо:
„Земајте ме, мили моми!
Си заколиф до два вола.”
Пак му зборвет до две моми:
„Бегај тамо, море старо,
Море старо гурељоо!
Што изгоре плужницата,
Што запали кукицата,
Што си закла до два вола,
Бегај тамо, витосај се!
Чуму ти се до две моми?”
Викна старо да ми плачит:
„Леле, леле плужницата!
Ја сиромаф кукицата!
Дур до бога волоите!”
Бегат старо по колена,
По колена, по носички.