Естира/ 1 глава

Од Wikisource

нема Естира
1 глава
од н.п.
2 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

  1 Во времето на Ахасвер, на оној Ахасвер, кој владееше над сто и дваесет покраини од Индија до Етиопија.
  2 Во тоа време, додека царот седеше на престолот на своето царство во тврдината на градот Шуша,
  3 во третата година на своето царување, тој даде гозба за своите кнезови и службеници. Така се најдоа пред него заповедници на персиската и мидијската војска, првенците и покраинските управители.
  4 Полни сто и осумдесет денови, тој ги покажуваше богатството и славата на своето царство и величествениот блесок на својата величина.
  5 Кога помина тоа време, царот даде во градинскиот трем на својот дворец, седмодневна гозба за сиот народ, кој се наоѓаше во тврдината на градот Шуша, од најголемиот до најмалиот.
  6 Завеси од најубав лен, од волна, од отворено црвено сукно беа прицврстени со врвци од љубичесто и од црвено сукно на сребрени прстења на столбовите од бел мермер. На подот од зелен и од бел мермер, од бисери и од бесцени камења, се наоѓаа постели од сребро и злато.
  7 За пијачка служеа со златни чаши сè една од друга различни, а вино имаше царски изобилно, како што и личи на царската сила.
  8 Се пиеше по некое правило но не присилно, зашто царот им нареди на сите надгледувачи на својот дворец да постапуваат со секого според неговата желба.
  9 И царицата Астина даде гозба за жените во царскиот дворец на царот Ахасвер.
10 На седмиот ден, кога царевото срце беше весело од вино, им нареди на Меуман, Висат, Арвон, Викта, Авакта, Зетар и Харкас, на седуммината скопенци, кои му служеа на царот Ахасвер
11 за да ја доведат пред него царицата Астина со царскиот венец, за да им ја покаже на народот и на кнезовите нејзината убавина. Таа навистина беше привлечна.
12 Но царицата Астина не сакаше да му се одѕвие на царскиот повик, што и го пренесоа дворјаните. Тогаш царот се разбесна многу и неговиот гнев се распламта.
13 И ги запраша мудреците кои ги познаваат времињата. Зашто секоја царска работа се проучуваше така меѓу оние кои ги познаваа законите и правото.
14 Најблиски му беа Карсен, Сетар, Адмат, Тарсис, Мерес, Мерсен и Мемукан, седум кнезови на Персија и Мидија. Тие смееја да го гледаат царевото лице и заземаа најистакнати места во царството.
15 Ги праша: „Што треба да биде преземено според законот против царицата Астина, која не и се покори на царевата заповед, што и ја соопштија дворјанците?”
16 Тогаш Мемукан одговори пред царот и пред кнезовите: „Царицата Астина не згреши само пред царот туку и пред сите главатари и пред сиот народ, кој престојува во сите покраини на царот Ахасвер.
17 Зашто за царичиното држење ќе научат сите жени па ќе ги презираат своите мажи, велејки: „Царот Ахасвер нареди да ја доведат пред него царицата Астина но таа не сакаше да дојде.
18 И жените на персиските и мидијските кнезови, откако ќе научат за царичиното однесување, уште денес ќе им раскажат на царевите главатари, па ќе има противење и презирање во изобилство.
19 Затоа, ако му е угодно на царот, нека биде објавена царската заповед и нека биде вметната меѓу законите на Персија и Мидија, така што не ќе може да биде отповикана, царицата Астина да не смее веќе да се појави пред царот Ахасвер, а царот нека и ја предаде царската чест на друга жена, подобра од неа.
20 Кога таа наредба, што царот ќе ја даде, ќе се расчуе по целото царство, што е навистина големо, сите жени ќе им искажуваат почитување на своите мажи, од најголемиот до најмалиот.”
21 Зборот им се свиде и на царот и на неговите кнезови. Затоа тој направи како што му советуваше Мемукан.
22 Испрати писма во сите царски покраини, на секоја покраина со писмо со кое таа се служела, а на секој народ на негов јазик, за да биде секој маж господар во својата куќа.
 

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.