Езра/ 7 глава

Од Wikisource
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

6 глава Езра
7 глава
од н.п.
8 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

   1 По тие настани, во времето на царувањето на Артаксеркс, персискиот цар, Езра - син на Серај, синот Азариев, син Хелкиев,
  2 син Салумов, син Садоков, син Ахитов,
  3 син Амариев, син Азариев, син Мерајотов,
  4 син Зераев, син Озиев, син Вукиев,
  5 син Ависуев, син Финесов, син Елеазаров, син на врховниот свештеник Арон -
  6 тој Езра, се врати од Вавилон. Беше книжевник вешт во Мојсеевиот Закон, што го даде Господ, Израелевиот Бог. Бидејќи раката на Господа, неговиот Бог, беше над него, царот му даде сè што бараше.
  7 Одреден број Израелци, свештеници, левити, певци, вратари и слуги тргнаа за Ерусалим во седмата година на царот Артаксеркс.
  8 А Ездра дојде во Ерусалим во петтиот месец: тоа беше во седмата царева година.
  9 Тргна од Вавилон во првиот ден на првиот месец, а стигна во Ерусалим во првиот ден на петтиот месец: над него беше добрата рака на неговиот Бог!
10 Затоа Езра настојуваше, со сето свое срце, да проникне во Господовиот Закон, да го извршува и да го поучува Израел во законите и уредбите.
11 Еве препис од исправата што царот Артаксеркс му ја даде на свештеникот Езра, книжевник вешт во наредбите и законите, кои Господ му ги даде на Израел:
12 „Артаксеркс, цар на царевите, на свештеникот Езра, писар на Законот на небесниот Бог, потполн мир.
13 Еве ги моите повелби: Секој во моето царство, од израелскиот народ, од неговите свештеници или од неговите левити, кој сака да тргне за Ерусалим, може да дојде со тебе.
14 Освен тоа, те праќа царот, и неговите седум советници, да ги прегледаш Јудеја и Ерусалим според Законот на твојот Бог, што ти е во раката,
15 и да ги однесеш среброто и златото, што царот и неговите седум советници доброволно Му принесуваат на Израелевиот Бог, Кој живее во Ерусалим,
16 и сето сребро и злато што ќе го собереш по сета вавилонска покраина со доброволните приноси, кои народот и свештениците ќе ги принесат за Домот на својот Бог во Ерусалим.
17 И погрижи се со тие сребреници да купиш јунци, овни и јагниња, а исто така и дарови и налевниците што одат со тоа: принеси го тоа врз жртвеникот на Домот на вашиот Бог во Ерусалим.
18 Со среброто и златото што ќе остане направете, ти и твоите браќа, како што ќе ви се свиди најмногу, исполнувајќи ја волјата на вашиот Бог.
19 Посатките што ги прими за служба во Домот на твојот Бог остави ги пред твојот Бог, во Ерусалим.
20 И што ќе треба уште за Домот на твојот Бог и што би требало да се набави, ќе примиш од царската ризница.
21 Јас, царот Артаксеркс, уште им заповедам на благајниците оттаде Реката: сè што ќе побара од вас свештеникот Езра, писар на Законот на небесниот Бог, дајте му веднаш најточно,
22 до сто таланти сребро, сто кори пченица, сто вати вино, сто вати масло, а сол по желба.
23 Сè што ќе нареди небесниот Бог, нека се изврши веднаш со сета горделивост за Домот на небесниот Бог, та Неговиот гнев да не дојде врз царевото царство и врз неговите деца.
24 И уште ви јавуваме дека не смее да се наложува данок, ниту порез, ниту царина ниту на еден од свештениците, левитите, певците, нетинците и на другите службеници на Божјиот Дом.
25 А ти, Езра, според мудроста на твојот Бог, која ја имаш во рацете, постави службеници и судии, кои ќе му судат на целиот народ од онаа страна на Реката, то ест на сите, кои го познаваат Законот на твојот Бог. Кој не знае, поучете го вие.
26 Кој не ќе го извршува Законот на твојот Бог - што е и царев закон - нека биде осуден остро: на смрт, на заточение, на глоба во сребреници или на темница.”
27 Благословен нека е Господ, Бог на нашите татковци, Кој го вдахнови царевото срце за да го прослави Господовиот Дом во Ерусалим,
28 и Кој ја сврти кон мене милоста на царот, на неговите советници и на сите најсилни царски службеници. А јас се осмелив, зашто раката на Господа, мојот Бог, беше над мене, и ги собрав Израелевите главатари да тргнат со мене.

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.