Едно петле и едно јариче отишле в планина да збираат лешници. Се качило петлето на една леска, за да збира лешници. Си збирало и си јадело, а јаричето туку се оближуало за да касне некој лешник. Арно ама петлето лакомо бидејќум нејќело да му фрли лешник.
— „А бре брате, оти не ми фрлаш некој лешник, за да си скршам и да си каснам, му рекло јаричето, ами и јас сум душа, брате".
— „Е, на ти море на, да те видам, јади де", му рекло петлето, и му фрлило еден лешник, та за пакос ја удрил јаричката право в око, та ѝ го ослепил.
Даде вик и плач сирота јаричка. Слегло петлето долу да види што ѝ се стори на јаричката и се закарале, тики отишле до кадија, за да се судат.
— „Аман, кади ефенди, ти се молам, да го осудиш петлето, оти ми го извади окото со еден лешник".
— „Зошто, бре петле, му го извади окото од јаричето?" праша кадијата.
— „Ами оти лешникот ми искина гаќите?" рекло петлето. Го викнаа лешникот:
— „Оти, бре лешник, му ги искина на петлето гаќите?" му рекол кадијата.
— „Ами оти ми изеде козата шумата мене?" рекол лешникот.
Ја викнаа козата.
— „Оти мори козо, му изеде шумата на лешникот?" ѝ рекол кадијата.
— „Оти не ме пасеше козарот арно", рекла козата.
Го викнаа козарот:
— „Оти бре козар, не си ја пасел козата арно?"
— „Оти не ме рани стопанката арно", рекол козарот. Ја викнаа стопанката.
— „Оти ти, мори, не си го ранела козарот арно".
— „Оти ми го изеде кучката квасот". Ја викнаа кучката:
— „Оти, мори кучке, го изеде квасот?" и рече кадијата.
— „Зошто бев гладна", рекла кучката, и се свршила давијата.
Си остана јаричката со едно око.