Декларација на ЦК ТМОРО до владите на големите сили

Од Wikisource
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Декларација на ЦК ТМОРО
до владите на големите сили

Неказнетите насилства на муслиманите и систематските гонења на администрацијата, ги дотераа христијаните од Македонија и Одринско до неопходноста да прибегнат кон една масовна вооружена одбрана. Тие ја прегрнаа таа крајност, откако ги исцрпија сите мирни средства, за да го предизвикаат мешањето на Европа во духот на договорите, кои ги договараат за положбата на тоа население. Таа интервенција останува и до сега како единствено средство, за да се отстрани злото и да се запре проливањето на крв. Бидејќи неуспешните палијативни мерки, преземани до сега од Европската спогодба, за да се подобри турскиот режим, доведоа само до едно засилување на муслиманскиот фанатизам и на државниот притисок — станува очигледно, дека таа интервенција може да биде ефикасна само, ако претходно би имала и непосреден резултат:

1. Назначувањето, со согласност на Големите држави, на еден главен управник-христијанин, кој никогаш не и припаѓал на турската администрација и независен при исполнување на неговите должности од Високата порта.

2. Установувањето на една меѓународна колективна контрола, која би имала широки права на санкционирање.

Кога ги доведува до знаење причините, коишто го предизвикаа очајничкиот акт на востанатото население, како и мерките, коишто можат да ги запрат неговите последици, Внатрешната организација ја отфрла од себеси целата одговорност и изјавува, дека таа ќе ја поддржува борбата до целосното постигање на својата цел, црпејќи ја енергијата во свеста на својот долг и во симпатиите на цивилизираниот свет.

Извор[уреди]