Дедо Господ и овчарот
| Дедо Господ и овчарот од македонските народни приказни |
| Легенда. |
Друг пат дедо Господ за да узнае дали овчарчето памети доброто што го сторил дедо Господ или не, се престорил да личи на многу стар човек, поминал кај овчарчето и му кажал: „Добро утро, синко". Тоа му рекло: „Дај Бог добро, дедо". – „Имаш троа вода да се напие дедо?" – „Немам; дедо; почекај да одам да ти налеам, тука изворот е далеку, пак овој ден ми е редот на мене јас да го гостам волкот, затоа му имаат сечено таин со ред да му даваат на Волкот по едно јагне најбашо или ќе си го избере тој. Дедо Господ му рекол: „Ако, синко, ако; кажи му на дедо кое е убаво и најдебело јагне и отишло за вода. Волкот дошол да си го земе таинот, а дедо Господ не му го дал најдебелото јагне, ами некое криво, слабо, шкублаво и дури издрискано јагне. Волкот се налутил и се втурнил сам да си улови најдебелото јагне; тогај дедо Господ го удрил со патерицата си поцврсто и чукнал два камена, а тие станале две кучиња: едното машко, другото женско и ги нашнал по волкот. Волкот се уплашил и избегал без ништо. Кога си дошло овчарчето од вода, дедо Господ му кажал: „Еве, синко; одсега натаму ништо да не му давате на волкот, ами да викате по него: „Ујда, дујда" и да го падите со кучиштата, што ќе се родат од овие двете. Од тогај навака волкот останал прекршен, и кучиштата се намножиле да го тераат. Дури не се сторило, не се прикажуа! |
| Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е непознат/народно творештво. |