Прејди на содржината

Девојчето и дванаесетте месеци

Од Wikisource
Девојчето и дванаесетте месеци

од македонските народни приказни
Фантастична приказна.

Една жена си имала две ќерки: едната била нејзина, а другата најдена (паштерка). Својата ќерка мошне си ја милуаше, а пустата паштерка да беше кабил во една капка вода да ја удавеше, ич ја нејќеше да ја види, сеедно ја караше и ја тепаше. И ако толку ја мачела, паштерката пак беше здрава и јака како некоја трнка а, нејзината ќерка, се болничава и неолничава, на умрените вода им носела.

Чунки ја гледаше жената така здрава паштерка и, во образите подуена како со цевка, што да и го удриш едниот образ другиот да и пукне, а нејзината во лицето како леб да не јала, тики многу и било мака, дека така и била ќерка и. Мисле, дума маштеата како зло да и направи на паштерка си, и и дошло на ум една вечер да ја пушти на вода кај една чешма, што била од град надвор. До чешмата имало едно дрво ветерничаво, и под тоа дрво се збирале ѓоа ми ти ветроштињето, да белким ќе ја искинат самовилите паштерка ѝ и назад уште еднаш не ќе се врати.

Пошло сиротото девојче ноќта на чешма за да залее вода и, кога дошло до дрвото, видела единаесемина мажи и една стара жена, поседнати околу наоколу на тркало. Од мажите имаше и стари и млади, и куси и долзи, а едниот бил многу кус. Жената стара стоала многу смуртена, таја била баба Марта, а друзите биле единаесетте месеци и најкусиот бил Сечко. Кога ги видело девојчето, се престрашило и им рекло: „Добро-вечер, стриковци, што чините, како сте, здраво живо сте?" – „Дал ти Бог добро, девојче, и рекле месеците, арни сме, здрави и живи. Ами ти како си и што бараш во ниедна доба да идеш на вода? Ами како не ти е страв, мори девојче?" – „Е, море стриковци, страв не страв, кога ме пушта маштеа ми како можам да не одам" им рекло девојчето. „Вистина така е, девојко, кај што има сила правина нема, туку слушај ваму, и рекла Марта, нешто ке те прашам: кој месеци се поубави и кој се полоши во целата година? – Оф, мори златна бабо, и рекла девојката, ами сите месеци се во годината од убави поубави, нема ни еден лош месец". – „Ај со здравје, пиле, и рекле, ој ми си и да си блаосоена од Бога и од нас, за на секое прогооруање по еден алтан да ти паѓа од устата".

Си залеала вода девојката, си отишла дома, приклукала на порта и излегла маштеа ѝ да и отвори. Кога ја виде оти со полни стомни и дојде, тага и паднала, оти беше се вратила жива. Ја запрашала за нешто и колку пати што проговорила, толку алтани беше ѝ паднале од уста на земи, и беше се наведила та беше си ги зела девојката пред маштеа ѝ . Кога видела кучкана маштеа оти паштерка и на секој збор што проговорила се по еден алтан од уста и паднуало, голема мака ѝ дошло, чунки таја ја пушти да загине, а не од уста алтани на секој збор да вади. „Кој те направи, мори кучке, и рече да вадиш алтани од уста? Кажи ми, оти сега ако те фатам, дури не те облее студена пот не те пуштам!"

Кога ги чу сиротата девојка тие зборои од маштеата, од пустиот страв и кажа за се како што и се рекло од месеците.

Утре-вечерта ја пушти асли ќерка и да залее вода и да ја блаосоат и неа, за да вади алтани од уста. Не оставила време да врви зависливата маштеа, ами во втората вечер беше ја зготвила ќерка ѝ и беше ја испратила велејки вака: „Ај ќерко, ке те поиспратам до кај чешмата да појдеш, за да залееш вода и да те блаосоат месеците, да вадиш и ти алтани, како онаа кучка присестра ти што вади".

Отишла девојката кај чешмата и, од кога се здравуала, ја прашале месеците: „Кој месеци се поарни и кој се полоши?" Се подумала троа чупата и им рекла: „Ами зер вие не знаете кои се поарни и полоши, та што ме прашате мене? Ами и малите деца знаат кој месеци се поарни. Еднашка Коложек и Сечко се најлоши; а пак Марта смушена е со триста умишта, ете тие се најлоши. Зер и друзите се толку арни, та туку што ќе чиниме, сме им паднале в рака, тики, бре стриковци, како сакаат ќе ни прават". – „Ај да си блаосоена ѝ рекле месеците, и змиулчиња да вадиш од уста на секое проговоруање. Едно влегла в порта и едно проговорила и испаднало змиулче од уста „Мори што така, ќерко, змиулчиња ми вадиш од устата? Што не ми вадиш алтани како кучкана присестра ти, туку ми вадиш змиулчиња! Леле ќерко, се сторивме за срамота! Што би овој ал што не најде?"

Уште поеќе ја запизмила паштерка ѝ , арно ама немаше што да и чини, чунки Господ ја милуаше неа, ако беше сирота. По некој ден дојде брат и од девојчето што блуеше змиулчиња и кога се научи како е работата, ја осудило мајка си оти така направила и оти ја пизмела паштерка си. „Кој што копа гроб другому, сам паѓа во него", рекла жената.



Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е непознат/народно творештво.