Прејди на содржината

Двете врапчиња и мрзеливиот земјоделец

Од Wikisource
Двете врапчиња и мрзеливиот земјоделец

од македонските народни приказни
Реалистична приказна.

Си направиле две врапчиња едно седело во едно лозје од еден мрзлив човек: седелото им било баш во стредето од лозјето, направено под една грутка до една пењушка.

Во време на лозјата копање, секој човек што имал лозје си отишол да го одгриба прво, после да го крои и после да го копа на закон. Отишол мрзеливиов човек в лозје да го одгриба. Влегол в лозје и право отишол под едно дрво што имал во лозјето, та си седнал малку да здивни, чунки од далеку идел пеш. Едно го виделе врапчињата и излетале од седелото, та застанале на врвот од дрвото и почнале да си жалаат и меѓу себе да си велат:
„Ејди, море домаќине, му рекла врабицата, куќата наша појде, еве го стопанот од лозјето дојде за да го одгрибуа лозјето. Како не ми текна оти лозјево ќе се работи, и седелото ќе ми се расипи!"
— "Како је Господ, домаќинко, не е никој, ѝ рекол врабецот, белки ќе не пожали домаќинов на лозјето и не ќе ни го расипи".
Така чинејќи лакардии врапците, станал стопанот од лозјето. Лозјето било многу изгазено од зимата и беше засушено од неврнење. Оди низ лозје човекот и мавни со мотиката наземи да обиди, али се копа; арно ама поарно каменот се копал од лозјето. Од кога го исшетал околу наоколу, си дошол пак под дрво и си седнал наземи.
— „Е, лозјево касмет немало да го огрибам, си велел сам со себе, чунки многу е засушено, а пак и многу изгазено. Ај белким ќе му начекам некој дожд, и тогај копај, грибај: ќе му удрам копањето - и толку, доста му е копање. Чекај сега да се напоручам, та после можам и едно спиење да тргнам".
Извадил лебот од торбата, отворил склклопецот со сол и пипер и се напоручал чисто. После му легнал да си пие винце со картето и си го очукал сето. Наполнил лулето од чибукот со тутун, извадил чантето со огнилото, си секнал еден трат и си го запалил чибукот. Испил еден чибук, го истресол лулето; пак го наполнил лулето со тутун, му клал кебапот згора и го зачурил. Како пил тутун, како пил, и до најпосле го навалило дремка и си се навалил до коренот од дрвото, та си заспал и така тргнал еден сон, пашаиши. Сега да стани, после да стани, ене го, ене го, пладнина го нашла. Еле станал, та си позатрил очите со прстите, тики одвај беше се расонил. Сироти врапчиња туку се ребрат да не стани пустиот домаќин да го одгрибуа лозјето; арно ама тој зел торбата и пак беше седнал да ужина. По јадењето пак го запалил чибукот и си крена мотиката на рамо и „збогум" беше му рекол на лозјето и си ошол дома.
— „Е, виде, домаќинко, ѝ рекол врабецот, оти како је Господ, не е никој? Ете како ни остана седелото нерасипано!"
— „Вистина, море домаќине, на твојот збор излезе", му рекла врабицата.

По некоја недела му текнало на човекот пак да оди в лозје, барем да го крои, та ако не е грибано. Закачил сорот на појас, кренал торбата на рамо и му дошол на лозјето". Сопрво отишол под дрвото и си седнал. Сироти врапци, едно го чуја стопанот од лозјето, и излетаа од седело, та застанаа на дрво.
— Ејди, море домаќине, му рекла врабицата на врабецот, еве го пак стопанот од лозјето, дојде за да го крои и кроејќи ќе го најди седелото и ќе ни го расипи".
— „Е мори жено, можи сега да ни го расипи, можи и да ни го остави како напред, кога дојде пред неколку дни. Та затоа ти велам, како е Господ, не е никој“.
На тој разговор од врапчињата, стопанот од лозјето си извадил лебот од торбата и си се напоручал арно, та си го очукал картето со винце и си го запалил чибукот и пак го навалила дремка.
— „Ај анасана, кога гледам, не ќе го кроам лозјево; санким некроено поарно не ќе роди, туку што му правиш на светот, што ќе ми се бие шега. Е, шега, нешега, јас сега не ќе го кроам; едно, ме фати мрзата и друго, се повеќе ќе роди ако не го кроам".
Тие зборои ги чуле врапците и му рекол машкиот на женскиот:
„Али чу, домаќинко, оти човекот нема да го крои лозјево и да ни го расипи седелото? Ете, како Господ, не је никој“.
Од кога си преспа мрзливиот човек си запали чибукот и си ошол дома.

Кога дошло време за копање, за прашење, отишол мрзло и од пуста мрза пак така беше се вратил дома и на врапчињата не беше им го нашол седелото, за да му го расипи. И кога дошол човекот за копање и за прашење, пак беа се исплашиле врапчињата, за да не им го најди седелото и да им го расипи, арно ама, касметот од врпчињата, али мрзата од човекот што ја имал, кој знае како дошло, што нито лозјето се сработи, нито седелото му се расипа на врапчињата, и си изведоа врапчиња, та си ги ранија.

Дека не се сработи лозјето, беше изникнала една трева токмо со лозјето; како некоја ливада беше се сторила и беше се исушила, та беше се сторила асли сено. Во тоа време му текнало на мрзла да појди в лозје, за да го види што грозје има. Влегол в лозје, и го сетиле врапчињата, та си летнале од седелото на дрво, да го гледаат што ќе прави и да го слушаат што ќе вели.
— Бре, анасана, што беше тоа трева што никнала! Плевење, плевење ме пери", така рекол и се наведил да корни од тревата. Арно ама, од што беше суша и од што беше мрзло, не откорнал ни една ракатка трева. Во тоа време - фр, одлетала врабицата кај седелото да ги разбуди врапчињата, да ни ги најди човекот плевејќи тревата.
— Мори, седи си, домаќинко, ѝ рекол врабецот, оти човекот не веруам да ја плеви тревана. Како што напред се канеше да го огриба лозјево, да го крои, да го копа, да го праши и да го лачи и ништо не му сработи на лозјето, така и сега не ќе го оплеви".
Го послушала врабицата и си се вратила кај врабецот.

Кога видел мрзло оти не се корнела тревата, ја арнисал и си седнал под сенката, та си запалил чибукот.
— Аај анасана, како да му правам на тревава? Да ја корнам, мака ми е да ја остаам, страмота мие, ами чаре? Ха, ми текна: ке ја запалам да изгори и без мака да си свршам работа.
Кога го чуја врапците тој збор од мрзла, се уверија оти таја работа ќе ја сврши бездруго, чунки беше седејќи.
— „Брго, домаќинко, скорни ги децата од седелото, оти мрзло ќе ја запали тревава, чунки за палење нејќи некоја мака".
— Вистина, домаќине, ова нешто ќе го стори мрзло, оти е без мака", му рекла врабицата.
Го истресол мрзло чибукот во тревата и дувнал неколку пати, та ја запалил целата трева. Ни лозје останало, ни грозје, ни пак од врапчињата седелото. Арно ама мрзло останал и без лозје и без грозје, а врапчињата си останаа со врапчињата, ако без седело. Ете мрзливиот човек како је подолен и од две врапчиња.



Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е непознат/народно творештво.