Прејди на содржината

Двајца лажои — ортаци

Од Wikisource
Двајца лажои — ортаци

од македонските народни приказни
Хумористична приказна.

Двајца лажои се заортачиле, за да продаваат вино. Заради парите у кого да стоат, чунки не се веруале, си рекле помеѓу себе:
„Море, ние арно се заортачивме, му рекол едниот на другиот, туку кесето у кого ќе стои, али у мене дали у тебе?"

— „Ни у мене, братко, ни у тебе, му рекол вториот, туку еве како мислам јас: ај да закопаме еден ќуп в земја и да го поклопиме со еден камен плочест, тежок, да му дупнеме една дупка во плочата, и што пари ќе земам јас од продаденото ни вино да ги пуштам внатре, така и ти ќе правиш".

Закопале ќупот и му клале згора плочата, едниот извадил еден грош и рекол:
„Ај нека е аирлија ортакламата! Еве јас ќе пуштам еден грош во грнецов, пушти една ока вино да се напиеме".
— „Многу арно, рекол другиот, еве и јас ќе пуштам еден грош — за сефте во грнецов и да дадам и јас една ока вино, да се напиеме за крчма на нашата ортаклама и нека ни е сефтето аирлија, да би дал Господ златен за да се повалиме и грнецов да го наполниме со пари".
— „Море, колку за грнецот оти ќе го наполниме, шубе јок, туку треба правина да се тера, парите, што ќе ги земаш ти од виното, сите треба да ги пушташ во грнецов, повторил првиот, така зер, ако ги пушташ парите внатре, до година може да го наполниме грнецов и да си ги делиме; та што ти велам оти ќе добиеме, ќе добиеме; туку саде правина треба да тераш, та гледај сеир, што пара ќе добиеме, а брате!"

Од другиот ден како зафатија да продаваат вино и парите што ги земаа да си крадат, пи си вино и кради си едниот пари и другиот, едниот чекал на другиот да ги пушта парите во купот, за тој да си ги пушта во џебот; така и другиот чекал на првиот и асли келам ни едниот пуштил пара во грнецот, ни другиот; целата година двата продаваа вино и никој не пуштил пара во грнецот; само двата гроша што ги фрлија првин, тие си беа.

Дојде годината, ќе си делат парите што се собрале во грнецот. Ја кренале плочата со еден лост и кога виделе во грнецот - само два гроша што ги пуштиле сопрво.

— Море, каква работа ќе биде оваа, му рекол едниот на другиот, ами зошто не си пуштал пари ти, пријателе? Зер за вака се заортачивме ние за да ги крадеш парите?

— Извај капата, удри ме, цреп шутара прекара (како он, така ѓон), пријателе, зер ти си пуштал, та јас не сум пуштал, речи оти толку ни бил касметот, та еве ти го грошот што го пушти ти, еве ми го и мојот, тики кога гледаш - ни ќар ни зијан, кој дал - дал, кој јал — јал, да овој ќар не ни излезе аирлија, туку ај да бараме некоја друга работа, што да е поаирлија.

— Колку за тоа, арно велиш, треба да се бара некој друг ќар полесен, ама ортак не бидуам, секој сам отсега својот касмет да си работи.

Си зедоа по грошот и тоа им била сета сермија што делија од сета година, си отиде секој по нов ќар да бара.

Дошол едниот во една корија и видел таму на некои дрва мов.
— „Ха, сега ја удрив дропката, си рекол, ќе се скапам пари зимајќи, еве ми бубаќ, тамам, чекај да соберам еден товар".
Слегол од магаре и наполнил две вреќи мов на место бубаќ. Товарил и отишол во еден град, за да го продава, кондисал на еден ан вечерта, за да лежи.

А другарот, ортакот негов, пак одејќи во истиот град, видел во една корија шикли борои.
— „Ха, си рекол, ја удрив дропката, еве ти шикли што си шиклосуваат жените косата да им биде црна, трај душо, незнајни пари ќе добијам од нив, чекај сега да наполнам две вреќи та да ги однесам да ги продадам".

Наполнил вреќите и ете ти го и тој на тој ан му кондисал кај другара си. Едно се видоа и дал вик едниот:
— „О, о, добре дојде, пријателе, добре дојде, здраво живо, гледај, сполај ти Господи, како било касмет, пак за брго да се видиме, еле еле, што има, што нема, али доби нешто? Оти јас ја удрив дропката; сум ти добил цел товар бубаќ, му рекол".
— „Шуќур на Бога, побратиме, рекол другиот и јас не сум подолу од тебе; па јас сум ти добил еден товар шикли, арни пари ќе спечалам со Господ напред".

Од како се изнаслушаа двата кој што има, едниот копелка да му земе бубаќот, а другиот да му земе шиклите.

— Знаеш, пријателе, што сакам да ти речам? му рекол едниот; — ај да направиме една трампа трумпа: јас да ти дадам бубаќот, а пак ти да ми дадеш шиклите, што велиш, правиме еден пазарлак.

— Ба, братко, ако е касмет да направиме, ама јас сакам јуст нешто да ми дадеш.
— Нема ни јуст, ни муст, ако сакаш тоа за тоа, дај рака да фатиме, та друг збор не ни треба, речи аирлија. Вториот туку копелка за да стори трампа, туку се преправал ѓоа тоа за тоа да трампат.
— Е, лели велиш, ај види му аирот, бре, ама со овој збор: сосе вреќи ќе ти дадам шиклите и ти сосе вреќи ќе ми го дадеш бубаќот.
— Така нека биде, бре, види му аирот; ај да даде Господ, колку влакна има бубаќот, толку алтани да добиеш.
— Амин, брате, да си ми жив и здрав и ти, да даде Господ да добиеш за секоја шикла и еден алтан.

Од кога се трампија, брате мое, трговциве, мов за шикли, со голем ќев зедоа по една шамија мов со шикли и излегоа в чаршија, за да ја продаваат стоката. Ја кажувале мострата по дуќанџиите и секој што му ја видувал, му ја познал оти мов и шикли борои било и му се биеле шега, а не да му ја купуваат.

Ете што велеа стари: „Со лага ага не бидува!"



Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е непознат/народно творештво.