Прејди на содржината

Двајца браќа на туѓина

Од Wikisource
Двајца браќа на туѓина

од македонските народни приказни
Реалистична приказна.

Си беа двајца браќа и обата женети. Занаатот им беше на обата — мајстори. Дошло време ќе оделе на туѓина, чунки во градот кајшто живееле немало работа. Тргнале да одат и жените им ги испраќале. Постарата му велала на мажа ѝ:
— Со здравје, домаќине, со здравје и добар пат господ да ми ти дај, и пак со здравје да си дојдеш, домаќине; туку слушај вамо, домаќине: ако сакаш побргу дома да си дојдеш, прај што правиш, без работа да не седиш! Колку пари ќе ти дадат надница, за толку да работиш. Немој без работа да седиш и многу надница да сакаш.

Помладата невеста, и таа го испраќаше (мажа си) и му велеше:
— Слушај вамо, домаќине, немој за ефтИно да работиш, оти ти знаеш дури не ти платат арно надница, да не работиш пошто-зашто. Гледај побрго од брата ти дома да си дојдеш!

И двајцата браќа си ги послушале жените, која како му велеше и така работил на туѓина. Тој што работи за поефтино, повеќе пари собра, а тој што работел поскапо многу години седе на туѓина и одвај спечели пари колку што да си ојде дома. Да за тоа рекле стари: ,,3алудо работи, залудно не седи, оти така се печалат пари!“



Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е непознат/народно творештво.