Си имал еден чоек една гуска и една пајка. Првото утро кога му снесла гуската јајце, од ќеот што му се сторило на чоекот дека му снесла гуската толкао големо јајце, зел неколку полни грста со овес и му натурил да јади гуската.
Чоекот имал и една пајка. Кога видела пајката оти јади овес гуската, отрчала и таа да касни некое зрнце. Колку се прибрала, и веднаш ја клукна гуската со клунот пајката. Бидејќи на пајката је се јадеше, се пикна од другата страна за да јади овес, па гуската ја штипна со клунот. Арно ама пајката траеше од штипењето на гуската, само да си појади овес. Гледајќи тоа стопано, му се смачи од пајката дека не ја остааше на раат гуската да јади, та зеде еден прат и ја удри пајката да не му го јади овезот од гуската.
— Е, заошто, бре стопане — рекла пајката — ме тепаш и не ме остааш да каснам и јас троа овес? Зер јас немам душа, како што имат гуската, за да си ја наранам? Зер не сум твоја, како што ти је гуската? Зер гуската ќе ти снеси црвени јајца, да што је даваш саде незе овес да јади, а мене ме тераш да одам по браздите, да жабуркам во калта и тињата, да барам црвје и да се ранам?
— Ја послушај, мори сестрице пајко — му рекла гуската — јас да ти одгоорам наместо стопан ни. Вистина, јас црвено јајце не ќе му снесам на стопана ни, ама ќе му снесам големо колку една машка тупаница. Ако је бело, ама барем ката утро в седело го снесуам, а не како тебе, што ќе снесиш јајце колку едно од најмала кокошка, и тоа кај ќе го снесиш? Од куќа надвор, во браздите, во калта. Ќе поминат деца и ќе го најдат, ама и тие аир не ќе видат, чунки помеѓу себе ќе се скараат за кој да го земит, и ќе го окршат в џеб или в пазуа, та ќе си извалкаат алишта и ќе ги тепаат мајки му. Ете што аир имат од тебе стопан ни, видее? Е, виде оти немаш прао да јадиш токмо со мене овес; црвјето што 'и наоѓаш во тињата биле многу ти се тебе!
— Арно, мори гуско му рече стопанот на пајката — што ме мачит ката вечер да ја дотеруам од сокак, чунки никоја вечер сама не повти дома да си дојди, а пак наутро, кога ќе видам три пари аир од јајцето незино, ушт' од темни зори ќе избега надвор за да го снеси јајцето, како вие што је докажавте; на, сега уште овес појади и алал нека ти бидит!