Прејди на содржината

Господ го испади Адама од рајот

Од Wikisource
Господ го испади Адама од рајот

од македонските народни приказни
Легенда.

Од кога го истера Господ Адама од рајот, го проколна со клетва: „Ајде излегуј, Адаме, од рајов, оти ти не ме послуша мене што ти заповедав да ја ораш земјата и да ја копаш дури си жив, да така со леб да се раниш", му рекол Господ. Си наведил главата Адам и си ја зел жената та си излегол од рајот. Многу мака беше му дошло на Адама, ама немаше што да чини од стравот од ангелот, што потплашуаше со камшикот од две лути змии направен. Од кога направи троа џева, виде оти друго не бидуа и си излезе плачејќи од рајот сосе жената си. Баги дни се вртка околу рајот, за ѓоа пак да влези во рајот; арно туку ангелот стоел на вратата со камшикот в раце и ништо живо не го пропуштал, за да влези внатре.

- Ах жено, зошто ме излага, да му грешам на Бога, за вака сега јас и ти да тргаме мака. Ами сега што ќе јадиме за да живееме?" – „Орај, копај, мажу, му рекла жената, та да се раниме, оти таков ни бил умот, така ќе ни трга главата". Виде Адам оти друго не бидуа, зеде мотиката да ja копа земјата. Со прво мавнување со мотиката в земи и му бликнало пот од сета снага. – „Оф, мори жено, да би од Господ си го нашла што ме зеде на душа, за вака да се потам", ѝ рече Адам. Од кога се одморил малце, станал да копа; арно ама кај ти можел Адам да копа? Оставил копалцето и беше направил едно рало за да ора. Запнал волоите и тргнал една бразда, уште една тргнал и на третата бразда му се виде полесно орањето од копањето. „Со волоите, жено, што тргаат непара ќе се мачам, како со копањето. И со орањево, како што гледам, ќе се раниме, туку ела ти терај ми ги волоите, јас да држам ралото“. Кога ги дорече тие зборои Адам, туку беше излегол ѓаволот пред волоите и беше му ги фатил: „Кого си прашал ти, бре Адаме, му рекол ѓаволот, што си запнал да ораш?" – "Оти, зер твое е ова место, му рече, Адам на ѓаволот, што не ме оставаш да орам?" – Мое е, ја, чие е? Ајде бегај оттука“, му рече ѓаволот. Виде, невиде Адам, стана оттука и отиде на подалечно место. Запна таму оралото, и ете го ѓаволот и таму беше му се препречил пред волои и оттука го истера. На трето место, – и таму не го оставаше. – „Аман, бре човече, му рекол Адам, зошто не ме оставаш да си изорам едно парче место, за и јас да живеам?" – "Не те оставам, оти јас ја повелам земјава, та затоа не те оставам", му рече ѓаволот. -- „Ами чаре за живеењето мое, му рекол Адам, како ќе правам?" – „Колај за живеењето твое, му рекол ѓаволот, јас чарето ти го најдуам од кога ќе ми даиш еден сенет за челадта твоја, што ќе ти се родат: живите твои да бидат, а умрените мои". Думале, шестале со жената си, и се склониле, та му дал Адам еден сенет од раката, пишан на една плоча со крв од снагата од Адама. Ја зел плочата ѓаволот и ја клал долу под казанот во пеколот. Стоала таму и сите луѓе што умираа, сите во казанот од вечната мака одеа, да дури отишол Ристос во вечната мака ја окршил плочата што беше ја дал Адам на место сенет. Ете така беше го оставил ѓаволот Адама да ора и да се рани, од кога го истерал Господ од рајот.



Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е непознат/народно творештво.