Прејди на содржината

Глувата баба

Од Wikisource
Глувата баба

од македонските народни приказни
Анегдота.

Една глува баба си одела едно утро кај ќерка си, оти родила дете. Ја сретнал еден човек на патот и бидејќи стара, и сторил чест и и рекол:
— Добро утро, бабо!
— Кај ќерка ми одажм, синко — му рекла бабата.
— Јас што ти велам, ти што ми велиш, мори бабо? — и рекол човекот.
— Кај ќерка ми одам, бре синко — му рекла бабата повторно.
— Е-е, се разбравме дури сега! — ѝ рекол човекот.
— Бре! Па и вие сте разбрале оти ќерка ми родила машко дете? — му рекла бабата.
— Ете, дури сега, бабо, се разбравме! — ѝ рекол човекот.
— Бре, сега сте разбрале, а? — му рекла бабата.
— Господ да не прости и тебе и мене, бабо, не ќе можеме да се разбереме ние двата, како гледам, туку ај — ојми си со здравје! — и рекол човекот.
— Господ, господ, сполај му, тој и даде на ќерка ми машко дете, синко. И вам господ со некое машко да ве дарува, сега побргу — му рекла бабата.
— Е, толку бил касметот, мори бабо, да не можеме да се разбереме ние засега, па ако се најдеме другпат белки ќе се разбереме — и рекол човекот.
— Така е, синко, така, да си ми жив! Само со касметот нека биде, па и ние кога ќе разбереме оти господ вам ви дал дете, ќе ви ја најдеме куќата и ќе ви дојдеме на честење, ако сум жива — рекла бабата.
— Е, е, е, се изнасмеал човекот и и рекол:
— Седи ми со здравје, бабо!
— Се смееш, му рекла бабата, оти ти е арно тоа што ти велам: од стар човек благословот фаќа!



Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е непознат/народно творештво.