Кога тројцата Итарпетрови пријатели се оплакале на селото за пакоста што им ја направил со свирката, да си ги заколат жените, селаните се собрале на собор и осудиле Итер Петра да го фрлат в море. Го фатиле, го нагнеле во една вреќа и го зашиле, па го дигнале и го донесле да го фрлат во едно море. Кога дошле крај море, го оставиле, и не знам за какво нешто, се загнале и си разотишле кој надолу кој нагоре, нешто чудно се сторило таму негде наоколу, па да видат што било. А тој Итар Петар викал однатре:
„Не сакам, нејќум, не сакам, нејќум!"
Таму наблиско имало еден овчар, што си пасел овци, па кога ја видел вреќата, се приближуа да види што ќе биде аџаба. А кога дошол до неа, чул од неа глас:
„Не сакам, нејќум, не сакам нејќум!"
Овчарот видел во вреќата човек и го прашал:
„Што не сакаш?"
А Итар Петар однатре му одговорил:
„Селаните се собрале, па ме натиснале овде да ме кладат цар; а оти јас не сакам, сакат да ме фрлат в море!"
Тогај овчарот му рекол:
„Ако не сакаш ти јас сакам".
— „Е, кога е така, повторил Итар Петар, одврзи ме, влези ти во вреќава, па кога ќе дојдат селаните, речи им оти сакаш, се чиниш, па нека те кладат тебе!"
Овчарот ја одврзал вреќата и Итар Петар излегол, а на место него влегол, од како понапред си ги размениле и алиштата: овчарот ги облекол од Итар Петра, а овоговите, овчарот. Итар Петар го врзал арно во вреќата и го оставил.
Измеѓу тоа време стигнале селаните, ја дигнале вреќата на рамо да ја фрлат в море, без да знаат што се направило во това време со вреќата.
Овчарот внатре викал:
„Сакам, сакам, да се сторам цар".
Селаните кога чуле така, си помислиле оти Итар Петар од страв полудел, се поулавил. Така привјасале да го фрлат како и како побрго и го фрлиле, па си отишле, без да знаат кого фрлиле в море, дали Итар Петар или сиромав овчарот го удавиле.
По малку веме го виделе Итар Петар каде тера стадо овци и се почудиле од кај излегол со овци па го прашале:
„Како така, Петре? Ние те фрливме в море да те удавиме, а ти кај си ги нашол тие овци?" — „Ето така“, им одговорил тој, „вие ме фрливте в море да ме удавите, а јас си извадив цело стадо овци!"
— „Ами има таму многу овци?" го прашале пак.
— „Многу!" им одговорил тој.
„Има во дното и повечко излегуваат црни; колку сака човек може да си извади".
Тогај селаните, полакомени за овци, пошле сите да се фрлат во морето за да извадат. Најпрво си рекле „нека се фрли попот па, ако тој извади, тогај се фрламе и ние".
Најнапред се фрлил попот сосе камилавка и пропаднал во дното, а камилавката му пливала над водата. Селаните, како ја виделе, им се сторило оти е црна овца што ја извадил попот, па тој час сите се нафрлале во морето и се удавиле!
Ето како Итар Петар им отплатил и на селаните што сакале да го удават. Од това останала и пословицата: „Фрли го во морето, а тој ќе ти излезе со стадо овци!"