Прејди на содржината

Втора книга за царевите/ 13 глава

Од Wikisource

12 глава Втора книга за царевите
13 глава
од н.п.
14 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

   1 Во дваесет и третата година на царувањето на јудејскиот цар Јоас, синот Охозиин, Јоахаз, синот Јујов, стана израелски цар во Самарија. Царуваше седумнаесет години.
  2 Тој правеше што е зло во Господовите очи, и се поведе по гревовите на Јеровоам, синот Наватов, кој го заведуваше Израел да греши. Не отстапуваше од нив.
  3 Тогаш Господ зовре од гнев против Израел, и го предаде во рацете на арамејскиот цар Азаил и во рацете на Вен-Адад, синот Азаилов, за сето она време.
  4 Но Јоахаз го ублажи Господовото лице, и Господ го послуша, зашто ја виде неволјата што арамејскиот цар му ја нанесуваше на Израел.
  5 Господ му даде на Израел избавител кој го избави од арамејските раце, та Израелците живееја во своите шатори како и порано.
  6 Но не отстапуваа од гревовите со кои Јеровоам го беше завел Израел: туку одеа по нив, а и ашерите останаа во Самарија.
  7 Господ му остави на Јоахаз само педесет коњаници како војска, десет бојни коли и десет илјади пешаци; арамејскиот цар ги беше уништил и згазил како прав при вршење.
  8 Другите Јоахазови дела, сè што направи и што преземал, зар сè тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви?
  9 Јоахаз почина со своите татковци, и беше погребан во Самарија, а неговиот син Јоас се зацари место него.
10 Во триесет и седмата година на царувањето на јудејскиот цар Јоас - Јоас, синот Јоахазов, стана израелски цар во Самарија.
11 Правеше што е зло во очите на Господа. Не отстапуваше од гревовите на Јеровоам, синот Наватов, кој го заведе Израел. Се поведе по него.
12 Другата Јоасова повест, сè што направи, неговите јунаштва, како војуваше со Амасиј, јудејскиот цар, зар сè тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви?
13 Јоас почина со своите татковци, а Јеровоам се искачи на неговиот престол. Го погребаа Јоаса во Самарија, покрај израелските цареви.
14 Кога Елисеј се разболе од болест од која што требаше да умре, му дојде израелскиот цар Јоас, се расплака над него и му рече: „Татко мој, татко мој! Израелева кола и неговите коњаници!”
15 Елисеј му рече: „Земи лак и стрели.” И тој ги зеде лакот и стрелите.
16 Тогаш Елисеј му рече на царот: „Оптегни го лакот!” И тој го оптегна. Елисеј ги стави рацете врз царевите раце,
17 потоа рече: „Отвори го прозорецот кон исток.” И тој го отвори, а на тоа Елисеј рече: „Стрелај!” И тој исфрли стрела, а Елисеј рече: „Победоносна Господова стрела! Победничка стрела над Арамејците! До нозе ќе ги разбиеш Азамејците кај Афек.”
18 И продолжи: „Земи ги стрелите!” Тој ги зеде. Тогаш Елисеј му рече на царот: „Удри на земјата!” Тој удри трипати и застана.
19 Тогаш Божјиот човек се разгневи на него и рече: „Требаше да удриш пет или шестпати! Тогаш потполно ќе ги разбиеше Арамејците; вака ќе ги победиш само трипати.”
20 Потоа Елисеј умре, и го закопаа. А ограбувачките чети на Моавците ја напаѓаа земјата секоја година.
21 Се случи некои - погребувајќи човек - да ги здогледаат разбојниците: го фрлија мртовецот на Елисеевиот гроб и си отидоа. Мртовецот, откако ги допре Елисеевите коски, оживе и застана на нозе.
22 Арамејскиот цар Азаил ги угнетуваше Израелците за време на сиот Јоахазов век.
23 Но Господ им се смилува и се нажали над нив. Погледна кон нив заради Својот Завет што го имаше склучено со Авраама, со Исака и со Јакова. Не сакаше да ги истреби и не ги отфрли далеку од Своето лице до денес.
24 Азаил, арамејскиот цар, умре, а неговиот син Вен-Адад завладеа место него.
25 Тогаш Јоас, синот Јоахазов, пак ги зеде од рацете на Вен-Адад, синот Азаилов, градовите кои Азаил во војна му ги одзеде на неговиот татко Јоахаз. Јоас го порази трипати и ги врати Израелевите градови.

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse