Втора книга Самоилова/ 23 глава

Од Wikisource
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

22 глава Втора книга Самоилова
23 глава
од н.п.
24 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

  1 Ова се последните Давидови зборови: Слово на Давида, Јесеевиот син, збор на човек кој беше високо воздигнат, на помазаникот на Јакововиот Бог, на пејачот на Израелевите песни:
  2 ”Господовиот Дух зборува преку мене, Неговото слово е на мојот јазик.
  3 Јакововиот Бог ми рече, Израелевата Стена ми рече: ‘Кој владее праведно со луѓето, и кој владее со страв Божји,
  4 тој е како утринската светлина кога ќе огрее сонцето, утро без облаци, на кое светка земната трева после дождот.’
  5 Да, мојата куќа стои цврсто пред Бога: Тој склучи вечен Завет со мене, во сè добро уреден и утврден. Да, Тој ќе направи да напреднува сето мое спасение и секоја моја желба.
  6 Беззакониците се како трња во пустината, зашто никој не ги фаќа со рака.
  7 Никој не ги допира освен со железо и со дршка на копјето и потполно ги изгоруваат во оган.”
  8 Ова се имињата на Давидовите јунаци: Тахмонецот Јосев-Васевет, првак меѓу тројца; тој замавна со своето копје против осум стотини и ги погуби одеднаш.
  9 По него доаѓа Елеазар, синот Додонов, Ахоховец, еден од тројцата јунаци; тој беше со Давида кај Пас Дамин кога се собраа таму Филистејците за бој, а Израелците се повлекоа пред нив.
10 Ама тој се држеше цврсто додека раката не му се здрви и остана како зарастена со мечот. Господ даде голема победа во оној ден, па војската се врати со Елеазара, но само за да го собере пленот.
11 По него доаѓа Сама, синот Елин, Харерец; кога Филистејците се собраа во Лехија, полето беше полно со леќа, а војската беше избегана пред Филистејците.
12 Тогаш тој застана сред полето и го одбрани, и ги разби Филистејците. Така Господ даде голема победа.
13 Еднаш тројцата од триесетмина тргнаа на пат и во почетокот на жетвата дојдоа кај Давида во Одоламската Пештера, кога една филистејска чета беше влогорена во Рефаимската Долина.
14 Давид тогаш беше во својата крепост, а филистејската посада тогаш беше во Витлеем.
15 Давид издивна: „О кога некој би ме напил со вода од витлеемскиот кладенец што е кај вратата?”
16 Тогаш тие тројца јунаци продреа низ филистејскиот логор и, откако нацрпија вода од витлеемскиот кладенец што е кај вратата, му ја донесоа и дадоа на Давида. Ама Давид не сакаше да ја пие, туку ја излеа пред Господа,
17 зборувајќи: „Господ да не ми даде да го направам тоа! Зар да ја пијам крвта на овие луѓе? Та излагајќи го животот на гибел, донесоа вода!” И не сакаше да пие. Ете, тоа го направија тие три јунаци.
18 Ависај, Јоавовиот брат а синот Серуин, беше војвода над триесетмина. Тој мавташе со копјето против три стотини, ги погуби и се прослави меѓу триесетмината.
19 Тој се одликуваше меѓу триесетмината и стана нивни главатар, ама не ги достигна тројцата.
20 Синот Јодаев Венаја, јунак од Кавсеила, богат со јуначки дела, му ги уби двата сина на Ариел од Моав; тој во еден снежен ден слезе и уби лав сред јамата.
21 Уби и некој Египетец, крупен човек. Египетецот имаше копје во раката, а тој излезе пред него со стап: истргнувајќи му го на Египетецот копјето од раката, го уби со неговото копје.
22 Тоа го направи Јодаевиот син Венаја и се прослави меѓу триесетмината јунаци.
23 Беше најпознат меѓу триесетмината, ама не ги достигна оние први три; Давид го постави за заповедник на своите телохранители.
24 Асаил, братот Јоавов, беше меѓу триесетмината. Потоа: Елханан син Додонов, од Витлеем;
25 Сама, од Арод; Елика од Арод;
26 Хелис, од Фалет; Ира син Икисов, од Текоја;
27 Авиезер, од Анатот; Сибекај, од Хуса;
28 Ахохиецот Салмон, Нетофатецот Марај;
29 Хелев, синот Ванин, од Нетофа; Итај, синот Ривеев, од Гаваја на Венијаминовите синови;
30 Венаја од Пиратон; Идај од Гаскиот Поток;
31 Ави Алвон, од Вет Арава; Азмавет, од Варуим;
32 Елијав, од Салвона; Јасин, син Јонатанов;
33 Сама, од Арара; Ахијам, син Сараров, од Арера;
34 Елифелет, син Асвеев, од Вет Маха; Елијам, син Схитофелов, од Гилон;
35 Есрај, од Кармил; Фареј, од Арава,
36 Игал, син Натанов, од Сова; Ваниј од Гад;
37 Селек, Амонец, Нареј, од Вирот, штитоносец на Серуиниот син Јоав;
38 Ира, од Јетра; Гарив, од Јетра;
39 Уриј, Хетеец; вкупно триесет и седум.

Поврзано

Надворешни врски


PD-icon.svg Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
Nuvola apps important.svg
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.