Втора книга Самоилова/ 16 глава

Од Wikisource

15 глава Втора книга Самоилова
16 глава
од н.п.
17 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

   1 Кога Давид помина малку преку врвот, ете, во пресрет му дојде Сива, Мефивостеевиот слуга, со две насамарени ослиња што носеа двеста лебови, сто гроздови суво грозје, сто низи летно овошје и мев со вино.
  2 Царот го праша Сива: „Што ќе правиш со тоа?” А Сива одговори: „Ослињата се за да послужат на царското семејство за јавање, лебот и овошјето за јадење на момчињата, а виното за пиење на оние кои ќе се уморат во пустината.”
  3 Царот праша натаму: „А каде е синот на твојот господар?” А Сива му одговори на царот: „Ене, остана во Ерусалим, зашто рече: ‘Денес Израелевиот дом ќе ми го врати царството на мојот татко.’”
  4 Тогаш царот му рече на Сива: „Ете, сè што имаше Мефивостеј нека е твое.” А Сива одговори: „Се поклонувам пред тебе. Нека да најдам милост во твоите очи, цару господару!”
  5 Кога царот Давид дојде во Ваурим, ете, оттаму излезе еден човек од родот на Сауловиот дом. Се викаше Симеј, а беше син Гирин. Тој излегуваше, и постојано колнеше.
  6 Фрлаше камења на Давида и на сите дворјанци на царот Давид, а сите луѓе со сите јунаци го опкружуваа царот од десната и од левата страна.
  7 А Симеј зборуваше вака, проколнувајќи: „Оди си, оди си, крвнику, беззаконику!
  8 Господ ја сврти против тебе сета крв на Сауловиот дом, кому ти му го одзеде царството. Затоа, Господ го предаде царството во рацете на твојот син Авесалом. Еве, сега се најде во неволја, зашто си крвник.”
  9 Тогаш Серуиниот син Ависај му рече на царот: „Зар овој пцовисан пес да го проколнува мојот господар цар? Дозволи ми да отидам преку и да му ја симнам главата!”
10 Ама царот одговори: „Што сакате од мене Серуинови синови? Ако тој колне и ако Господ му заповедал: ‘Проколнувај го Давида!’ - кој смее да го праша: ‘Зошто правиш така?’”
11 Тогаш Давид им рече на Ависај и на сите свои слуги: „Ете, мојот син кој излезе од моето тело, ја бара душата моја, а камоли не овој Венијаминец! Оставете го нека колне, зашто Господ му заповедал.
12 Можеби Господ ќе погледне на мојата неволја та ќе ми врати добро за неговото денешно колнење.”
13 Потоа Давид го продолжи патот со своите луѓе, а Симеј одеше по горска патека наспоредно со него, колнејќи постојано, фрлајќи камења кон него и дигајќи прав.
14 Царот и сиот народ што го придружуваше стигнаа заморени и здивнаа таму.
15 Меѓутоа Авесалом влезе во Ерусалим со сиот израелски народ; и Ахитофел беше со него.
16 А кога Архиецот Хусај, пријателот Давидов, дојде кај Авесалома, Хусај му рече на Авесалома: „Да живее царот! Да живее царот!”
17 А Авесалом го праша Хусаја: „Дали е тоа твојата верност кон твојот пријател? Зошто не си отиде со својот пријател?”
18 А Хусај му одговори на Авесалома: „Не, туку кого го избра Господ и овој народ и сите Израелци, ќе бидам негов и ќе останам со него.
19 И притоа: кому ќе му служам? Зар не на неговиот син? Како што му служев на татка ти, така ќе ти служам и тебе.”
20 Потоа Авесалом му се обрати на Ахитофел: „Советувај сега: што да правиме?”
21 Ахитофел одговори на Авесалома: „Влези кај соложниците на својот татко, кои ги остави да го чуваат домот: тогаш сиот Израел ќе чуе дека си во спор со татака си, па ќе се охрабрат сите оние кои што се согласија со тебе.”
22 Тогаш оптегнаа шатор за Авесалома на покривот, и Авесалом влезе кај соложниците на својот татко пред очите на сиот Израел.
23 А советот што ќе го дадеше Ахитофел во она време беше како некој да прашува за слово од Бога; толку вредеше секој Ахитофелов совет, и кај Давида и кај Авесалома.

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.