Втора книга Мојсеева/ 9 глава

Од Wikisource

8 глава Втора книга Мојсеева
9 глава
од Мојсеј
10 глава


 
 1 Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Оди при фараонот и речи му: ‘Господ, Бог на Евреите, порачува вака: „Пушти го Мојот народ да замине и да ми искаже почитување.
  2 Ако не го пуштиш, туку го задржуваш и натаму,
  3 Господовата рака ќе удри со страшен помор по твојот добиток што е во полето: по коњите, ослињата, камилите, по крупниот и ситниот добиток.
  4 Господ ќе го разликува добитокот на Израелците од добитокот на Египетците, така што нема да настрада ништо што им припаѓа на Израелците.”‘„
  5 Господ го одреди и времето, велејќи: „Утре, Господ ќе го направи ова во земјата.”
  6 Утреден Господ така и направи. Сиот добиток на Египетците изумре, а од добитокот на Израелците не изумре ниту едно грло.
  7 Фараонот истражуваше и се увери дека од израелскиот добиток не изумре ниту едно грло. Ама фараоновото срце сепак се закорави, и не го пушти народот.
  8 Господ им рече на Мојсеја и Арона: „Земете полни грстови пепел од печката, па Мојсеј нека ја фрли, пред фараоновите очи, кон небото.
  9 Од тоа ќе стане ситен прав по сета Египетска Земја, и ќе предизвика отоци и ќе создаде чирови и на луѓето и на животните, од едниот до другиот крај на Египет.”
10 Така тие зедоа пепел од печката и дојдоа пред фараонот. Тогаш Мојсеј ја расфрли пепелта кон небото, и отоците и чировите ги покрија луѓето и животните.
11 Ни волшебниците не можеа да се појават пред Мојсеја, зашто и вражалците, како и сите други Египетци, беа покриени со чирови.
12 Ама Господ го закорави срцето на фараонот, па тој не ги послуша Мојсеја и Арона, како што Господ и му рече на Мојсеја.
13 Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Порани наутро, излези пред фараонот и речи му: ‘Господ, Бог на Евреите, порачува вака: „Пушти го народот да замине и да ми искаже почитување.
14 Ако не го пуштиш, сите свои зла ќе ги навалам овој пат врз тебе, врз твоите службеници и врз твојот народ, така да сознаеш дека нема никој, на целата земја, каков што Сум Јас.
15 Да ја спуштев Својата рака и да ве удрев со помор, тебе и твојот народ, ќе ве снемаше од земјата.
16 Те поштедив за да ја покажам Својата сила и за да се објави Моето име по целата земја.
17 Ама ти се воздигнуваш премногу над Мојот народ и му пречиш да замине.
18 Утре, во ова доба, ќе пуштам толку страшен град, каков немаше во Египет од кога е создаден до денес.
19 Затоа нареди да го дотераат под покрив твојот добиток и сè што е надвор, на отворено. Сè што ќе се најде надвор во полето, било човек било животинче, ќе загине кога градот ќе запаѓа врз нив, ако не бидат воведени внатре.”‘„
20 Фараоновите службеници, кои се уплашија од Господовиот говор, ги дотераа внатре своите слуги и својот добиток.
21 Тие што не се грижеа за Господовата закана ги оставија надвор и своите слуги и добитокот.
22 Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Испружи ја раката кон небото да удри град по целата Египетска Земја: врз луѓето, животните и врз сите растенија во Египетската Земја.”
23 Мојсеј го крена стапот кон небото. Господ загрми и пушти град, и молњите ги здружи со земјата. Господ туруваше град по земјата на Египетците;
24 Градот биеше, низ него секавици параа. Таква стравотија не се нафрли врз Египетската Земја, откако имаше луѓе во неа.
25 Градот изби, низ сиот Египет, сè што остана надвор, луѓе и животни; ги уништи сите растенија по полето и ги искрши сите полски дрва.
26 Немаше град само во Гесенскиот Крај, каде што живееја Израелците.
27 Фараонот испрати по Мојсеја и Арона и им рече: „Признавам дека сум виновен овој пат. Господ има право, а јас и мојот народ сме виновни.
28 Молете Го Господа да ги запре громовите и градот, а јас ќе ве пуштам да отидете. Не ќе останете веќе долго.”
29 „Кога ќе излезам од градот - му рече Мојсеј - ќе ја кренам раката кон Господа, па ќе прекратат громовите, а ни град не ќе има веќе, така да знаеш дека земјата Му припаѓа на Господа.
30 Но ни ти ни твоите дворјани, јас знам, уште не се боите од Господа Бога.”
31 И така пропаднаа ленот и јачменот: зашто јачменот беше во клас, а ленот во цвет.
32 Пченицата и ’ржта не настрадаа, зашто беа подоцнежни жита.
33 Откако си отиде од кај фараонот, Мојсеј излезе од градот и ги крена рацете кон Господа. Грмежите и градот прекратија, а ни дождот веќе не паѓаше на земјата.
34 Кога фараонот виде дека прекратија грмежите, градот и дождот, пак падна во грев: и тој и неговите службеници пак се закоравија во срцето.
35 Се закорави срцето на фараонот, и тој не ги пушти Израелците, како што Господ и прорече преку Мојсеја.

Поврзано[уреди]

Надворешни врски[уреди]


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.