Втора книга Мојсеева/ 32 глава

Од Wikisource
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

31 глава Втора книга Мојсеева
32 глава
од Мојсеј
33 глава


    1 А народот, гледајќи дека Мојсеј не слегува долго од гората, се собра околу Арона и му рече: „Стани! Направи ни бог, па нека оди тој пред нас! Не знаеме што се случи со тој човек Мојсеј, кој нè изведе од Египетската Земја.”
  2 „Извадете ги златните обетки што висат на ушите на вашите жени, вашите синови и вашите ќерки - им одговори Арон - па донесете ми ги мене.”
  3 Сиот народ ги симна златните обетки, што ги имаше на ушите и му ги донесоа на Арона.
  4 Откако го прими златото од нивните раце, го растопи во калапи и направи леано теле. А тие извикаа: „Ова е твојот бог Израеле, кој те изведе од Египетската Земја.”
  5 Откако го виде тоа, Арон изгради жртвеник пред него, а потоа најави: „Утре нека биде приредена свеченост во чест на Господа!”
  6 Рано наутро станаа и принесоа жртви паленици и донесоа помирителни жртви. Тогаш народот седна да јаде и да пие. Потоа станаа за да играат.
  7 „Побрзај долу! - му проговори Господ на Мојсеја. - Твојот народ, што го изведе од Египетската Земја, тргна наопаку.
  8 Бргу се отстранија од патот што им го одредив. Си направија теле од излеан метал; паднаа ничкум пред него и му принесоа жртви, викајќи: ‘Ова е твојот бог, Израеле, кој те изведе од Египетската Земја!’
  9 Гледам добро - му рече натаму Господ на Мојсеја - дека овој народ е со корав врат.
10 Сега пушти да се распали Мојот гнев на нив за да ги истребам. Тогаш од тебе ќе развијам голем народ.”
11 Мојсеј пак Му се помоли на Господа, својот Бог, и велеше: „О Господи! Зошто да пламнеш со гнев на Својот народ, што го избави од Египетската Земја со голема сила и со цврста рака!
12 Зошто треба да речат Египетците: ‘Со зла намера ги одведе, за да ги погуби во планините и да ги избрише од лицето на земјата!’ Смири ги Својот гнев и лутината; откажи се од злото за Својот народ!
13 Спомни си за Авраама, Исака и Израела, за своите слуги, на кои им се заколна Сам во Себе си и им вети: ‘Ќе го размножам вашето потомство како ѕвездите на небото и сета оваа земја што ја ветив ќе му ја дадам на вашето потомство, и таа ќе биде нивно наследство засекогаш.’”
14 И Господ се одрече да навали на Својот народ несреќа, со која му се закани.
15 Мојсеј се заврте и слезе од гората. Во рацете му беа двете плочи на Сведоштвото, плочи напишани на двете свои рамнини; напишани и од едната и од другата страна;
16 Плочите беа Божјо дело; писмото беше Божјо писмо врежано на плочите.
17 А Исус ја чу викотницата на народот што викаше, па му рече на Мојсеја: „Бојна викотница во логорот!”
18 Мојсеј му одговори: „Ниту викаат победници, Ниту тажат победените: Но јас слушам само песна.”
19 Штом се приближи до логорот па го забележа телето и како играат, Мојсеј се разгневи. Ги фрли од рацете плочите и ги скрши во подножјето на планината.
20 Го грабна телето, што го беа направиле, го изгоре во оган и иситни во прав. Тогаш го расфрла правот по водата и ги натера Израелците да ја пијат.
21 „Што ти направи овој народ - му рече Мојсеј на Арона - па им навлече толку голем грев?”
22 „Нека не се распалува со гнев мојот господар - одговори Арон. Самиот знаеш добро дека овој народ е наклонет кон злото.
23 Ми рекоа: ‘Направи ни бог, па нека оди пред нас! Не знаеме што се случи со тој човек Мојсеј, кој нè избави од Египетската Земја.’
24 Тогаш јас им реков: ‘Кој има злато, нека го симне!’ Така ми го дадоа, а јас го фрлив во оган, па излезе ова теле.”
25 Кога Мојсеј виде дека народот стана разуздан - па Арон ги пушти да паднат во идолопоклонство меѓу своите непријатели -
26 застана при вратата на логорот и извика: „Кој е за Господа, при мене!” Сите Левиеви синови се собраа околу него.
27 Тој им рече: „Господ, Бог на Израел, зборува вака: ‘Нека секој го припаше мечот до бедрото и нека тргне низ логорот од врата до врата, па некој нека го убие брата си, некој својот пријател, некој својот сосед.’”
28 Левиевите синови го извршија Мојсеевиот налог, и во тој ден паднаа околу три илјади луѓе од народот.
29 „Денес му се посветивте на служба на Господа - рече Мојсеј - некој по цена на својот син, некој по цена на својот брат, така што денес ви дава благослов.”
30 Утреден Мојсеј му рече на народот: „Тежок грев сторивте. Сепак ќе се искачам при Господа. Можеби ќе добијам прошка за вашиот грев.”
31 Мојсеј се врати при Господа па рече: „Леле! Оној народ стори тежок грев, правејќи си бог од злато.
32 Сепак прости им го гревот. Ако не сакаш, тогаш избриши ме и мене од Својата книга, која ја напиша.”
33 Тогаш Господ му одговори на Мојсеја: „Оној кој згрешил против Мене, ќе го избришам од Мојата книга.
34 Туку, сега оди! Поведи го народот каде што ти реков. Мојот ангел ќе врви пред тебе. Но во денот кога ќе ги посетам, ќе ги казнам заради нивниот грев.”
35 Господ удри со помор на народот заради телето што им го направи Арон.

Поврзано[уреди]

Надворешни врски[уреди]


PD-icon.svg Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
Nuvola apps important.svg
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.