Втора книга Мојсеева/ 24 глава

Од Wikisource

23 глава Втора книга Мојсеева
24 глава
од Мојсеј
25 глава


 1 Потоа му рече на Мојсеја: „Искачете се кон Господа - ти, Арон, Надав и Авиуд и седумдесет израелски старешини. Поклонете се оддалеку!
  2 Само Мојсеј нека Му се доближи на Господа! Тие нека не се доближуваат, а народот нека не се искачува со нив.”
  3 Мојсеј дојде и му ги кажа на народот сите Господови зборови и сите одредби. А сиот народ одговори едногласно: „Ќе ги вршиме, сите зборови што ги рече Господ.”
  4 Тогаш Мојсеј ги запиша сите Господови зборови. А наутро порани и подигна жртвеник во подножјето на ридот и дванаесет столбови за дванаесетте Израелеви племиња.
  5 Потоа им наложи на младите Израелци да принесат жртви паленици и да му жртвуваат на Господа јунчиња како жртви помирници.
  6 Мојсеј ја собра крвта; половината крв ја тури во садови, а половината ја излеа врз жртвеникот.
  7 Потоа ја зеде Книгата на Заветот па му ја прочита гласно на народот, а народот одговори: „Ќе вршиме и ќе послушаме сè што рече Господ.”
  8 Потоа Мојсеј ја зеде крвта и го попрска народот, говорејќи: „Ова е крвта на Заветот што Господ го воспоставува сега со вас на основа на сите овие зборови.”
  9 Тогаш Мојсеј се искачи со Арона, Надава и Авиуда и со седумдесетте Израелеви старешини.
10 Тие го видоа Израелевиот Бог: подножјето на Неговите нозе како да беше од бесценетиот камен сафир, со болскот сличен на самото небо.
11 Ни Своите раце не ги протегна врз Израелевите избраници: слободно Го набљудуваа Бога и јадеа и пиеја.
12 Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Искачи се кај Мене на ридот и почекај Ме таму. Ќе ти дадам камени плочи со законот и со заповедите, што ги напишав за нивна поука.”
13 Мојсеј и неговиот помошник Исус станаа, и Мојсеј се искачи на Божјата Гора.
14 А на старешините им рече: „Чекајте нè тука додека не се вратиме. Ете се со вас Арон и Ор. Кој има некаков спор, нека им се обрати ним.”
15 Потоа Мојсеј се искачи на гората, а тогаш облак ја покри гората.
16 Господовата слава се настани на Синајската Гора, и облакот ја покриваше шест дена. На седмиот ден Господ го повика Мојсеја од пред облакот.
17 Господовата слава на врвот на гората беше за очите на Израелците како оган што изгорува. Мојсеј навлезе во облакот и се искачи на планината.
18 Четириесет денови и четириесет ноќи Мојсеј престојуваше на гората.

Поврзано[уреди]

Надворешни врски[уреди]


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.