Едно време, кога ѓаолот шетал по земјата, Влаот се спријателил со него и се побратимиле. Сетне двајцата се сториле ортаци да работеет и да печелеет заедно. И прво посадиле кромид. Кога уздреал кромидот и фтасал за корчејње, двајцата ортаци се погаждале меѓу себе, кој шчо да земит од посадениот опшч кромид. Најсетне се погодиле: врагот да земит родот (плодот), а на Влаот да останеет корнишчата, — самиот кромид. И така Влаот зел кромидот. а врагот перјата.
Ѓаолот јадосан за измама си, многу се наљутил на ортака си пријатеља. Тоа Влаот му рекол:
— Хајде годинава да посадиме друго нешчо, та ти земи корењата, а јас земам врвоите.
Врагот се сторил каил, та посеале жито. Кога уздреало житото, Влаот, спроти зборот што го сториле понапред, зел врвоите, — класјето, самото жито, а ѓаолот — корењата. И така ѓаолот пак се измамил, та ушче појќе се разљутил на ортака си и расипале ортакламата (дружбата).
Најсетне, за да се помиреет, си рекле: „Хајде сега да се вјааме!“ и се изборвале, секој од двајцата да повјаат на другара си дури вјахналиот да испеит една песма. И прво врагот вјахнал Влахатого. Вјаал, шчо вјаал, дури си испејал песмата, та му слегол. Тога било ношја, од вечер. По него вјахнал Влаот врагатого и фатил да си пеит песмата. Вјаал и пејел, вјаал и пејел, а ѓаолот се го носел, ама вјаањето не се свршвело, зашчо и песмата во Влаот никако не се доспевјала. Ѓаолот под него му викал:
— Е, пријателју, ушче не ја допеа песмата?
— Не, не, му одговорвел Влаот; камо, камо ушче? Сега сум ја запејал!
И така ѓаолот сѐ туку го носел. Посетне на ѓаолот му се здодеало носеешчем го, та пак го опитал:
— Имат ушче песмата? Ушче не се допеа,
— Имат, имат! — му одгоори Влаот.
И ѓаолот сѐ туку го носел. Кога приблизало да се зазорит, кон ранска доба, врагот, разљутен, пак го опитал Влахатого.
— Ушче не се допеја таја пуста песма?
— Ушче троа — му рекол Влаот.
И потем малу време петлите фатиле да пејеет: ќи-ќи-рику-у! Фатило да пукат зора и ѓаолот пукнал под Влаот. Така Влаот го надолил врагатого.