Беше се заљубил еден цар во една жена и, од големата севда што имал во жената, да беше сакала жената царството, би му го зела; арно ама не је текнуало на жената да му го посака царстото, ами је текнало да му посака да је напраит царот една кула саде од коски од животинки.
Едно чул тој збор царот од жената, распратил абери по сета земја да се повикаат од сите животинки попрвио што му бил, како кназ и како цар. Откоа зедоа аберо царцки големците од животинките, тргнале сите и дошле кај царот. Од врапчињата големио дошол; от гугучките големио; од чавките, од страчките, од соколите, од орлите и од сите друзи што летаат, дошле, — само буо не беше дошол. Дошле и сите од животинките, што сет со четири нозе, големците: од кучињата, од мачките, од кравите, од овците, од коњите, од магарињата, од зајаците, од лисиците, од волците, од мечките и од сите друзи со четири нози животинки дошол и самио цар на сите животинки, 'рслано. Откоа беше се собрале сите главатари од животинките на едно место, тргнале да одат кај царот да му се престават за да чујат што ги вика. Тргнал рслано со орело напред, и по нив сите главатари, и се преставиле пред царот.
Сите му се поклонија на царот и се наредија пред него.
— Знајте вие, големци, што сум ве викал, али не знајте?
— Не знајме, честити царе — му рекле — што си нè викал.
— Слушајте сега да ви кажам — им рекол царот.
— Јас сакам од вас да ми донесите коски от животинки, колку еден сарај да напраам голем.
— Аман, честити царе — му рекле — не стори се каил да нè мачиш толку многу, чунки не ќе можиме да најдиме толку многу коски.
— Зер вие не знаите, бре главатари, оти од цар збор не се враќа назад? Се мачите, еден други се јадите, илја коски сакам и друго ништо. А пак, ако не можите да донесите, сите под сабја ќе ве клаам и ќе ве изгубам!
Коа чуле тој збор од царот главатарите, се уплашиле едночудо и никаков џуап не можеле да му даат на царо. Сите животинки се глеале едносодруго и се чекале кој ќе му даит на царот џуап. На тоа замолчуање туку беше се испраило врапчето пред царот и му рекло:
— Арно ни заповедуаш, честити царе, да бараме крај за коски да ти донесиме, ами каму го буот да дојдит за и тој да бара крај? Али саде ние зер се најдовме да умираме?
— Бре, зер буот не је дојден? Е, коа је така, почекајте дури да дојдит и буот, за после ојте си — му рекол царот.
Еве го, ене го буот, три дни беше поминале дури дошол и се преставил пред царот.
— Кај си, бре був, досега што те немат? Зер ти не слушаш мојата заповед?
— Слушам твојата заповед, честити царе, туку бев се заватил во една голема работа, та од тоа се забаив.
— Ами која работа јет поголема, бре був будала, али мојата, али твојата?
— Мојата мислам да јет поголема, честити царе, чунки есап напраив колку мажи има на веков и колку жени, а твојата работа јет за да напраиш еден сарај од коски, како што ми кажаа друзи.
— Ете таа јет мојата работа му рекол царот. Ја кажи ми да те чујам што работа си имал ти?
— Јас пребројав, честити царе, му рекол буот колку мажи има на веков и колку жени. Арно ама јас не се надеев да излезат три катои жени и еден кат мажи, и за тоа ми паднало мака и не толку, илја коа видов мажи да се како жени, голема мака ми паднало оти да има мажи што да бидат жени!
Коа чу царот тој збор од буот, на чудо беше станал: како може да се мажи и жени?!
— Јас туку седам и се чудам, бре був, со твојо збор што го рече, оти имало поеќе жени од мажи и пак мажи имало да бида(т) жени. Ја кажи ми да чујам јас какви сет тие мажи што се како жени? — му рекол царот.
— Ете како тебе сет — му рекол буот — тие мажи што сет жени, честити царе, ат'р да не ти останит што ќе ти речам, чунки си кинисал по умот на една жена да је праиш од коски сарај, за да погубиш илјадници души. Преесапи се, ако не си подолен од жена, тогај губи ме.
Коа чул царот тој збор од буот, се сетил оти јет подолу от жена, чунки послушал една жена да је праит сарај од коски на животинки.
„Бре, анасана, што сум ти бил будала си рекол сам со себе — и подолен од една жена, та да ме резили еден був и да се устрамам! Нејсе, ова ќе ми биди за ум. Ете што рекле стари „од кај што се не надеит чоек, тамо излегуат зајак“ и „итрио и будалата еднипати сет токмо." Нејсе на буот јас ќе му го припознаам ова добро и ќе му врзам еден таин."
— Ашколсун, бре був, на твојо ум што ми го даде за јас да се свестам, за да не бидам жена, ами маж да бидам, и за доброто што му го стори на сите животинки, треба нешто да те подарам, за да речиш бериќатверсин. Ете од моја страна ти подаруам да ти иди ката еден ден по едно врапче в уста за да си го јадиш дури си жив, таин да ти бидит.
— Лели ти го подаруаш со по едно врапче — му рекле друзите животинки — еве и ние ќе му подариме уште едно за доброто што ни го стори.
Ете од тој саат на буот му се давале по две врапчиња ката ден да си 'и јади. Арно ама не ојде многу време, и буот покажал еден будалалак со таинот на двете врапчиња: наместо двете да 'и јадит, едното го јадел и другото го обесчестуал. Од тоа бесчоечно нешто на буот, се дигнале сите животинки и ошле кај царо, та се оплакале за тоа нешто, и царо му го скусил едното врапче, и останал само со едно до ден-денеска да му влегуа в уста. И затоа врапчињата трчаат околу него како слепи коа да го видат да лета дење, за кое од кое в уста да му влезит.