Имаше еден македонски цар. Тој живеал деведесет години, а деца немал. Тоа се Бога помолил он: „Дај ми, Боже, едно дете, макар да есветиот дуф!" И он како се Бога помолил, Бог така му дал. Тоа дете се викаше Брешко. Преди Крале Марко бил тој. Кога станал Брешко на петнаесет години, изговорил на татка си: „Море, татко, многу малку држиме ние земја; ќе се биеме, ќе земеме повеќе". Татко му рече: „Нека ти, синко, ако имаш јуначка сила, а народ да не пропастиш".
Тоа дете, Брешко македонски цар, зеде да се бие; прегази цела Земја. И, кога немаше веќе, влезе во Темнина Земја. Одиле три години. Напокон наближија до Божја Градина. Брешко влезе таму, во Божја Градина, а војската ја запре. Таму го најде свети Петре; се најдоа свети Јовани, побратими, и си отидоа заедно во Божја градина. Свети Петре му рече: „Побратиме, ќе ти дадам нешто да однесеш во вашата земја од овие слатки плодови! Знам јас, во вашата земја сè диви растенија се!" И му даде пресад да ги ашладиса дивите растенија. Брешко, како видел оти не е таја земја за народ, се вратил, и не дочекал да скрши уште едно дрво, кое што било најслатко јадење, како го нема во нашата земја.
Се вратиле од Божја Градина во Темнина Земја, и цар Брешко ѝ рече на војската: „Од оваја земја кој земе пишман ќе биде; а кој ќе не земе, па пишман ќе биде!" Некој зел, некој не зел. Излегнаа од таму, излегле на Светлина Земја. И видел народот, тие што зеле земја дето газиле, оти таја била златна земја. И сите пишман биле! Тој што зел, вика: „Оти троа зедов". А тој што не зел, вика: „Оти ич не зедов?" И тие што не зеле, им сакале да тие што зеле. Тие не давале. Се збиле самите: еден по еден, еден по еден, се избиле до еден. Тогај оној Цар Брешко видел оти пропастил цел народ.
Кога му загинало царството, Брешко се примнал кај Бога, оти имаше божја сила! Тој Брешко македонски цар беше светија дуф веќе на овој свет, цела Земја прегази! И он си беше како Крале Марко, со Божја сила, божествен човек.