Прејди на содржината

Богородица и жабата

Од Wikisource
Богородица и жабата

од македонските народни приказни
Легенда.

Кога умрел Ристос, Богородица седнала над главата негова, плакала и го тажила. Сите жени што биле во тој град, се дошле со свеќа и киска. Чула и жабата оти ѝ умрел син ѝ на Богородица, си направила една киска цвеќе си усукала една свеќа и си ја завиткала во една памија и отишла и таја кај Богородица со свеќа и на гајрет. Влегла в куќа, се прекрстила и му запалила свеќата над главата од Риста и ја клала киската цвеќе до десното рамо. Седнала на левото колено, стиснала обете раце на десното колено и навирила очите да плачи, од жал што ѝ идело на тажачката од Богородица, кога тажела и редела маките Ристосови, што беше видел од Евреите, кога го распнале. Сите жени го потажиле Риста и го поредиле и секоја што си имала некој умрен му нарачила на Риста да му носи здраво и живо на тој век. Зела ред и жабата и таја го потажила Риста, и во тоа незино тажење си пуштила здраво-живо на жабарот незин што ѝ умрел тогај брго.

Кога го тажела жабата жабарот, на сите жени им идело да се смеат. Арно ама секоја се стегала и не се смеела, Чунки се страмела од Богородица. Сирота Богородица се сеќавала оти на сите жени им идело смеа од тажачката на жабата; арно ама немало што да и чини.

Станала жабата да си оди дома и ја фатила Богородица за рака и ѝ рекла: „Седи ми со здравје, сестрице Богоро дице, Господ гајрет да ми ти даи, нема човек што да прави, откога ќе дојди пустата смрт нема што да прави. Вчера мене ме нашло, што ми умре жабарот, денеска тебе те нашло, што ти умре синот. Ете таков е овој пусти век: жив вземи не се влегуа, мори сестрице Богороице."

На тие жабини зборои умрен да беше човек и пак ќе се насмееше, а неголи жив. Сите жени што седеа околу Риста, сите под мустак се изнасмераа и за да не ги сети, сполај ѝ Богородица, беше се фатиле со десната рака за уста. Арно ама Богородица не беше дотолку будала, тики да не се сеќава при сета жал што имала и таја се насмеала на од жабата збороите што ги велела. На часот сирота Богородица беше се сетила оти грешила што се насмеала. „Оф, да би уста моја црвосала, што се насмеала; што гледам пред мене, што се насмеав? Син за женене заклан со бруќе спружен пред мене".

За чудо големо, веднаш беше ѝ црвосала устата на Богородица. Колку пати што проговорила во тој саат, толку црвци беше ѝ испаднале од устата.

Да му е милост на Бога, сите црвје што беше ѝ испаднале од устата, од Бога беше ги блаосоила и беа се сториле буби, веднаш беа завиле кожурок. Видуање жените, и беа си зеле од бубите та беа си запатиле. Затоа е коприната скапа, оти е од устата од Богородица блаосоена.



Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е непознат/народно творештво.

[[Категорија:Македонски народни приказни]