Бискуп Августо Бонети за разговорите со скопскиот митрополит Теодосиј

Од Wikisource
Бискуп Августо Бонети за разговорите со скопскиот митрополит Теодосиј

од Августо Бонети
Августо Бонети, амбасадор на Лазаристичката мисија во Цариград, разговарал со скопскиот митрополит Теодосиј Гологанов во врска со возобновувањето на Охридската Архиепископија под заштита на Римокатоличката Црква. Бонети ги известиле кардиналите во Рим одговорни за преговорите.



4ти декември 1891 година

Скопје,

Ваша Светост,

После напорниот пат пристигнав во Скопје и се сместив во бискупската резиденција во која само два Францисканци живеат и ги задоволуваат потребите на малубројните тукашни верни. Како што ми препорачавте се поврзав со локалниот конзул на Австро-Унгарија, г-дин Шмукер. Не си ни починав туку веднаш го испратив отец Алоис кај него. Конзулот беше многу љубезен веднаш да ме посети во резиденцијата. Нашите разговори траеја околу два часа и тој ме извести за состојбата на тукашниот митрополит Теодосиј кој е во судир со неговиот претпоставен, бугарскиот Егзарх Јосиф, и за неговата (на Теодосиј) желба да тргне по вистинскиот пат со тоа што ќе го признае Неговата Светост за свој врховен авторитет. Конзулот ми даде подробни информации за митрополитот Теодосиј, опишувајќи го како човек многу ревносен за една идеја за обнова на некоја стара црква, укината пред многу време од некој локален турски властодржец и од грчкиот Патријархат, со единствена цел да го одвои народот од Македонија од тие во Бугарија, како два одвоени народи на Балканот. Конзулот ми навести дека митрополитот Теодосиј се наоѓа во многу тешка положба, прогонуван заради неговата националистичка активност не само од бугарскиот Егзарх, туку и од грчкиот Патријархат. Сите трите балкански влади: на Бугарија, Грција и Србија, се против него. Конзулот смета дека митрополитот Теодосиј сега нема избор, зашто сите мостови му се изгорени, и сега ќе мора да направи отстапки од неговите барања.

Вчера, на 3ти декември, со помош на конзулот Шмукер, се сретнав со митрополитот Теодосиј во неговата резиденција, една многу скромна зграда до тукашната река Вардар. Пристигнавме околу 8 часот наутро и конзулот и јас моравме да чекаме половина саат нашиот домаќин да си ја заврши утринската молитва која ја држи секој ден. Нашата средба беше многу срдечна. Можеби Светиот Дух беше присутен за да се случи средба меѓу двајца прелати после толку многу години откако Источната Црква отстапи од вистискиот пат Божји.

Откако ни понуди кафе и слатко (како што е тука обичај), митрополитот Теодосиј веднаш се префрли на проблемот. Прво му се обрати на конзулот Шмукер и го праша дали има чест да зборува со претставник на Неговата Светост. Откако конзулот му потврди, ми се обрати срдечно со овие зборови: „Јас верувам дека мојот ценет пријател, г-дин Шмукер, ве исвести за нашата желба да побараме целото стадо од Македонија да влезе под заштита на Неговата Светост, Папата, за обнова на древната Охридска Архиепископија, која незаконски беше укината пред околу 120 години. Желбата на мојот народ е да биде осободен од духовната потчинетост на бугарскиот Егзархат и константинополскиот Патријархат и да си има сопствена национална Црква.“

Внимателно го сослушав митрополитот и му одговорив дека сум испратен од моите претпоставени да ги сослушам неговите барања и да им ги пренесам. Му објаснив дека сите решенија зависат од Неговата Светост. После оваа моја изјава митрополитот Теодосиј малку како да се разочара. Тој изгледа веруваше дека оваа работа ќе се разреши од моја страна тука и веднаш, без одлагање, зашто, како што веќе реков, според коментарите на конзулот Шмукер, тој ги беше изгорел сите мостови. Меѓутоа тој не се покажа многу подготвен за отстапки, што е обично случај со сите источни прелати, кога се однесува до тврдоглавоста. Тој извади лист хартија од бирото и почна да чита кои се неговите услови за пристапување во унија со нашата Света Црква. Г-дин Шмукер беше љубезен да ми преведува на германски збор по збор. Тие услови може да се сумираат на следното: да се обнови Охридската Архиепископија; Теодосиј да биде на чело; свештенството од врвот до дното сите да бидат Македонци назначени од него; границите на Архиепископијата да се совпаѓаат со границите на областа Македонија; католичките мисионери во Македонија да не им се мешаат во внатрешните работи на Архиепископијата; да си ја задржат богослужбата како што им е сега; да не им се променат одеждите на свештениците и се’ така.

Откако внимателно го сослушав митрополитот, му реков дека ќе ги препратам неговите барања до Рим, за Неговата Светост да донесе одлука. Потоа направив и неколку примедби во врска со неговото непознавање на правилата и догмите на Римокатоличката Црква. Обврските на Архиепископијата спрема Неговата Светост не беа наброени во неговото излагање; освен тоа не беше спомнато што ќе се случи со унијатската Бискупија во Македонија; и што има намера да прави со образовните и благотворните институции во Македонија. Митрополитот ме замоли пошироко да му ги образложам моите забелешки. Потоа седна и состави нов текст за условите на премин во унија со Римокатоличката Црква, кои тука ви ги приложувам. Потоа, на мое барање, напиша и молба во свое и во името на неговото стадо до Неговата Светост за премин во унија со Римокатоличката Црква.

Откакот сето ова го завршив, сметав дека нема потреба да се задржувам, зашто многу време помина. Се поздравивме срдечно. Митрополитот ме замоли да го известам Светиот Отец што е можно побрзо. Му одговорив дека уште истиот ден ќе го сторам тоа и дека се надевам на успешно исполнување на овие свети работи. Ваша светост, денеска заминувам за Константинопол и оставам на Вас да се погрижите за овие нешта. Според мислењето на конзулот на Австро-Унгарија, треба итно да се дејствува и да се донесе одлука, зашто секое одлагање може да биде погубно за митрополитот Теодосиј. Мое лично мислење е дека митрополитот Теодосиј го превзема овој чекор многу искрено и дека има објективни предуслови дека целото стадо од Македонија да го следи.

Ви останувам вечно верен Ваша Светост, им се препорачувам на вашите молитви,

Августо Бонети


Оригинал: A. della S. C. P. F. Roma: "Indice della Potenza" - Marzo 1892-1893, Somm. XV, f. 132 - 141.


Предлошка:Translation-license