Прејди на содржината

Бабината мома злата позлатена

Од Wikisource
Бабината мома Злата позлатена

од македонските народни приказни
Фантастична приказна.

Си беше еден цар и си имал еден син, тамам втасал за женење. За да си бендиса девојче син му од царот, царот направил еден ауз на едно место и го наполнил аузот со шекер-шербет, та кажал на градските жени и моми, секоја да оди кај аузот и да си леи шербет.

Кога се расчуло тоа нешто по жените, секоја зела стомните што си леала вода и отишла да си залеи шербет. Во истото време, син му од царот седнал близу до аузот и си ги гледал сите девојки, за некоја да бендиса и да ја земе за невеста. Арно ама, никоја не бендисал, при се што седел неколку дни наред.

Еден ден, дошла една баба да леи шербет и откога си налеала стомните со шербет, си донесла од дома сите црепои и путари што имала и тие ги наполнила. И со нив па не ѝ се наситило срцето, ами отишла и зела неколку лушпи од јајца, та ги наполнила со шербет и си ги наредила на земи. Гледајќи тоа нешто син му од царот, се насмеал на тамавќарлакот од бабата и фрлил со позлаќеното јаболко на една лушпа од јајцето на бабата, та му ја окршил лушпата. Кога виде бабата оти лушпата му ја окршил син му од царот, го проколнала вака: „Оф, бре синко, зашто ми ја окрши лушпата од јајцето, со позлаќеното јаболко? Ај да би од јаболко невеста зело, од мајка неродена!“

Царот гледал од сарајот на која девојка ќе фрлел син му со златното јаболко и таа да му ја земе за невеста. Арно ама, момчето не фрлило со јаболкото на девојка, ами фрла на лушпата од бабата и на часот заповедал да си појде дома син му и да се расипи аузот, чунки узнал царот оти не бендисал син му девојка и според законот го фрлил син му јаболкото од рака, та од тоа не требало да стои тамо и да бендисува мома веќе.
— Еј синко — му рекол царот, — во градов наш ти не бендиса девојка, според јас како што видов. Ја, ај земи пари колку што сакаш од азно и оди кај што ќе бендисаш девојка, да си земеш и да се жениш.

Кога чу тие зборои син му од царот, зеде пари колку што сакаше и тргна по царева земја, да бендиса некоја девојка и да се жени.

По сите градови помина во своето царство и нигде девојка не бендисал.

Најпосле, беше му кажал некој човек да оди кај сонцето и тамо ќе најдел девојка, според како што сакал.

Откога чу тие зборои син му од царот, оти у сонцето имало девојче според него, си обул едни железни опинци и ја оправил кај сонцето.

Одил, одил, одил и туку беше втасал кај сонцето една квечерина. Истрчала на порта мајка му на сонцето да види кој е тој што клука на порта. Кога го видела, се зачудила како дошло тоа момче дури кај сонцето, Откога го пречекала и се здравувала со него, му рекла:
— Оф, бре момче, како те донесе господ во нашава куќа, сега на зајеонце, кога ќе си дојде син ми гладен и жеден и да те шмркни цел како што си.“
— Аман, мајче, те молам, скри ме да ме куртулисаш, оти сум царски син и сум еден у мајка и еден у татка! — и рекол на сонцеа мајка.

Кога чула сончеа мајка тој збор од сина му на царот, му се смилила и веднаш го сторила една игла, та го закачила зад врата, да не го види сонцето и да го испие.

Не би час, се стемнило и дошло сонцето дома кај мајка си. Брго-брго му ставила мајка му вечерата: една каца полна со попара од симиди и млеко, и една каца со пиена вода. Се изнајало арно сонцето попара и се изнапило вода, и се раатисало. Му смирисало на сонцето на туѓ човек и ја прашало мајка си:
— Мори мајко, што ми мириса на туѓ човек нешто куќава?
— Ќе ти кажам, синко, му рекла, ами таксај ми се, оти ништо не ќе му сториш на човекот, та после ти го извадам да го видиш што човек е — му рекла мајка му.

Се таксало сонцето, оти ништо не му чини и ја откачила иглата од зад врата, ја дувнала и се сторило момчето пак човек како што си беше напред.

Откога сториле ош-беш со сонцето, го прашало сонцето зашто се мачило толку далечен пат, што патувало и дошло до него. Царев син му кажал на сочцето, како што направил татко му еден ауз со шербет и поканил сите девојчиња да си леат шербет бадијала, за како од како тој да бендиса некоја убава девојка и како што фрлил со јаболко на корупката од јајцето и како што го проколнала старата, да земе неродена од мајка девојка.

Откога ислуша тие зборои сонцето од момчето, се зачудило и си рекло со умот оти зет ќе му биде.
— Влези, момче, во бавчана, му рекло сонцето, и скини си едно позлаќено јаболко од јаболкницата позлаќена, та ој ми си дома и пресечи го дома јаболкото и ќе ти излезе однатре една девојка од мајка неродена. Девојката ќе ти посака леп и сол и после ќе биде твоја за век невеста, и мене јавна сестра.

Откога чу тој збор момчето, стана и појде в бавча, та скина три позлаќени јаболки, си ги кладе в пазува и се упати за долна земја да си оди дома.

Оде што оде до некое место и му текна, та извади едно јаболко од пазува и го пресекол да види, дали е вестина тоа што му рекло сонцето; едно го пресекло и веднаш излегла една убава и красна девојка, со таа руба на неа со рака човечка нефатена, и му застанала пред него, та му посакала леп и сол.

Кога ја видело син му од царот таа убава девојка, срце беше го фатило за неа, арно ама немајќи
леп и сол да и даде, си ошла девојката откај што дошла и си останало момчето очудено.

Поодило уште троа пат и го извадило едното јаболко од пазува, та му се стокмило да го пресече. Сечам, не еечам, најпосле извади ножето и го пресекло и тоа, да види дали вистина има девојка како во другото, и едно го пресекло беше излегла една девојка уште поубава од другата, та му посакала леп и сол и немајќи да и даде, невиден бис се сторила од пред него.

Кога видел син му од царот, оти и таа девојка му избега, веќе не беше го извадил треќото јаболко од пазува, та дури приближал близу до градот. Седнал под едно дрво, близу до патот што било под сенка, да си почини, и го извадило треќото јаболко од пазува, та го пресекло и еве ти една девојка излегла, уште поубава од другите. Застанала пред него и му посакала леп и сол, за да биде невеста негова. На часот син му од царот и дал леп и сол и откога каснала неколку залаци, го фатила за рака и му се таксала да му биде верна домаќинка, за векутуму века.

За да влезе в град пеш со неа, некако не му фати есапот, ами ја качи неа горе на дрвото да поседи, дури да појде тој дома да земе кочија и тебабија, да ја земе со голем салтанат. Дури да појде син му од царот да ја земе, поминала една проклета Еѓупка и се вратила под дрвото, та пошла до бунарот што бил зад дрвото, да се напие вода. Едно беше се опулила во бунарот и ја видела сончеа сестра во водата. Кога кренала глава угоре, еве ти ја кај стои на една гранка. Кога ја виде толку убава, ја завиде и се качила горе на дрво, та ја симнала долу, Откога ја испрашала што е и како е, и слекла алиштата и ја фрлила во бунарот, та ја удавила, а таа проклета млада Еѓупка беше се променила со, тие алишта и беше се качила горе на дрвото, да го чека син му од царот, за неа да ја земе.

Син му од царот собрал сватои и дошол, та ја зел Еѓупката. Со прво видување и ја познал оти не е таа девојка, та ја прашал:
— Мори девојко, оти вака оцрне во лицето, во некој саат време?
— Од сонцето што ме чвркна, домакине, му рекла, чунки мене сонцето не беше ме видело во јаболкото досега, при сѐ што сум сестра на сонцето.

Кога чул син му од царот тие зборови од Еѓупката, се уверил оти таа е, и ја зел в кочија да ја носи дома. Излегло мало, големо, да ја види невестата, што и се учудиле на алиштата, што ги носила, а
лицето никој не и го бендисал.

Си ја венчал и си ја зел за невеста без да знае оти била Еѓупка, решетарка, син му од царот.

Кога паднала сончевата сестра во бунарот, се сторила една риба златокрила. Со денеска, со утре ја видоа луѓе и од збор, на збор на син му од царот в уши му појде, оти во бунарот имало една риба златокрила. Отишол тој сам да види и кога видел на чудо беше станал и ја фатил, та ја однесол дома и и казал на невестата си. Едно ја видела таа позлаќената риба и и текнало, оти девојката што ја турнала во бунарот е сторена риба позлаќена.

Син му од царот заповедал да се зготви рибата, за ручек да ја јадат. Кога се ставила да ја ручаат
рибата, Еѓупката ништо живо не оставала ковче да се изгуби; сите коски и лушпи беше ги собрала и ги фрлила во огон да изгорат, чунки се сеќавала оти може нешто да се стори и да оживи пак како што била. Арно ама, кога да нејќи господ да го губи човека, човек ништо нема што да му стори.

Јадејќи царот од рибата, од што му се сладило, зел едно остро ковче да си треби забите и откога си
ги истребил, го фрлил од пенџере удолу и кај што паднало се закопало во земјата, те никнало во многу брго време една позлаќена јаболкница, асли како што беше во градината од сонцето.

Голем ќеф имал син му од царот на таа јаболкница, чунки гранките од јаболкницата му влегувале во пенџерето, кога ќе дувнеше ветерот, а проклетата Еѓупка беше се сетила оти таа е никната на позлаќена јаболкница.
— Ах, кучка, од кучка родена, си велела сама со себе, дали тука ми дојде до пенџере, да ми се вовираш во одајата и да ме биеш по лицето кај што спијам со гранките, и мажа ми да го лажеш: сѐ во тебе да ти се пули. Чекај, кучке, утре што ќе те најде, ти да видиш!

Утрото уште од рано, главила еден човек и ја пресекла од корен, та ја исекол човекот на мали парчиња. Ги собрала парчињата, деланчињата до ронка и ги изгорела сите во една силна фурна и фурната ја заѕидала, вар и оросан. Арно ама, господ кога го варди човека, никој ништо не може да му стори. Во времето кога ја пресекла јаболкницата стоело тамо едно дете од една баба и зело една прачка од јаболкницата, та си ја вјавнало како коњче и си го боднало трчајќи за дома.

Откога се наиграло детето од бабата со прачката, ја фрлило под ноќви, да му стои за другаш пак да се игра. По повела божја, ноќта беше се сторила прачката девојка како што си била понапред и си се скрила во мусандра (соргенот).

Утрото рано си ошла бабата на работа, а син и на даскал, и затворила куќата. Излегла девојката од мусандра, суредила куќата, смела, ја направила за мило убавина и пак си влегла в мусандра.

Кога си дошла бабата вечерта, не се сетила за првпат, оти и е уредена куќата; другиот ден, па си ошла на работа и вечерта кога дошла сетила оти и била куќата уредена. Треќата вечер чисто сетила. Туку седи баба и се чуди, кој ќе биде што и ја суправа толку убаво куќата. Клала ниет еден ден бабата да варди и да види кој е тој што и ја суправа куќата.

Затворила вратата и се скрила на едно место. По некој саат излегла сончева сестра, од кај што беше скриена и фатила да суредува куќата. Трчаница бабата влегла в куќи и ја прегрнала со обете раце, та ја избакнала и откога беше ја испрашала од кај дошла и што дошла, си ја поќерчила.

Со денеска, со утре ја научија комшиите оти бабата си ја има поќерчена и одошто била убава, фатиле да ја викаат: Злата позлатена. Со денеска, со утре, се прочуло дури до син му од царот, оти бабата имала една ќерка, што ја немало докрај земја; се сторил мукает и ја видел. И како да му текна оти таа ќе биде девојката што ја извади од јаболкото.

Думал, шестал царот како да се научи дали е таа или не е. Курдисал еден марифет.

Близу до куќата од бабата, наредил царот една итра жена да прави гозба и да ги кани сите девојчиња што биле тамо. Бидејќи царска заповест била да одат сите девојчиња, ошла и бабината Злата. Итрата жена по вечера после ги запрашувала девојчињата секоја да си прикаже како израснале и дошле до тие годиње, што добро виделе и што зло. Сите се искажале и дошол редот за бабината Злата да каже својата живувачка.
— Да кажам, мори мајче и рекла Злата на жената, — туку знам оти не ќе ме верувате.
— Кажи, кажи, ќерко и рекла жената, — та ако ти веруваме, ќе ти веруваме, а пак ако не ти веруваме, нема нешто да изгубиш ти.

Во истото време син му од царот бил скриен во една одаја и ја гледал од една дупка. Кога почнала да зборува Злата, надал тој увото да ја слуша што ќе кажува.
— Јас, мајче, ќе кажам *) како сум пораснала, ама прво ќе ве молам, тоа што ќе кажам немој да кажете на син му од царот. Јас сум сестра на сонцето и не сум родена од мајка и од татко. Мајка ми е мене златното јаболко. Не бендисувајќи син му од царот нигде на земјава девојка, дојде при брата ми сонцето и ме зеде мене, та ме донесе близу до градот и ме остави на едно дрво, да постојам тамо. Откога отиде дома, помина една проклета Еѓупка и ме виде, та ме фрли во еден бунар и неќејќи господ да загинам ме избави уште од многу маки што видов и еве сум у баба, поќерчена. Ете ми, тетко, мојата живувачка, досега што сум живеела.

Кога чу царев син тие зборови од Злата, веднаш се уверил оти таа е сончева сестра, што ја извади од позлаќеното јаболко и трчаница влегол кај неа, та ја повел по себе за дома. Сите маалски девојки оделе по неа, да ја испратат. И курдисал царев син свадба токмо три години, а Еѓупката ја завиткал во една смолосана и катраносана ругузина, та ја запалил и жива ја изгорел, за да се прикажува и до ден денеска за неверната Еѓупка и за верната сончева сестра.


Белешка
  • ) Откога зафатила да прикажува Злата својата историја, на секој збор велела: „Број ми се бисере, број!"


Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е непознат/народно творештво.