Прејди на содржината

Арслано што му 'и пренесе магарињата на дрваро преку река

Од Wikisource
Арслано што му 'и пренесе магарињата на дрваро преку река

од македонските народни приказни
Приказна за животни.

Еден дрвар си терал дванаесет магариња, собрани од маало, да му носи дрва и да му зема по еден грош на тоар, та со тие пари да ја гледа куќата и да си рани челадта. За многу години што одил и никојпат некое големо зло не беше го нашло, како што го нашло еден ден. Идејќи со тоарени магариња до една река суодолица, силно дотечена, застанал да се дума и да се мисли као да 'а прегази реката. Никако есап не му ваќало као да 'а прегази, чунки носела дрвја и камење. Оде погоре, подолу, нигде не му ваќаше умот.

— Леле јас сиромав — си велел — што се чини чаре? Рекава се поеќе дотечуа и не се смалуа; да 'и натерам магарињава в река, ќе се удаат, после што праам јас сиромав?

Жалејќи дрваро така, го чул еден 'рслан што се нашол тогај тамо, та му дошол близу да му поможи и му рекол:

— Не бој се, бре дрваре, еве ја ќе ти поможам, ти натерај и магарињава в река и јас ќе 'и начекуам да не 'и однеси удолу и ќе ти 'и изваам на онаа страна.

— Ако ми го сториш тоа добро, брате 'рслане — му рекол дрваро — дури сум жив, нема да ти го забораам.

— Ела сега ти по мене, дрваре, да ти кажам каде је реката поразлеана, да 'и натераш магарињата.

Отишол дрваро по 'рслано и му кажал кај била реката разлеана, и тамо 'и дотерал магарињата и со помошта од 'рслано сите магариња поминале отаде река и тој останал одааде река од што му било страв да 'а гази реката.

— Аман, бре брате 'рслане, ами мене као ќе ми поможиш да 'а прегазам рекава?

— Ела, качи се на вратов и ќе те преминам — му рекол 'рсланот и го зел на рамо, та го пренесол преку река.

— Благодарам ти, брате 'рслане, на доброто што ми го стори и биди уверен оти ќе ти донесам еден голем бакшиш коа ќе дојдам пак на дрва.

Си потерал магарињата и си отишол дома. По два-три дни отишол од вечер на дрва, да 'и паси магарињата, и се нашол со 'рслано. Здраво-живо сториле и го канил 'рслано да ноќева во негоата пештера. Отишол дрварот во пештерата при 'рслано и му курдисал една царцка вечера. Јал, пил дрваро дури му било доста, и се ватиле во разгоор. Ова било, она било, дошло збор да се валат кој ѕверои сет појунаци. 'Рслано велел оти мечките биле појунаци од 'рсланите, а пак дрваро велел: 'рсланите сет појунаци, при се што му била глаата као на куче.

— Како, како, глаата ми била као на куче — му рекол 'рслано — ја кажи уште еднаш да чујам?

— Е, такваа ви е, за прао, као на куче, при се што сте многу јунаци. Ете тој кусур, спроти мене, го имате. Муцките ви се као долгманести малце, што ве грди.

— Колку за тоа имаш прао, пријателе, муцката ми е малце долгманеста; ја земи ја секирата и отсечи ја малце, та да ме заприлега. — му рекол 'рслано.

— Ама како бидуа тоа нешто јас да ти го сторам на твоето добро што ми го стори, бре братко? — му рекол дрварот.

— Добро, добро! Јас што ти велам: стани, земи ја секирана и подрамни ја муцкава што ти грди.

На тоа згора, стана, ја зеде секирата и му пресече троа од муцката.

— Еј, сега ако сакаш седи овде да си лежиме, ако неќиш, ој си кај магарињата — му рекол.

— Кај магарињата ќе одам, да не ми загини некое и после кај да одам од стопанот — му одгоорил дрварот.

— Е, коа така, ај ој си со здравје, ама па коа ќе сакаш да дојдиш, да не ме заборајиш — му рекол 'рслано и го испратил.

По време, пак дошол дрваро на дрва и го побарал 'рслано да му оди на гости, чунки напре му се нагости. Едно го виде 'рслано и откоа се здравуваа, седнаа да седат и наместо да му готви вечера, му покажал потсечената рилка:

— Ја види ме во рилката, бре дрваре, дали се познаа раната што ми ја пресече?

Го поглеа во рилката, и не се познаало никаков белег од рана.

— Не се познаа, пријателе — му рекол дрварот — никаков белег немат од пресеченото.

— Прао си кажал, дрваре, никаков белег нема на муцката, а зборо што ми го рече оти муцката ми била као на куче, во срцево ми влезе и никако нема да ми оздрави. А бре, никаквику еден, како го забораи моето добро што ти 'и пренесов магарињата и тебе преку една силна река; откоа те избавив, ми такса голем бакшиш да ми донесиш; при се што не ми донесе, јас те пречекав со голем ќев и те гоштеав со сите убаиње. На сите добриње што ти 'и напраив, ти што ке ми речиш! Муцката моја прилегала на куче! Ти мене ме стори токмо со едно куче, при се што сум цар на сите ѕверои. Еве за тебе што треба!

Го вати и го искина на триста парчиња, што не припознаат добро и за доброто враќа зло.

Поголем залак голтни и поголема реч не речи, што рекле стари.

                                                               *
                                                     Втора верзија

Спроти оваа има и една друга што се прикажува за една мечка што изгледала едно дете и откоа пораснало детето, го испратила да си оди во градо и да живеи помеѓу луѓето. По некоја година, му се посакало на момчето да си ја види мечката и је пошло една вечер на гости.

Откоа се испрашале као живеат, се навечерале и си легнале, коа што си лежале и напред, као мајка и син. Утрото, откоа станале од спиење, го прашала мечката као поминало со спиење заедно со неа.

— Арно спав, мајко, ама едно лошо што ти смрди плотта, тики непара можев да те трпам — му рекло.

Коа го чула мечката тој збор, достага беше ја паднало на срце и му рекла:

— Земи ја, синко, секирана и расцепи ми ја глаата.

При многуто неќење на детето, кандисало да земи секирата, ја зело и ја расцепило глаата. И го испратила да си оди:

— Па дојди, синко, ако ме милуаш, да ме видиш — му рекла — оти сум ти била мајка, сум те дојала и сум те излекуала.

Си отишло момчето в град и по многу време пак му отишло. Откоа се поздравиле, му рекла:

— Ја види ме на глаава, бре синко, кај што ми ја расцепи со секирата, дали има уште рана?

Поглеало момчето и видело оти нема рана.

— Нема, мајко, ни рана, ни па се познаа — je рекло.

— Вистина, таа рана не се познаа, синко, ама речта што ми ја рече, оти ми смрди плотта, ми стои во мислата и нема никогаш да ја забораам. Затоа еден чоек што не припознаа добро и за добро враќа зло, не треба да биде жив. Еве за тебе вака треба!

На тоа згора го вати и го искина на триста парчиња.

Ете кој не мисли и не 'и џвака збороите коа ќе и речи, што пати.



Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е непознат/народно творештво.