Прејди на содржината

Арсланот и глушецот

Од Wikisource
Арсланот и глушецот

од македонските народни приказни
Приказна за животни од кичевскиот регион.

Едно време едни ловџии фатиле в планина еден арслан, го врзале со јажиња и пратиле едного од
другите в град, да донесит синџири, за да го врзат појако и да го носат без страв. Арсланот бил врзан за некој даб: рикал, копал и се, шчо му се препречило пред очи, искорнал.

До дабот имало една дупка и внатре еден глушец. Коа чул рикањето, глушецот излегол да видит
шчо је тоа и, коа го видел арсланот, го попрашал, шчо му је. Арсланот кренал опашката и му рекол:
— Мани се, гадино ниедна! И ти сеа ќе ми додеаш?

Глушецот си се скрил в дупката. Втори пат излегол, и арсланот пак го избркал. По малу време пак излегол и му рекол:
— Кажи ми, џанам, од шчо имаш мака? Белќи можам да ти помогна?

Арсланот му одговорил:
— Али не глеаш, шчо ми је? — Ме фатија ловџии, ме врзаа овде и пратија едного од нив да земит
синџири, да ме врзат и да ме носат по градишчана за да се бијат шега со мене, и да ме мачат! Шчо ќе мојш ти да ми поможиш?
— Тоа ти било маката? — рекол глушецот. Ато, шчо не ми кажа од преѓе? Сеа да видиш, као ќе те куртулиса.

Му се фрлил на вратот и — крц, крц, крц! дури да плуниш, го прегризал јажето!
— Бегај сега! — му рекол.
И арсланот, коа се видел слободен, избегал, чудејќи се:
— Ја, коџамити арслан, ишло по некој пат време, да сум бил борчлија и на глушецон!



Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е непознат/народно творештво.