Еднаш се собрале сите ѕверои да си одберат еден цар, и сите рекле:
„Арсланот да е!" И го избрале за цар.
Арсланот се наперил и рекол:
„Од мене појунак нема на земјата!" Една мечка стара, била саката, крива со една нога, ја удрил некој човек.
Она рекла:
„Не се фали, оти од тебе има појунак на светот!"
Арсланот скокнал и ѝ рекол на мечката:
„Кој е појунак од мене?"
Мечката му рекла:
„Човекот".
Арсланот рекол:
„Е, дека се наоѓа човекот?"
Мечката му рекла:
„Слези по полето и ќе најдеш човек".
Арсланот веднаш слегол до полето и нашол еден коњ. Се доближил до него и со страв го прашал: „Што си ти?"
Коњот му рекол:
„Не ме гледаш ли што сум? Јас сум коњ“.
„Ами кој те врзал овде? го прашал арсланот.
Коњот му рекол:
„Човекот“.
„Ами дека е човекот?"
„Отиде во гората", му рекол коњот.
Арсланот се уплашил кога го видел коњот врзан и отишол во гората. Таму видел кола со волови прегната, па ги прашал:
„Што сте вие?"
Они му рекле:
„Волови".
„Ами што сте прегнати во колата?"
Воловите му рекле:
„Човекот не прегна овде и ние не смееме да мрднеме од тува до тува; зашто, ако мрднеме, има и ќотек!"
Арсланот се уплашил уште толку и ги прашал воловите:
„Каде е човекот?"
Они му кажале:
„Е-е, иди погоре, ќе го видиш".
Арсланот отишол погоре и видел едни биволи, па ги прашал:
„Што сте вие?"
Они му рекле:
„Биволи“.
„Ами што стоите овде?"
„Човекот чекаме да дојде; он отиде во гората да крши дрва па ќе дојде; ќе ги товари на колата, па ќе се качи на неа и ќе си земе свирката, и ќе си свири; а па ние ќе теглиме колата".
Арсланот се уплашил, па погледнал на едно дрво и го видел човекот. Отишол до дрвото, се запрел и оддалеку го прашал:
„Што си ти?"
Човекот му рекол:
„Јас сум човек".
Арсланот па му рекол:
„Јас сум дошол да се борам со тебе, оти си бил појунак од мене!"
Човекот се уплашил, па му рекол: „Ќе слезам да се борам со тебе, ама да те видам, ако си јунак, скрши едно дрво, како мене; тогај ќе се борам".
Човекот гледа да го излаже некако арсланот да си изаби ноктите и забите од дрвото, тогај да се бори; оти инаку лоша била работата.
И тогај арсланот фанал дрвото, гребал со ноктите, јал гризал со забите, го прегризал и го прејал дрвото, и дури паднало. Како што паѓало дрвото, на арсланст му ги фанало задните нозе. Тогај човекот слегол од дрвото, зел секирата, пата-кута, пата-кута, го дотерал до смрт. После си натоварил колата со дрва, качил и арсланот озгора на дрвата, се качил и он на колата, па си засвирил со свирката.
Арсланот си дошол на себе, ама го било страв од ќотекот да мрдне. Одиле, одиле, дошле во селото, во куќата на човекот. Тогај овој извикал:
„Бабо, бабо, отвори; ти носам ем дрва да се грееш, ем кожув да се топлиш!"
Излегла бабата и децата и го пречекале татка си. Човекот го фанал арсланот за опашка и го симнал од колата. Арсланот од страв ич не мрднал. Децата рекле на човекот:
"Тате! Ама колку голема мачка си отепал!"
Тогај си влегле дома, а арсланот го оставиле на гумното. Во таа ѓурултија, кога бабата излегла да го пречека човекот, таа пржела риба. Човекот се разлутил оти немало што да јаде; фанал со машата па ја истепал мачката. Сиротата мачка избегала на гумното. Арсланот, кога чул оти тепаат некого, не смеал да мрдне. Мачката отишла на гумното и зела да го души арсланот, а после зела да го трга за увото. Арсланот не смеал да мрдне. После се опулил полека и видел оти е мачката и ја прашал:
„Кого тепаа сега што се слушаше толку врева?"
Мачката рекла:
„Мене“.
„Ами зошто?"
„Оти им ја изедов рибата, па за това ме тепаа".
Арсланот ѝ рекол: „Ами не те боли?"
Мачката му одговорила:
„Не гледаш ли, мене по стопати на ден ме тепаат, па не сакам да знам. Гледаш, јас им ја изедов сега рибата, па дојдов при тебе, пак гледам да каснам нешто“.
Тогај арсланот станал, па побегнал и си рекол:
„Навистина на земјава од човекот и од мачката нема појак".
И отишол, ја викнал кривата мечка и ѝ рекол:
„Ти ми кажа право, ама јас не те послушав, навистина човекот бил појунак".