Прејди на содржината

Ќосот воденичар и итрото дете

Од Wikisource
Ќосот воденичар и итрото дете

од македонските народни приказни
Хумористична приказна.

Едно време си било едно момче мошне итро. Еднош татко му го праќал на воденица да сомели брашно.
„Ајде, синко, му рекол; да ти го товарам магарено со жито, да одиш в воденица, да сомелиш брашно. Ама види ваму: таму има многу воденици; ти да не одиш у Ќосето, оти тој ќе те измами, — ќе ти го земи житото и не ќе ти даде брашно. Ами да одиш во некоја друга воденица".

— „Арно, тате"; рекло детето.
Татко му му товарил на магарето еден осмак жито и го пратил.

Детето со магаренцето тргнало да оди и приближило каде водениците. Водениците биле многу, наредени една по друга, та детето од страв да не влези во Ќосевата воденица, се џарело и не знаело во која воденица да влезе.

Ќосето имало адет секога да излегуа и да стои на големата врата од воденицата, за да чека муштерии и да види да не иди некој со жито да мели брашно, та да го подмами за да влези во неговата воденица. Така и тогај беше излегло и се застоало на вратата, та беше го загледало каде се џарело и се утарело детето.

Тогај од малото вратниче и од одзади Ќосето истрчало и пак низ вратниче влегло во подолната воденица што била поблизу до детето, излегло и се застоало на големата врата пред воденицата. Детето, кога го видело таму, си помислило оти таа воденица била од Ќосето, та, спроти таткова си нарачба, не сакало да влезе во неа, а ошло во погорната.

Штотуку влегло во погорната воденица, бара воденичар — нема воденичар, и си го растоварило житото само. Кога ете му го Ќосето влегло низ вратничето и:
„Оо! добро си дошол, му рекло и др. Детето тој час познало измамата си, ама немало веќе што да чини, — житото било растоварено. — Сакало-нејќело, останало да го сомели брашното.

Чунки од татка си знаело веќе што стока било Ќосето, сега детето се мислело каква итрост да измисли, за да не можи Ќосето да го измами и да му го задржи брашното.

Е, го туриле веќе житото во воденицата да се мели. Дури се мелело брашното, детето му вели на Ќосето:
„Ми рече татко ми да ми го сомелиш брашново убаво, да ми месиш и една погача потпаана и да ми ја дадеш и ќерка ти".

— „Арно рекло Ќосето; поседи троа, почекај дури да се сомели брашново, и ќе ти направам погача".
Ќосето клало еден казан вода да се топли, за да му меси погача.

Брашното се сомлело и водата се стоплила. Ќосето го собрало брашното и го сипало сето во казанот, ѓоа за да меси погача; ама не се замесило тесто, туку се сторила кнока каша како за тури-потпечи или за питулица, (зашто брашното било малу спроти водата).

— „Ами сега? рекло Ќосето; брашно не ни фтасуа за погачата".
И детето се почудило! „Татко ми ми нарача рекло тоа, да ми дадеш брашното и да ми дадеш и погача!"

— „Ее, рекло Ќосето; ами брашното ето, не гледаш? го турифме во казанов; кај да ти најдам сега брашно?"
И се подскарале.
Тогај Ќосето рекло:
„Не; ние инако да сториме: да се надмамуаме и, ако ме надмамиш, ќе ти дадам од мое брашно и ќе ти дадам и погача; а ако те надмамам, нема да ми сакаш брашното“.

Детето се сторило каил и фатиле да се надмамуат — кој поголема маменица ќе кажи. Ќосето, како постар човек, фатило прво тоа да кажуа маменици:
„Едно време, рекло гледаш тој јаз? По крај јазов беше изникнал еден корен краставичин; порасте расцути и даде плод такви големи краставици, што една краставица беше се префрлила преку јазов на брег, и ние врвевме и камили по неа, како по мост“...

„Хаа! му го пресекло зборот момчето; знам, знам; татко ми кажуаше оти во тоа време, кога еднош поминуале по неа царските камили, товарени со хазна, како по мост, тој се скрил внатре во краставицата и кога поминуале камилите, се растресол еднош, мостот (краставицата) се разнишал и камилите паднале во јазот та се удавиле. Татко ми станал, излегол од краставицата, ги собрал од јазот товарите хазна и си ошол дома, та си се сторил многу богат“.

— „Имавме и триста улишча. Татко ми секое утро стануеше и ги пребројуаше пчелите една по една. Една утрина, број, број, му нема една пчела! Што се стори пчелата? Бре овде пчела, бре онде пчела, пчелата ја нема! Татко ми што да чини за да ја најди пчелата? — Го оседла петелот убаво лепо, та му се перна да шета по целата земја, да ја бара пчелата! Одил, одил, каде не одил, дури до крај земја. Нај после кога дошол во Багдад, таму ја нашол впрегната во плуг заедно со еден вол каде орала нива! Хаа, си рекол; ете ми ја пчеличката. Ја отпрегнал од плугот и си ја забрал пред себе, та дури дома си ја донесе и ја замеша со другите пчели. Кога ќе отседла петелот, што да видиш? Му се отворило коџамити садно на плеќите! Сега што да чини, за да му ја излекуа раната? Опита едного, опита другего; најпосле некој му рекол да сожвака едно јатро од орев и да му наложи на раната. Татко ми скрши еден орев, го сожвака јатрото и му ја наложи раната, а пак озгора ја посипа со малу прав, та му ја врза со крпа. Утринта кога сотресе крпата, за да му преврзи раната, што да види? — чудо почудено: — ореовата јатра изникнала и фрлила коџамити филизи. Потем време, малу по малу оревот расте порасте колку еден даб и роди едночудо ореи. Чавките на него си направија седела и опилија чавчина. Пусти дечишта, поминвеешчем крај него фрлаа со камења и грудки земја, за да чукаат ореи и да уриваат чавчината. Земјата и камењата што ги фрлиле дечиштата се набрале на оревот, та се сторила коџамити нива од десет кила семе и израсла и корија. Татко ми ја изора нивата со тридевет плугои и ја посеа; а низ коријата шетале волци, мечки и лисици. Кога дојде време за жнање, татко ми ги покани на жетва од три села момите и момците, да ја жнијат. Кога тие си жниеле, ето ти од коријата им излегла лисица. Жетварите и жетварките се спуштиле по неа да ја фатат. А чунки не можеле да ја фтасаат, еден од жетварите фрлил по неа со српот. Пустиот срп, така се погодило, та рачката му влегла и му се закачила во месата на лисицата. Кутрата лисица, од мака и од беља врти ваму, врти таму, та со вртењето ја пожнала сета седба, а најсетне, кога пожнала сè и приближила да се крија пак во коријата ѝ испаднал српот, а заедно со него паднала и една пусула напишана. Жетварите се спуштиле да видат што е тоа, и виделе оти била една пусула напишана. Ја зеле, ама не умееле да ја отпеат. Ошле кај кадијата го помолеле да им ја отпеи. Кадијата им ја отпеал".
— „Ее, што имало пишано во неа?" опитало Ќосето.
— „Во неа било пишано, одговорило детето, ето што“:
„Ќосето да не јади многу трици, ами да ти го даде брашното и погачата и ќерката си!"

И така Ќосето се познало веќе за надделено во мамениците, та му дало на детето брашното и една погача подпаана и ќерка си за жена. Детето си го товарило брашното на магаренцето, си зело погачата и невестата и си ошло дома.



Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е непознат/народно творештво.