Си била едно време една мајка. Таа си имала саде едно дете сираче, без татко. Го давала на даскал, бегало; на занаат — пак бегало!
Еднаш заедно со него врвела преку еден мост и, како се уморила седнала на еден камен да си почине и офнала:
— Оф, јас сирота! Што да чинам?
Часокот ѝ се исправил еден човек и ѝ рекол:
— Што офкаш? Што мака имаш? Кажи ми!
Таа му рекла:
— Детево го дадов на даскал и на занаат, никаде не ми седи. Сега не знам што да чинам!
— Дај ми го мене — рекол човекот, — во една година време ќе ти го научам секаква наука.
— Арно! — рекла жената. Како ти е името и кога да дојдам, да си го земам?
— Името ми е ОФ — рекол тој, — и детево да дојш да си го земеш в година, денешен ден. Викни ОФ и јас ќе се јавам.
Другата година, на истиот ден, мајка му на детето дошла на мостот, седнала на каменот и извикала:
ОФ, кај си?
Човекот се јавил, и го дал детето и и рекол:
— Ништо не му фаќа главата!
Мајка му еи го зела и си ошла дома. Детето ѝ рекло:
— Мајко, јас се научив многу науки и марифети, туку се преправам, како небаре не можам да се научам, оти даскалот, тој што ме зеде беше натемаго (ѓаволот). Сега јас ќе се преправам јунец, и ти да ме продадеш скапо; туку да не се излажеш, да му го дадеш и јажето, оти не ќе можам да се вратам!
Мајка му го продала, а тоа по една декика си се вратило. Така се престорило неколку пати и мајка му добила веќе доста пари, да се преранува.
Еднаш, кога се преправил на коњ, многу убав, и го посакал еден многу убаво облечен човек; и давал многу пари, туку и го сакал и оглавот. Таа како не му го давала, тој опнал да го земе со сила. Детето го познало оти бил ѓаволот и се преправило на зајак. Човекот (ѓаволот) тогај се преправил на ’рт и се спуштил по него. Штотуку го превтасал, зајакот се преправил на гулаб, а пак ѓаволот на сокол. Гулабот летнал и дошол над една кула и низ одџакот се впуштил внатре преправен на чудно јаболко. Внатре имало луѓе и зеле да го мирисаат. Гаволот влегол како човек и го зел и тој да го помириса. Штотуку го зел тој, јаболкото се преправило на просо и се растурило по одајата. Гаволот се преправил на квачка со дванаејсет пилци и го исколвале. Останале две три зрнца под полата на еден од луѓето. Тие се сториле лисица и ги издавиле сите пилци со сѐ квачка.
И така детето ученик излегло помајстор од ѓаволот даскал.