Манифест на Привремената Влада на Македонија - 1881

Од Wikisource

Манифест на Привремената Влада на Македонија - 1881

23 март 1881 во Ќустендил

Македонци,

Нашата мила татковина Македонија некогаш беше една од најславните земји. Македонците ги поставија основите на уметноста на војувањето, со нивните победоносни фаланги и просветлувањето на Аристотел, го цивилизираа човештвото и Азија. А сега нашата татковина, толку славна во минатото, сега е на прагот на уништувањето, благодарение на нашите грешки и негрижа. Туѓи и сомнителни народи сакаат да ја освојат нашата татковина и да го уништат нашиот народ, кој, блескајќи со таква светлина, никогаш нема да биде уништен. Нашата мајка Македонија стана како вдовица, осамотена и напуштена од нејзините синови. Не го вее знамето што го вееше победоносната македонска војска. Денеска е само географски поим. Како некој да се обидува да ја прикрие нејзината победоносна природа со прекривката на заборавот. Гробот ѝ го ископаа натрапници кои сноват низ нашата земја и ја троват со смртоносни отрови. Тие натрапници се гробарите на нашата велика и славна татковина, тие се договараат како да ја распарчат и да ја препуштат на победничките војски на Австро-Унгарија. Ако еден јарем се замени со друг, обновувањето на Македонија ќе стане невозможно и нашиот народ ќе биде збришан. Овој момент е клучен за Македонија; ова е прашање на живот или смрт.

Вистински Македонци, верни чеда на вашата татковина!

Ќе дозволите ли вашата татковина да биде уништена? Погледнете како се гуши во ропство, како крвави од раните што околните народи и’ ги нанесоа! Погледнете ги тешките синџири во кои Султанот ја окова! Во таква беспомошна состојба, сета во солзи, нашата мила Македонија, нашата драга татковина ве вика: вие, мои верни чеда, вие наследници на Аристотел и Александар Велики, вие во чии вени тече Македонска крв, не ме оставајте да умрам, помогнете ми! Голем срам ќе биде за вас, вистински Македонци, ако останете неми сведоци на мојот погреб. Не, не, еве ги моите грозни раскрвавени рани, еве ги моите тешки пранги: скршете ги, расковете ги, зацелете ги моите рани, направете се’ што е во ваша моќ за да се напишат зборовите „Сложна и обединета Македонија“ на знамето што ќе го кренам. Откога ќе успеете победоносно, избркајте ги убијците од оваа земја кои го веат знамето на раздорот и сеат погубни идеи, делејќи ве, мои чеда, на безбројни народи, па така обединето под знамето на Македонија, како единствен народ, дигнете го високо тоа славно знаме и подгответе се еднодушно да напишете на него:

Да живее македонскиот народ, да живее Македонија!

Тоа е гласот на нашата земја, тоа е нашата слобода - нашето народно наследство. Ако ги прогласите овие зборови, ќе бидете поздравени од слободно мислечките народи и сите благородни срца ќе побрзаат да ви се придружат и да се борат, да ви помогнат да ја добиете светата слобода, која толку векови веќе ви е одземена.

Македонци, запомнете го вашето потекло и не се одрекувајте од него!

Ќустендил 11-23 март 1881,

Верно на оригиналот Доспат 18-30 април 1881.

Претседател Васил Чомо[1]

Секретар Никола Трајков

Централната Државна Архива на Октомвриската Револуција во Москва (оддел гроф Игнатиев, Бр. 730, Опис бр 1, ед. хр. 79). Преобјавено во „Одбрани текстови за историјата на македонскиот народ, 2 дел, Скопје 1976 стр. 256-258).

Историска позадина на овој манифест[уреди]

Во 1880 година, од 21 мај до 2 јуни, на планината Грамос (Гремен теке), Островско, приморскиот дел од Македонија, се одржало Национално собрание на Македонија со учество на 32 претставници од сите краеви на земјата. Собранието било свикано за ја разгледа политичката положба на земјата по Берлинскиот Конгрес и покажаната незаинтересираност на големите сили (вклучувајќи ја тука и словенска Русија) да ја присилат Османлиската држава да ја спроведе обврзувачката одредба од чл. 23 на Берлинскиот договор за давање посебен, автономен статус на Македонија, а како непосредна цел било поставено да се утврдат мерките и акциите за постигнување така поставената «националната цел». Собранието констатирало дека и по последните големи промени на Балканот, кога сите останати христијански народи се здобиле со национална слобода и државност; «Романија, Србија и Црна Гора, по силата на Берлинскиот договор од 1878 година, се здобиле потполна независност, а Бугарија, Источна Румелија и Крит, добиле граѓански права, единствено Македонија, која уште во древно време имала своја цивилизација, била лишена од секаква помош. По што Националното собрание «еднодушно решило» од владата на Османлиската држава и големите сили да бара «праведните барања на македонскиот народ да се исполнат со брзо применување на чл. 23 од Берлинскиот договор» за Македонија.

Националното собрание избрало привремена Влада на Македонија «Единство», како извршно оперативно тело што ќе ги превземе потребните акции за реализирање на «националната цел»: создавање македонска државност. За постигнувањето на тоа било решено најнапред да се бара, по легален пат, право на автономија признато од големите сили и санкционирано со меѓународниот Берлински договор од 1878 година. Во случај владата на Османлиската држава да откажела да ја исполни превземената обврска, а големите сили не ќе превземеле мерки да ја присилат на тоа, «привремената Влада на Македонија» си зела за задача да го повика македонскиот народ на оружје, под паролата: „Македонија за Македонците“, за воспоставување на древна Македонија».

Во март 1881 година привремената Влада на Македонија објавила Манифест испратен (со Протоколарното решение на Македонското национално собрание) до дипломатските претставници на големите сили.

Во Манифестот се барало признавање правото и на македонскиот народ, како историски народ со богато и славно минато кој оставил траен белег во цивилизацијата на човештвото, да ја возобнови својата државност. Привремената влада апелирала и до прогресивното јавно мислење, до сите «слободољубиви луѓе, со благородни срца», да му притекнат на помошт на македонскиот народ во неговата борба за слобода. Со Манифестот привремената Влада на Македонија повикувала, пред опасноста татковината да биде распарчена од агресивните «околни народи», «гробари на големата и славна татковина», сите народни сили да се обединат под знамето на «единствена и обединета Македонија како единствен национален симбол». Бидејќи, само со единство можело да се смета да се извојува сопствената слобода, «тоа скапо наследство на народите». И со тоа да се обезбеди спасот на татковината. Владата предупредувала на опасноста од делба на Македонија и ново ропство што трајно ќе го спречело возобновувањето на македонската држава.

Манифестот бил прогласен на 23 март 1881 во Ќустендил (денешна Бугарија). Бил испратен до сите дипломатски претставници во Битола, Солун и Цариград. Ова е еден од најважните акти донесени од Привремената Влада на Македонија. Еден од учесниците во Привремената влада на Македонија е и Леонидас Вулгаракис.

Овој манифест се спомнува од Бугарскиот патријарх Кирил во книгата: Б’лгарската екзархија в Одринско и Македонија след Освободителната војна (1877-1878), vol. 1/1, Софиа: Синодално издателство, 1969, p. 461-466, 485.

  1. Познат и како Васил Симон