Псалм за m-lle Lili

Од Wikisource

„Псалм за m-lle Lili“

од Ацо Караманов
:Сега сум сам во својата соба и затоа ви пишувам.
Мојата соба е мрачна, мојата соба е тажна,
и само моето жолто перо шумоли по хартијата
радосно, како вљубено врапче.
Затоа, mademoiselle чујте ги моите стихови,
иако не се доволно испеглани
да капнуваат
како eau de cologne,
во вашето нежно, плус тоа, музикално уво.
Можеби ќе ви бидам толку прост
како чкрипањето на селска кола,
а вие толку убави
со нашминкани усни и душа
како портокал грчки.
Вие што имате 32 заба и фустан со боја на `рѓосано злато,
вие, чиишто гради се премногу тесни да го пропуштат сонцето,
вие, чијшто глас ѕвони како три хавајски мандолини,
чијшто глас е сладок како mocca sorta,
слушнете ги сега моиве зборови, потопли од козјо млеко:
јас ли сум виновен што улиците на мојата душа се ширум отворени
за оние што сакаат повеќе леб, повеќе сонце и небо.
Гледајте, моите очи имаат блесок на вашите лакирани чевли,
моите уши се црвени од радост, како социјалистичкото знаме,
зашто јас сум пијан од вашиот глас и поглед.
- Како се осмелувате?
- Но, mademoiselle,
та вашиот глас ми донесува три и пол кила радост,
и, иако сте поздодевна од стилот на Хорацие,
јас ве сакам повеќе од своите цокули, црни како мртовечки коли,
па дури и повеќе,
повеќе од моето кученце што се вика Бубу
и грациозно лае: ав, ав, ав!
Mademoiselle, јас сум сам во собава
и ве прашувам:
зошто вашиот поглед е посладок од бонбоните Nestley,
зошто мојот глас, што ѕвони како селска камбана
трепери како беззаб и белобрад старец
кога ќе ве видам и поздравам:
Bonjour, m-lle Lili!
Но, вие не сте сама. Кај вас има жур.
Кај вас има 15 гости, 1253 раскошни зборови,
15 „добредојдовте“ и 15 „како сте“,
15 цилиндри, плус 15 празни мозоци, плус 15 дебели черепи,
кај вас се: баталјон фрази готови за старт,
кај вас се 15 по 2 рамно 30 бели ракавици,
кај вас е: жур, жур, жур!
Но јас нема да дојдам кај вас,
зашто немам цилиндер, ракавици, насмевки.
Нема да дојдам кај вас, туку ќе ви напишам едно писмо,
добродушно, како магарешки уши.
А ако вие не ми одговорите,
ќе се најадам конзервирани сардини,
Франсис – Жамови елегии
и Андерсенови приказни
од жалост и кивавица.
И смртно ќе се разболам од љубов,
па ќе го земам своето кученце Бубу,
ќе го бакнам во муцката
и заедно ќе залаеме од жал и љубов,
вака:
Ав, ав, ав!
Ау, ау, ау!

Извор

  • Коле Неделковски, Антон Попов, Ангел Жаров, Мите Богоевски, Ацо Караманов „Избрани стихови“, Скопје, 1991, 156-157 стр.


Сите дела од овој автор се во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е починат пред повеќе од 50 години.