Прејди на содржината
Од Софија жален глас се слуша
Од Софија жален глас се слуша,
секој ден редат бесила,
на бесила висат млади борци,
борци, одбор Македонци.
Едно утро тиран се извика:
- Ред е на Васил Антевски!
Бесилката му ја покажаа,
за желба го запрашава:
- Кажи, Васил, каква желба имаш
и кажи зошто се бориш?
Желба моја е Македонија,
земја да стане слободна.
Доста веќе она робуеше,
од секој маки тегнеше.
Старо, младо, сите се бориме
и ќе се ослободиме!
Кога разбра село Оморани,
старо и младо зажали,
еден на друг они расправаа
и сите на ред плакаа:
- Од малечок за нас се бореше
и за нас Васил загина!
Ој тирани, многу го мачевте,
од прсти му нокти вадевте,
далеку го вија однесовте
и таму го обесивте.
Да знаете, абер ви праќаме,
за Васил крв ќе вратиме!
Симо Младеновски, Живко Андреевски (ур.), „Доста ропство и тиранство: македонски народни песни со тематика од НОВ и револуцијата“, Скопје, 1978, 28 стр.
Префрли ограничена ширина на содржината