Небиднина/ Десетта молитва на моето тело

Од Wikisource
„Десетта молитва на моето тело“

од Ацо Шопов


Еве го тоа место, таа заробена убавина,
таа чудесна смрт од сино и бело,
од сино и бело во очите на ветрот,
еве го тој непрокопсаник,тоа тело.
Еве го тоа место, таа свенлива убавина,
пред сите сегашности и пред сите дамнини,
пред твоето исконско темно неспокојство-
тие неизодливи нерамнини.
Ти стоиш овде немо и притаено
над овој стивнат и непознат вител.
Биди му пролет жуберлива и лековита
ако би му била повелник и жител.
И без да прашаш со древна љубопитност
дали е верен пленик на вистините,
влези тивко и незабележано,
влези со мудроста на годините.

Видете исто така[уреди]