Гоце Делчев/ Писма/ Гоце Делчев до надбискупот Менини (3/7/1898)

Од Wikisource
Писмо од Гоце Делчев до надбискупот Менини
3 јули 1898 (с.с.)
од Гоце Делчев
15 јули 1898 (н.с.)
Писмо од Гоце Делчев до надбискупот Менини, 3 јули 1898 г.


Содржина на писмото[уреди]

Поради невозможноста од името на Задграничното претставништво на ТМОРО директно да и ја искажам својата благодарност на управата на манастирот во с. Паљурци по повод на укажаната несебична помош на седумтемина наши револуционери и нивното засолнување од турската потера, го користам случајов преку Вас, Ваша Екселенцијо, да ја искажам големата благодарност кон неа, бидејќи пред страв на лична одговорност спаси седум животи од јатаганот на крвавата османлиска власт.

Наедно сакам да Ве запознам, Ваша Екселенцијо, со положбата на ропството во Македонија, за правилно да ја оцените големата услуга што и управата на Паљурскиот манастир и ја стори на нашата Револуционерна организација. Познато Ви е дека. во Македонија се развива систематска агитација за едно внатрешно востание, кое зема големи размери, така што ниту едно катче во таа борбена земја нема да не е опфатено од идејата за ослободување од турската тиранија. Токму ропската положба на христијанското население во Македонија јасно определува што треба да се прави: тоа е патот по кој оделе сите потиснати. Нашата цел е да ги исправиме неправедните решенија на Берлинскиот договор по однос на Македонија и затоа нашата борба е свртена кон придобивање на полна политичка автономија на оваа земја за сите луѓе што ја населуваат без оглед на националноста и верската припадност. Затоа нашата Револуционерна организација е длабоко признателна кон сите оние што по каков било начин ги помагаат нашите револуционери, не навлегувајќи во мотивите поради кои чинат добри дела. Чинејќи добри дела кон нас, тие всушност и самите се борат против тиранијата, нечовечноста и самата османлиска управа како владејачки систем.

Ве молам, Ваша Екселенцијо, да ја запознаете и Светата Столица во Рим со нашата признателност кон неа, бидејќи хуманите акции што ги презема за подобрување на ропската положба на македонското население се израз иа нејзината висока христијанска задача. Примете уште еднаш, Ваша Екселенцијо, изрази на нашата длабока почит и уважение.