Франце Прешерен/ Здравица

Од Wikisource
„Здравица“

од Франце Прешерен
Zdravljica


Пријатели! Се дрочи
во гроздот вино пак за нас,
што ќе нѝ ведри очи
и брекне жили, вивне глас,
и затре в миг,
јад секој, крик,
и надеж в гради крене вчас.

Но, кому полна чаша
да му се крене најнапред?
Земјава, боже, наша
варди ја, и сет словенски свет,
и секој вред.
И секој син
што е по мајка славјанин.

Враговите, пак, нека
од небо да ги стрешти гром,
слободна да е сека
словенска куќа и дом,
прангиите
со раце две
во неврат да ги пратиме.

Единство, среќа, слога
да нѝ се вратат пак;
чеда на Славија, тогаш
зберете се во синџир јак,
И сета власт
и честа, вчас
да бидат пак во нас.

Бог да ве поживи, вас
Словенски, рози мамни,
зар има моми, ко у нас,
по лика да ви се рамни,
И родот ваш
да биде страж
и страв за врагот наш.

Еј, младинци, се пие
за вас наздравица, о, надеж наша,
на татковината вие
дајте ѝ ја љубовта ваша,
та после нас
со чест и страст,
бранете ја во секој час.

И сите народи да крепнат
што жедни се за оној ден
в кој нема в спор и в крв да трепнат,
- ден в светло сонце озарен,
да нема враг
пред никој праг
и секој сосед да е драг.

Пријатели, на крај
да кренеме и за нас чаша.
Се побратимимвме и ај
да пиеме за таа дружба наша!
Та, многу дни
и добрини
нам, господе, на добрите, ни дај.