Константин Миладинов/ Побратимство

Од Wikisource
„Побратимство“

од Константин Миладинов
1858, мес. октомврија.



По планини, по друмои
Како шетаф, како скитаф,
Ето к’ идет самовила,
Самовила самогорска.
Пред лице је облак стоит,
А во него како ѕвезди
Светет очи самовилски.
Се приближвит и ми велит:
- Млад јуначе, зар не жалјаш
Ти твоите црни очи,
Та си дошол да ми шеташ
Во мојава ситна гора!
Ела сега ти по мене -
Ти да свириш, ја ќе играм.
Ако мене ти надсвириш,
Ти сум твоја посестрима;
Ако тебе ја надигра,
Тешко тебе от животта,
Горко тебе от младоста.
- Самовило самогорска,
Ја не жалјам црна живот,
Туку сакам посестримство
с’ самогорски самовили.-
Наљутена, насрдена
Трепна еднош со крилјата,
Дури облак се поткрена,
И се виде бело лице
Самовилско, огневито.
Лице блесна, дури срце
Ми го зави во пламења.
Трепна дважди, трепна трижди,
И ко бела преперуга
Та пред мене, ја по неја.
Стреде гора се најдофме.
На рамнина, на ледина
Се застои, ја засвириф.
Јаска свирам, таја играт.
Ко ветришча ко се се сретет,
Дури пушчат секаици.
Другиот ден ушче свирам.
Јаска свирам, таја играт.
Тамо, вамо искри падвет
Ко небесни да се ѕвезди.
Трекиот ден не престанва:
Јаска свирам, таја играт. -
Овде скокни, тамо скокни,
Како платно да се веит -
Дури ветки се нишает.
Наодзади уморена,
Покрај мене се навали
И ми велит: „Ја сум твоја
На сè живот посестрима.“
И от тога мој другари,
Не ме гибет дивотии,
Сабја сечит, се излеква
Оган горит, ме оздрава:
Ми е верна посестрима
Самовила самогорска.

Наводи

  • Песни, Константин Миладинов, Мисла, Македонска книга, Култура, Наша Книга, Скопје, 1986.


Сите дела од овој автор се во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е починат пред повеќе од 100 години.